Пораките испратени, вистината заборавена
Објавено во Рецензии
on 15 - 03 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[Рецензија: Граѓаните од цела Македонија едногласни: избирачкот список е нова лажна причина на СДСМ за бегство од избори на 5-ти јуни]
Ова е еден од тие написи во кои насловот навистина ви кажува сè. За еден новинарски текст тоа и не е невообичаено, затоа, впрочем, и служат насловите – тие се дестилат на содржината. Но, во овој случај, насловот на читателот му испраќа и најмалку две пораки. Првата е таа дека целосно е поддржан наративот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, актуелен изминативе неколку месеци, дека опозицискиот Социјалдемократски сојуз не сака предвремени избори и дека постојано бара причини договорените избори да ги одложи, а сега го користат избирачкиот список како изговор.
Втората е дека многу лесно се оперира со фрази како „граѓаните од цела Македонија“ иако потоа во текстот никаде не е даден доказ дека граѓаните од цела Македонија навистина исто размислуваат за оваа тема, а уште помалку дека се едногласни, што е крајно непрофесионално и невистинито. Дури и анкетата што е направена за потребите на прилогот, е во функција на тезата од насловот, но таа ни од далеку не може да го докаже тврдењето дека проблемите со избирачкиот список се измислени, што е теза на владејачката партија, иако фактите зборуваат поинаку.
Линк до оригиналниот напис: Граѓаните од цела Македонија едногласни: избирачкот список е нова лажна причина на СДСМ за бегство од избори на 5-ти јуни
Датум и време на објавување: 11.03.2016, 17:16
Датум на рецензирање: 13.03.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
РЕЛАТИВИЗИРАЊЕ
Овој ТВ-прилог (се работи за материјал од ТВ-дневник на една од националните телевизии) има голем проблем со вистината. Освен насловот кој донесува невистинито тврдење „Граѓаните од цела Македонија едногласни…“, информациите за пријавени бројни неправилности на избирачкиот список, кои доаѓаат до Државната изборна комисија, во овој прилог се релативизираат:
„Главниот адут на социјалдемократите, фантомските гласачи, во сите нивни обиди и се испоставија како неточни.“
Вистината е дека, барем до пишувањето на оваа рецензија, сè уште не беше завршен ниту рокот за поднесување приговори на граѓани врз основа на неправилности воочени на Единствениот избирачки список, кој ѝ беше ставен на увид на јавноста, по што следуваа околу 3.000 пријави за фантомски гласачи, гласачи распоредени по повеќе од стотина во еден стан или во еден влез, во напуштени живеалишта и слично. Тоа значи дека е невистинито тврдењето, претставено во написов како факт, дека проблемите со списокот се испоставило дека се неточни. Според ова, написот манипулира со вистината.
НЕПОТВРДЕНИ СОЗНАНИЈА
Втор голем проблем на овој прилог се изворите. Иако користи повеќе и разновидни извори, тоа не му додава квалитет ниту веродостојност. Првиот цитиран извор е еден весник чиишто непотврдени сознанија се пренесени како официјални информации:
„Според пишувањата на „Дневник“ податоците од базата на МВР на која се наоѓаат повеќе од 100 илјади, не се поклопуваат со базите на другите 10 институции. Ваквите податоци не говорат за фантомски гласачи, туку македонски држајани со право на глас и постоечки адреси, но не се поклопуваат базите на институциите. Во дури 90% од овие гласачи според етничката структура се албанци, а останатиот дел македонци и други.“
А, еве што се вели во текстот, на којшто се повикува написот што го рецензираме:
„Иако нема официјални информации како досега се одвиваше вкрстената проверка на Избирачкиот список, неофицијално се дознава дека има несовпаѓања за околу 100.000 граѓани кои сепак се реални гласачи, односно се работи најверојатно за иселени лица. Тогашната структура (во текстот не се наведува когашна структура, н.з.) покажуваше дека најчесто се работи за државјани со адреси од северозападниот регион на Македонија, по етничка структура Албанци, а по родова најчесто жени.“
Директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, кој е еден од изворите, ги оправдува постојните неправилности во избирачкиот список со следнава реченица, а за неговиот став нема ниту ограда ниту е слушната другата страна:
„Бидејќи голем дел од земјата нема систем на улици тоа не смее да биде ограничување и да се оспори правото на глас на граѓаните. Ова не е случај само во земјава, туку е присутен и во европските земји, па оттаму воспоствувањето на ваков систем е долготраен процес. Најсигурен е принципот еден човек – еден глас.“
ПРИСТРАСНОСТ
Третиот голем проблем со овој прилог е пристрасноста. Вистината отворено се спинува од првата, па сè до последната реченица, а и изворите се селектирани така што се вклопуваат во основната теза на прилогот – „нема проблеми со Избирачкиот список, тоа само СДСМ измислува фантомски гласачи“.
Сè на сè, гледачите на овој ТВ-прилог нема да добијат точна и непристрасна информација како стојат работите со избирачкиот список во пресрет на вонредните парламентарни извори. Барањата на опозицијата за спорните случаи со фантомски гласачи да се решат пред да се оди на избори, во овој прилог се исмеваат, а вистината се забошотува.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови