verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Политичарите најнапред ни ја продаваат својата приватност, а потоа си ја бараат назад

on 6 - 08 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Крај на приватноста: нема повеќе затворени врати за политичарите. Фото: Mike Licht, 2008

Крај на приватноста: нема повеќе затворени врати за политичарите. Фото: Mike Licht, 2008

 

Политичарите самите ги поместуваат границите на својата приватност кога треба да им се доближат на бирачите: не внесуваат во дневната соба, не повикуваат на веселби и слично. Тие сакаат да остават конкретна слика за себе кај гласачите – одат на берба на грозје, потоа пијат вино кое е направено од таа берба, говорат за своите вкусови… Постои теорија според која секој кој отворил свој Фејсбук профил веќе ја изгубил својата приватност! Каква е поуката од случаите „Снежана Милкова“ и „Пеѓа Грбин“?

 

Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

 

Прашањето на границите на приватноста и личниот интегритет во медиумите е веројатно стара тема, иако таа, и покрај многу истражувања, не е секогаш лесна да се користи како дефиниран поим за да се одредат појасно границите кои медиумските работници можат да ги преминат. Во македонски услови тоа е особен проблем, бидејќи, ако добро се перцепира судската практика, во наши услови новинарите секогаш се виновни кога пишуваат за политичарите од едноставна причина што се поаѓа од фактот дека тие – пред сѐ оние од власта – се повредени (нивната чест, углед и слично) независно од тоа што се работи за категорија на јавни личности, значи за персони кои во принцип, во демократско општество треба да бидат најмалку чувствителни за оценки за нивната работа и однесување, која, исто така, е дел од политичкиот занает.

Како илустрација на оваа тема границите на приватноста кај јавните личности може да се земат од регионалното секојдневие (за да се видат разликите во реакциите!) и од тоа од најнов датум.

Гледано формално-правно „приватноста на луѓето се однесува на област која не е во јавната сфера, каде нема активности во име на бизниси, на владеењето или слично, а тоа се однесува на самиот себе си“. Терминот „privacy датира од 1890-тите. Дефиницијата е на судиите Луис Брандис и Самуил Ворен објавена како „The right to privacy“ во „Harvard Low Review” (година 4, број 5), определени како Individual’s right to be let alone, односно како право на поединецот да биде оставен на мир (види под одредница Privacy на Википедија).

Теоретичарката Драгица Попеску (види овде) вели дека низ историјата личните вредности, какви што се животот, слободата, името, честа и угледот, се сметало дека се интегрален дел на личноста и таму теоретски се наоѓаат основите тие да не бидат заштитени со посебни права, како што постои кај заштита на личниот имот, бидејќи постои нераскинлива врска на приватноста со човекот како социјално суштество. Сепак, личната сопственост, како објекти на личните права се заштитени во граѓанското право, каде личните права се посебна гранка на современото граѓанското право, кое предвидува заштита на личниот имот, а тука е и фактот дека одредени аспекти на личноста се заштитени со Уставот или со нормите на кривично или некое друго право. Личните права, вклучувајќи го правото на приватност, се цел на јавната заштита на податоци и евиденција во врска со нечиј приватен живот.

 

АФЕРА „СНЕЖАНА МИЛКОВА“

 

Но, да минеме на конкретни ситуации. Кај нас е актуелна аферата „Снежана Милкова“, за која, читаме во „Плусинфо“ е заинтересиран, само во во принцип и Советот на честа на ЗНМ. Бидејќи новинарот не бил член на ЗНМ веројатно за овој случај нема да се расправа. Накусо, според таа информација, една од ретките која пост фестум е достапна како бесплатна, еден новинар на Фејсбук отворил лажен профил (дамски) од каде му пуштал пораки на искушување на пратеник од владеачката партија. Наводно тој реагирал на пораките, користејќи го својот мобилен апарат. Хипотетички, резултат на тоа е можна промена на неговата слика во јавноста – истиот е член на демохристијанска партија која се залага за поконзервативни вредности. Сѐ се случува во светлината на гласањето за уставни измени со кои се востоличува како единствено призната брачната заедница меѓу маж и жена (дури и како вонбрачна) и слично. Реакцијата на пратеникот, според неговиот демант, е дека неговиот мобилен апарат во мигот кога имало одговори на провокациите, наводно му бил украден во траење од два часа и оттаму тој нема одговорност за користењето на апаратот, а истовремено и обвинува за злоупотреба на неговиот личен идентитет.

Во случајот се интересни некои моменти. На пример, дали новинарот можел да користи лажен идентитет за да дојде до некои сознанија или информации. Потоа, дали тие информации имаат релевантна содржина за да бидат пласирани во јавноста, бидејќи во спротивно тие предизвикуваат последици (во семејството, меѓу сопартијците…), а се, сепак, од дискрециона природа. Битен е и контекстот и времето кога тоа се случува за да се допре до релеватноста на пораката (сознанието) кое го даваат. Потоа дали, ако имаш Фејсбук профил, каде си истакнал некои податоци за себе, не си веќе со поместени граници на приватноста на кои самиот си се согласил (дури и да не си јавна личност!).

 

АФЕРА ПЕЃА ГРБИН

 

Да земеме уште еден пример, во овој контекст, со поинаква реакција од политичарот.

Пеѓа Грбин е СДП-овски пратеник во хрватскиот парламент кој неодамна цела ноќ во Пула имал „пијан перформанс“. Тој е снимен од мобилен телефон – речиси целиот тој „настап“, во кој има сѐ, па дури и пеење на профашистички песни на Томсон неспоиви со имиџот на социјалдемократ. Неговата реакција е – јавно извинување. Ниту збор за тоа дека некој му ја загрозил приватноста, иако веселбата била приватна?! „Јас сум пијана будала!“ – вели тој и бара прошка од сите познати, од неговите гласачи и слично (види тука). Во ТВ дебатата по повод овој настан учествуваа Мирела Шпањол Марковиќ, советничка за јавно комуницирање и Томислав Клаушки, колумнист на „24 часа“.

Клаушки вели дека „политичарите нам ни ја продаваат целата своја личнност и немаат работно време – тоа им трае цели 24 часа, нон-стоп“. Тој додава дека политичарите самите ги поместиле границите на својата приватност – не внесуваат во дневната соба, не повикуваат на веселби и слично кога треба да им се доближат на бирачите. Тие сакаат да остават слика за себе кај гласачите – одат на берба на вино, потоа пијат вино кое е направено од таа берба и тешко е да се говори за нечија приватност. Овој колумнист, имено, смета дека е точна онаа теорија по која секој кој отворил свој Фејсбук профил веќе ја изгубил својата приватност!

Мирела Шпањол Марковиќ, пак, смета дека хрватскиот политичар дури направил вистински погодок кога се извинил и кога рекол дека најмногу жали што во таква светлина го виделе неговата мајка и баба (!). Анкетите покажуваат дека кај гласачкото тело (јавноста) овој пат рејтингот дури и му пораснал!! Не е битно што сте направиле како политичар, туку што потоа сте сториле и како сте го објасниле тоа, коментира таа.

Оваа аналитичарка споменува многу други случаи каде политичарите одбегнувале извинување, а практично оделе против ставовите кои партијата ги застапува во својот приватен живот и си направиле противуслуга! Таа споменува пример со министерот Бањол кој поддржал закон што отежнува вонтелесното оплодување на мајката, ама самиот потоа (како брачен партнер) користел таква постапка! Тоа се смета за поништување на политичката веродостојност.

 

САКАШ ПРИВАТНОСТ? ВНИМАВАЈ 24/7!

 

Кај секс скандалите таа смета (низ француските примери со премиерите во поново време) дека тука нема јавен интерес, освен ако љубовниците на јавните личности од сето тоа потоа извлекле некаква корист (добиле работа, тендер…). Љубовта не е забранета, дури и полигамната.

Според колумнистот Клаушки, да се вратиме на него, приватна е работа каде премиерот Милановиќ оди на одмор и со кого. Но, ако го минал одморот со гувернерот на Народната банка во викендица на некој тајкун, е тоа е веќе работа за која јавноста треба да знае и дека (соодветно на ова, така може да се сфати) новинарите не нарушуваат ничија приватност, ако тоа и го откријат на јавноста.

И Шпањол Марковиќ вели дека границата на приватноста е јасна кај летувањето – ако се користи државно возило или авион, тоа не е дозволиво и мора да се извести (кога ќе се дознае) јавноста. Ако оди во работно време во летувалиште и таму се капе, тоа не е дозволиво или ако оди во приватен хотел, а не плати сметка, тоа секако не е дозволено. Така е паднат од функција еден германски претседател!

Значи, ако е вратиме на случајот кој го споменавме од нашата стварност, излегува дека е отворена опцијата новинарот и да користи таков (лажен) профил, доколку има индиции дека на тој начин би ја прикажал во поинаква светлина личноста на политичарот кој ни се продал еднаш како загрижен, конзервативен политичар и кога се во прашање сексуалните односи и релации, како во тој случај. Освен кај споменатиот предлог за измени на Уставот во однос на прашањето на бракот, истиот политичар, само како илустрација, деновиве е иницијатор за отворање на еден црковен (религиски) објект што го профилира неговиот имиџ во јавноста.

Судот на честа на ЗНМ треба да е свесен дека се работи за многу сложен проблем и не смее туку-така да се залетува во дневно-политички просудувања, задушувајќи ги истражувачките мотиви кај членството. Прашањето на заштитата на приватноста е нешто што се менува секојдневно, пред сѐ, заради напредок на техниката и комуникациите. Но, кај политичарите е јасно – и соочен со вистински и со лажен профил јавната личност, значи и пратеникот, треба да реагира подеднакво! Тие повици или се игнорираат или одбиваат! Друго е прашањето дали одговорите дадени на провокациите на новинарот се негови или не, што е предмет на просудување на јавноста, односно на документирање на недостапноста на изворот за комуникација до политичарот во одредено време.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести