verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Постизборни прекршувања

on 16 - 05 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Собрание на РМ - за пратеници ли е, за министри ли е. Фото: Википедија, 2007

Собрание на РМ – за пратеници ли е, за министри ли е? Фото: Википедија, 2007

Медиумите имаат задача да ги откриваат прекршувањата на правото кои се прават од позиција на власт и да ги експонираат пред јавноста прекршителите со цел надминување на ситуацијата на неказнивост.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Правната држава подразбира постоење на закони (логички формулирани правила на однесување кои обезбедуваат функционирање на заедницата), нивно спроведување и санкционирање на прекршувањето.

Во демократската правна држава законите треба да ги штитат и да го овозможуваат остварувањето на правата и слободите на граѓаните, сите државни структури да бидат максимално одговорни во спроведувањето на законите и да бидат под постојан надзор на граѓаните во извршувањето на своите функции.

Секое заобиколување на законите, прекршување на законите, злоупотреба на законите за државните органи, односно за луѓето кои прекршувањето го прават од позиција на државна функција, повлекува посериозна казна затоа што се третира како многу посериозен престап од прекршувањата кои ги прават граѓаните како индивидуи. Ова јасно се гледа и од висината на казните кои се предвидени во Кривичниот законик каде што за истоветни прекршувања е предвидена поголема казна кога прекршувањето е направено „со злоупотреба на својата службена положба или овластувања“.

Ваквиот начин на постапување е многу логичен ако се има предвид обврската на државата да го штити правото и ако се има предвид моќта која е на страна на оние кои се на власт да го затскријат сопственото прекршување на правото.

Медиумите имаат задача да ги откриваат прекршувањата на правото кои се прават од позиција на власт и да ги експонираат пред јавноста прекршителите со цел надминување на ситуацијата на неказнивост.

Имајќи го предвид ова, во постизборниот период во Република Македонија, медиумите треба да постават неколку прашања поврзани со постизборните прекршувања на Уставот и законите од носителите на власта.

 

Министер или пратеник?

На 10 мај 2014 година беа верификувани мандатите на новоизбраните кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија. Ова го пренесоа сите медиуми со објаснувања поврзани со работата на верификационата комисија и со посебни анализи за тоа што значи верификацијата на мандатите од аспект на нотарски заверените откажувања од нив направени од страна на СДСМ.

Медиумите пренесоа дел од објаснувањата дадени од страна на претседателот на верификационата комисија за примената на Изборниот законик, Законот за Собрание и Деловникот на Собранието. Сето внимание беше и сѐ уште е посветено на проблемот на верификацијата на мандатите на кандидатите на опозициониот блок, кои се откажаа од своите мандати пред нотар.

Меѓутоа, она што остана на маргините на сите овие известувања е фактот дека е прекршен Изборниот законик од страна на сите актуелни претставници на власта.

Имено, некаде на крајот на информациите поврзани со верификацијата на мандатите, во повеќе медиуми се појавува реченицата:

На членовите на Владата кои се избрани за пратеници им престануваат функциите, но заради обезбедување на континуитет во работата тие ќе ги извршуваат овие функции до изборот на новата Влада.

Се стекнува впечаток дека оваа реченица е доволна да ја објасни ситуацијата во која еден ист човек е и премиер, односно, министер и пратеник со верификуван мандат. И, се стекнува впечаток дека тоа е сосема законски.

Е, тоа е сѐ само не законски или некое минорно или техничко прекршување. Она што не го добиваат граѓаните како информација (освен во анализите на мал број медиуми:  ТВ дневникот од страна на ТВ Телма и интернет порталот Либертас) е дека ваквиот акт претставува директно кршење на Уставот и законите. Според членот 8 од Изборниот законик:

“… Функцијата пратеник, … е неспојлива со функцијата  претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието) и Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).

…Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник, … на носителите на функциите од ставовите (1) и (2) на овој член, функцијата им престанува.“

Според членовите 5, 6 и 7 од Законот за Собранието:

Мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување … Со верификацијата на мандатот пратеникот стекнува права и должности утврдени со Уставот, со закон, Деловникот и со други прописи и општи акти.

На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако: … настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник …
Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.

Функцијата пратеник е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон.

Дека станува збор за пратеници јасно произлегува од листата на пратеници кои гласале за избор на Претседател на Собранието на првата седница на Собранието и присуството на истите луѓе на втората седница на Собранието одржана на 12.05.2014 година.

 

Министерска плата или пратеничка плата

Она што би требало новинарите да го прашаат е:

  1. Во кој закон се спомнува континуитет во работата на Владата кој подразбира можност за негирање на членот 8 од Изборниот законик?
  2. Дали во моментов Никола Груевски, Елизабета Канческа-Милевска, Гордана Јанкуловска, Никола Тодоров, Никола Попоски се пратеници или членови на Владата на Република Македонија кои одговараат пред самите себе како пратеници?
  3. Дали министерот Поповски лажно се претставува на Глобалниот безбедносен форум во Братислава? Во кое својство настапува Елизабета Канческа-Милевска? Во какво својство најавува активности на Министерството за здравство пратеникот Никола Тодоров? Зошто пратеникот Никола Груевски присуствува на отворање на објекти?
  4. Дали ‘заради обезбедување на континуитет во работата’ овие пратеници – министри ќе обезбедат и континуитет во платата како министри, а од 10-ти мај ќе почне да им тече и плата како на пратеници?
  5. Дали во вршењето на функцијата министер тие ќе бидат заштитени со имунитетот на функцијата пратеник?

Или и за новинарите прекршувањето на законите стана нормално и прифатливо кога е поткрепено со изјава на претставник на власта?


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести