verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Покрај совест и работливост, новинарот мора да поседува и знаење

on 18 - 08 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Ослепен од новинарството. Фото: Ahmad Hammoud, 2009

Ослепен од новинарството. Фото: Ahmad Hammoud, 2009

 

Новинарството бара постојано образование, надградба на општа култура која треба да е поширока од просечната, следење на светските трендови од сите области, стручност за одредени прашања и општо знаење од историја, политикологија, право, економија, социологија, социјална психологија, филозофија, логика, уметност, спорт и современите технологии.

 

Пишува: Александар Писарев

 

За што подобро да ја извршува својата новинарска професија, новинарот, покрај совест и работливст, мора да поседува и знаење. Тоа подразбира донекаде ециклопедиско знаење, потоа широка култура и стручност за областите кои ги следи. Поради елементарното непознавање на многу области кои се предмет на јавен интерес, евидентно е отсуство на интересни текстови и емисии што е незаобиколлива компонента за добро новинарство со амбиции.

 

ПОЛУЗНАЕЊЕ Е ПОЛОШО ОД НЕЗНАЕЊЕ

Полузнаењето е полошо од незнаење. Полузнаењето најчесто доведува до ситуација во медиумите да се маргинализираат фактите кои се важни, затоа што новинарите не знаат да ги протолкуваат или презентираат на начин прифатлив за публиката, што доведува до отсуство на фактографски поткрепени и издржани рубрики во медиумите.

Дека без елементарното познавање на египетската цивилизација може да се пишува на пример и за пирамидите покажува овој пример:

…„Иако пирамидите се познати за египетската култура, некои велат дека ги има на територија на Македонија и дека ги донел Александар Македонски од далечните патувања“… Дали навистина има пирамиди во Македонија.

…„Покрај тоа што веќе се снимени неколку прилози за пирамиди во Росоман, свингата кај Селце Прилепско, деновиве е актуелна пирамидата на Водно“… Откриена пирамида на Водно.

Ова важи за повеќе области, почнувајќи од културата, уметноста, историографија, здравството… Тоа незнаење е најевидентно во секојдневните текстови врзани за општествено-социјални појави и движења:

…„Вчера дознавме дека најголем број на новозаболени се семејни мажи кои имаат машки партнери“… Нови случаи на сида во источна Македонија.

Поради ниско ниво на енциклопедиско знаење, очаен е и квалитетот на лингвистичкото изразување и има лошо или потполно погрешно толкување на одредени поими и појави. Во редица медиуми се мешаат поимите „метрологија“, (научна дисциплина која се бави со мерки) и „метеорологија“ дисциплина која се бави со временските појави и промени.

…„Аеродромот е затворен, автомобилскиот сообраќај е целосно замрен, само ретки пешаци има на улиците. Метролозите најавија дека новиот циклон ќе донесе и“… Поради снегот предложена вонредна состојба.

 

За утре метролозите предвидуваат променливо облачно и посвежо време, Дожд со грмежи и засилен ветар, Јулски температури во април.

За учесниците во демонстрации постојано се употребува изразот протестанти, кој определува религиозна заедница.

Денес, дефиниција на новинарската професијата би била дека новинарството ни е лошо, новинарите непотковани, а професијата деградирана. Оваа констатација не може да се порекне.

 

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ

Да се присетиме само во какви околности се образувале генерациите новинари кои денес седат во редакции: војни, штрајкови, кризи, тензии, распад на државата, создавање на нова држава, нарушен систем на образование… Ова е едена од причините за огромната дупка во образованието. И она што би можело да биде од помош, а го нема во нашите медиуми, е добар уреднички кадар. Уредниците треба да бидат луѓе кои не само што добро си ја знаат својата работа, туку и луѓе кои ќе знаат да ги едуцираат младите новинари, да ги насочат како и на кој начин најлесно да ги пополнат своите дупки во образованието и да се здобијат со енциклопедиско знаење, толку нужно во извршувањето на новинарската професија. Покрај самоиницијативност, кога веќе влегле во редакција, тие, уредниците, треба да ги упатат и на можностите и формите за постојано дообразование, за проширување на фондот на знаењето од областите кои се централната тема на сите медиуми: користење литература, пребарувачи на интернет, како се користат и кои се клучните зборови да се провери некоја информација, поим, појава, настан од сегашноста или минатото.

 

МОЖЕ ЛИ СЕКОЈ ДА БИДЕ НОВИНАР?

Следењето на настаните од современиот живот и аналитичкиот приод кон темите од јавен интерес не може да се сведе под заедничкиот именител да се одговори на петте основни новинарски прашања. Кога би било така, тогаш секој би можел да биде новинар.

Разбирањето на оваа професија сѐ почесто се третира токму од аголот на овие пет прашања што го поткопува новинарството, а јавноста е секој ден посиромашна за добра, релевантна точна и интересна информација.

Имаме ситуации новинар да помине некаква обука од една или две недели, да научи да одговори на основните прашања КОЈ, ШТО, КОГА, КАДЕ, КАКО, приказната ќе ја дополни се некоја изјава и, грубо кажано, тоа би било сѐ. Според оваа логика, секој кој не може да се најде во својата професија секогаш може да биде новинар. Факултетската диплома може да биде само основа и патоказ како да се спознаат и другите области важни за новинарската професија и новинарскиот поглед на животот, а тоа подразбира и лингвистичко знаење и етимолошко толкување на многу поими и изрази.

 

ЗОШТО СЕ ТОЛЕРИРА

Голем број новинари немаат широка култура, не поседуваат ни елементарно енциклопедиско знаење, а како последица на ваквата состојба во редакциите работата се врши неквалитетно. Сопствениците на медиумите ја толерираат ваквата состојба, бидеќи така полесно манипулираат со новинарите и си ги штитат сопствените интереси кои се често спротивни на јавниот интерес. Најголемите губитници се граѓаните.
Дефиницијата која новинарот го опишува како „универзален незнајко“, иако често се изговара со симпатии, крие во себе сериозно предупредување дека во оваа професија нема оправдување за незнаење и неинформираност.

Не зборуваме за ситните грешки кои често и стручната јавност ги простува, но ноторно незнаење, мешање на поимите, погрешни термини, грешки во хронологијата, се непростиви новинарски пропусти, кои, за жал, стануваат правило посебно на порталите и во таблоидите.

Спомнатите, но и многу други примери на незнаење, само придонесуваат на уште поголема недоверба на граѓаните кон медиумите, а новинарската професија вртоглаво го губи угледот кој реално би требало да го има со оглед на нејзината претпоставена моќ. Всушност, моќта произлегува од влијанието кое медиумите го имаат во јавноста, меѓутоа ако на јавноста и понатаму ѝ нудиме елементарно незнаење, тогаш наскоро ќе зборуваме за тотална немоќ и апсолутно изгубено влијание на медиумите и новинарите врз општествените процеси и премрежија.

 

ПОСТОЈАНО УЧЕЊЕ

Стандардните темели на новинарската професија се знаење, способност, снаодливост, совест и она што се стекнува со време – искуство.

Новинарството бара постојано образование, надградба на општа култура која треба да е поширока од просечната, следење на светските трендови од сите области, стручност за одредени прашања и општо знаење од историја, политикологија, право, економија, социологија, социјална психологија, филозофија, логика, уметност, спорт и современите технологии. Можеби оваа листа на потребни знаења на прв поглед делува застрашувачки, но доколу некој сака сериозно да се бави со оваа работа треба веднаш да почне со освежување на знаењето од овие области, бидејќи пред јавноста не се срамат само тие што останале на потпросечното ниво на општо знаење, туку и нивните колеги. А, едноставно, добар дел од колегите не сака да се срами поради нив.

Соочување со одговорноста при работата во јавната сфера и со судот на јавноста може да да го доведе новинарот во ситуација да се срами од она што го напишал. Тоа и не е најголемата „казна“, поголемата е ако и неговите колеги се срамат од она што тој го напишал.

 

ТРКА СО ПУБЛИКАТА ВО ЗНАЕЊЕТО

Во време на брзи и современи комуникации денсека постои добар дел на читателската публика која е натпросечно информирана и со голем фонд на општо знаење. Ако новинарот постојано не го надоградува своето знаење со нови информации од областите кои се од јавен интерес, тлото под нозете почнува да му бега, а неговата илузија дека е добар новинар, или дека воопшто е новинар, се руши како кула од карти.

 

ПРЕБАРУВАЧИ

Помина времето кога генијалните поединци можеа во главата да го држат целото знаење на своето време. Денес тоа повеќе не е можно. Ни најголемите компјутерски мемории, ни познатите библиотеки не можат повеќе да ги регистрираат и меморираат сите резултати на економската, технолошката и општествената револуција. Со која брзина се движат информациите зборува најдобро податокот дека за помалку од минута ни се враќа пораката која сме ја испратиле на патот околу планетата.

Изгуглај“ е синоним за „најди на интернет“. Алтернативите на овој пребарувач се рускиот Yandex или кинескиот Baidu. Scirus е пребарувач на научни информации каде можат да се најдат повеке од 545 милиони научни текстови во PDF, Word, HTML. На интернeт постојат над седумдесет корисни пребарувачи кои можат да бидат во функцијата на едукација и подигнување на нивото на енциклопедиското и општo знаење на новинарите. Само треба да се кликне.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести