verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Полицијата е заштитник на граѓаните, но кој да ја штити полицијата?

on 13 - 01 - 2014       
6195537609_4c3d254147_b

Ќе успеат ли да им стават СТОП на своите шефови во МВР кога станува збор за полициските плати? Фото: vldmrk

 

Зачудува што иако претседателот на независниот синдикат во изјавата за Телма вели дека полициските службеници се под постојан притисок и исплашени јавно да реагираат, па дури не ја исклучува и можноста револтот да го искажат со порадикални мерки, тоа не било предизвик уредниците на овој медиум, но и за другите кои ја пренесоа информацијата на 5 јануари 2014 година да проследат што ќе се случува понатаму!

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Основна функција на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството (Закон за полиција).

Факт е дека има голем проблем кога полицијата не ги почитува правата на граѓаните при нејзиното работење за што треба да се грижи покрај другите и внатрешната контрола во Министерството, но уште посериозен проблем има секоја правна држава која правата на вработените во органот, кој е задолжен да ги штити правата на граѓаните, ги става во втор план. Уште позагрижувачки е ако медиумите не го препознаваат, или уште полошо, ако го игнорираат проблемот.

Предмет на анализа е незаинтересираноста на медиумите да ги согледаат и објективно да известат за правата на полицијата од работниот однос кои се дел од сите меѓународни конвенции и договори потпишани од страна на РМ во делот на гарантираните човекови права. (Универзална декларација за правата на човекот).

 

Медиумите се окото и увото на граѓаните

 

Само шест медиуми се охрабрија да известат за реакцијата на полицискиот синдикат дека не се задоволни од систематизацијата на работните места на полицајците и од третманот кој го имаат. Но, на кој начин ? Дури четири од нив буквално со по една или две реченици ги пренесоа изјавите на Независниот синдикат на полицијата и портпаролот на МВР без никаква дополнителна анализа, без да се постави прашање од типот: кој учествувал во изготвувањето на систематизацијата, дали биле консултирани претставници на вработените во МВР (знаеме дека таму има поголем број различни служби кои немаат исти обврски и одговорности).

 

„Независниот синдикат на полицијата обвинува дека со новите правилници за систематизација на работните места во МВР , се намалиле платите на дел од вработените, а при вработување кандидатите не биле вработени на местото за кое аплицирале. Портпаролот на МВР вели, ова се шпекулации, бидејќи репрезентативниот синдикат, учествувал во преговарањето и поставувањето на новите правилници.“ Сител

 

„Полицајците се жалат на неправди од МВР, тврдат платите им се намалени , а работат на неадекватни работни места. Од МВР демантираат. Велат обвинувањата се шпекулација. “24 Вести

 

„Полицискиот синдикат го обвини МВР дека неправедно ги систематизира работните места на полицајците. Според претседателот на синдикатот, на некои полицајци им се намалени платите, а на други, кои се на раководни позиции, им се зголемиле и така високите примања. Портпаролот на МВР, Иво Котевски ги отфрли ваквите обвинувања како неосновани.“ Либертас

 

„Полицискиот синдикат го обвини МВР дека неправедно ги систематизира работните места на полицајците. Претседателот на синдикатот, Гоце Делчев, рече дека на некои полицајци им се намалени платите, а на други, кои се на раководни позиции, им се зголемиле и така високите примања. Портпаролот на МВР, Иво Котевски ги отфрли ваквите обвинувања како неосновани“.Алсат М

 

Неколку часа подоцна новинарите на 24 Вести, најверојатно сфаќајќи дека станува збор за посериозен проблем кој треба да се обработи, а не само за обична вест, навеле дека станува збор не само за „намалени плати“, туку и за „тортура на работно место но и неправилна распределба на позициите според образованието“. 24 Вести

 

Сепак, проблематично е зошто не се обиделе да ги пронајдат и прочитаат  ,,двата значајни документи за регулација на платата кои министерството ги донело неодамна и кои биле без нивна консултација, а кои им одговарале само на оние кои и така земаат поголеми плати од нив“ (24 Вести) и од нив да се извлечат и објават деловите кои се спротивни за Законот за полиција, кој беше донесен во септември 2012 година, спротивни на подзаконските акти или, пак, на Законот за работни односи во делот на еднаквиот третман на вработените на исти работни места.

Односот на МВР кон, според нив „нерепрезентативниот“ синдикат, исто така, е пренебрегнат и воопшто медиумски не е обработен, иако има простор за сериозни анализи.

Телма има малку пошироко разработување на темата, меѓутоа ако се согледа суштината и кај нив се гледаат само фактите кои ги дава Независниот полициски синдикат и портпаролот на МВР. Никаде го нема ставот Македонскиот полициски синдикат кој МВР го смета за репрезентативен. Од информацијата, така како што е презентирана, може да се заклучи дека не е ниту побаран неговиот став, бидејќи во спротивно, ако е побарана негова изјава (на претседателот на Македонскиот полициски синдикат) и тој одбие да ја даде, тоа треба да стои во информацијата.

Во новинарството постои можноста од т.н. објавување на вест во низа. Зачудува што иако претседателот на независниот синдикат во изјавата за Телма вели дека полициските службеници се под постојан притисок и исплашени јавно да реагираат, па дури не ја исклучува и можноста револтот да го искажат со порадикални мерки, тоа не било предизвик уредниците на овој медиум, но и за другите кои ја пренесоа информацијата на 5 јануари 2014 година да проследат што ќе се случува понатаму!

 

Дали и како полициските службеници имаат можност да ги остварат своите права?

 

Никој од медиумите кои ја објавија информацијата дека нешто се случува во полицијата не си ги поставија трите многу важни прашања: што значи полицијата да ни биде под притисок, исплашена и кои се тие (по)радикални мерки кои таа може да ги преземе.

Вака наведени, само како факти, без да се конкретизираат (од каде доаѓа тој притисок, кој ги плаши припадниците на полицијата) сериозно може да се дебатираат од страна на јавноста која полицијата ја сфаќа како органот кој треба да се грижи за нивната безбедност. Не е воопшто добро тој што треба да те штити да има влијание од некој друг токму во таа сфера.

Полицискиот службеник е должен при вработувањето во полицијата да потпише изјава со следниов текст: „Се обврзувам дека во својата работа ќе ги почитувам Уставот, законите на Република Македонија и стандардите на полициската етика, совесно и уредно ќе ги вршам полициските работи и ќе ги почитувам основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“.(Закон за полиција) Со истиот закон е регулирано и вреднувањето на трудот, правото на политички ангажман, правот на штрајк и други права.

Доколку на поинаков (професионален ) начин пристапеа кон согледувањето на проблемите на полициските службеници во МВР, медиумите ќе беа на нивото на својата задачата и претходник на правдата, основа на демократијата и просветители на јавноста како што стои во нивниот кодекс (Кодекс на новинари). Вака како што ја пренесоа информацијата само (о)станаа соучесници во обидите да се манипулира со јавноста.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести