Постојано „чешање“ од амбасадорите
Објавено во Рецензии
on 17 - 11 - 2015 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: Гарет, Алтхаузер,Орав, Бејли ги нема во извештајот за притисок врз судството?]
И ова е еден од оние текстови што не може да се воздржи, а да не „почеша“ од меѓународната заедница. Се заборава и тоа одново и одново дека нашата состојба во земјава не е добра и дека сите големи политички партии ја повикаа меѓународната заедница да интервенира и да помогне во нејзиното надминување, како и дека во меѓувреме на најдобар начин покажавме оти ја загрозуваме и безбедноста во регионот. Патем, докажавме и дека и покрај ветените чекори во правец на закрепнување на политичката состојба, умеевме да бидеме „недисциплинирани“ на начин на кој секако ги нервираме и тие што претходно ги молевме да нè водат кон излезот.
Линк до оригиналниот напис: Гарет, Алтхаузер, Орав, Бејли ги нема во извештајот за притисок врз судството?
Датум и време на објавување: 12.11.2015, 18:00
Датум на рецензирање: 14.11. 2015
Рецензент: Љубомир Костовски
„Влијанието и притисокот на амбасадорите на САД, Велика Британија, на Германија или на самата ЕУ преку изјавите на Џес Бејли, Чарлс Гарет, Кристина Алтхаузер да се формира специјално обвинителство со сомнителна уставна основа и форсирањето токму Катица Јанева да биде кадарот што ќе ја раководи оваа институција, ги нема во извештајот на Европската комисија ’за вашата земја’ во делот за независноста на судството и владеењето на правото. Во документот ги нема нотирано прозивањата од страна на амбасадорите до членовите на Советот за јавни обвинители (инаку регулаторно и независно тело во правосудството) да го изгласа целиот тим на Јанева, иако првично тие сметаа дека нема потреба од толку помошници, согласно обемот на работа.“
Иронијата во пристапот на весникот ја има уште во наднасловот („Јоханес Хан не гледа баш сè“). Таа е показател на целата ситуација со странците (contradictio in adjecto) – тие, странците, не треба да забележат дека се тука замолени да дојдат и за да дејствуваат во правец на надминување на кризата, ама воедно треба, белким, и да се самообвинат и да ја опишат таа своја присутност како – неуставна! Иако „уставната позиција“ на институциите, нели, лежи или се извршува во драстично недемократската атмосфера, па во правосудството немаме најпрвин независност за тие институции да бидат врзувани така лесно за – Уставот. Или нема демократска влада, ако таа не е избрана на демократски начин, а оттаму не може недемократска влада да организира демократски избори (ете, уште еден класичен пример за contradictio in adjecto). Или, зошто сакаме да има извештај на ЕУ за нас (наднасловот) ако не сакаме да одиме кон Унијата? А, ако сакаме да одиме таму, треба да бидеме соодветни на тоа друштво и да се привикнеме на интервенциите на амбасадорите во таа насока (неодржливост на насловот)? Изгледа малку шизофрено таа логика, но таа позиција произлегува од фактот дека една политичка елита кај нас сака класичната недемократска позиција на „правителството“ да ја претстави во сосема поинакво огледало и да ги прескокне сите поинакви портретирања, од каде и да доаѓаат, што во современиот свет е просто невозможно.
Проблемот со текстот е главно концентриран во првиот дел, ама и во последниот дел, каде стои дилемата зошто (во извештајот на ЕУ) сè уште ни ги бројат масовните разрешувања во правосудството од 2007 година. Демек, тоа не треба да ѝ се припише на оваа власт? Целта на текстот е да прикаже што има во извештајот на ЕУ за нас во делот за правосудството, ама насловот не е извлечен од просечната оцена за таа тема или од некоја од оцените во извештајот на Европската комисија, туку од она што таму го нема, според редакцијата. Во насловот има малициозност, а не треба да се побегне и од тоа дека постои своевидно „с’скање“ на јавноста кон амбасадорите.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
Точни факти ставени во погрешен мисловен контекст
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност,
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
издвоено од фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
Соодветна на насловот, но не и на основниот концепт на текстот
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови