verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Погубноста на копи – пејст „новинарството“

on 26 - 09 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Станува збор за вирус од кој е заболено новинарството во Македонија, кој е поопасен од каква било рестриктивна контрола на која и да било власт врз слободата на говорот и медиумите

copy-paste-tube

Препишувањето и кражбите при известувањето во медиумите за јавно информирање е проблем од како постојат медиумите. Бројни се примерите за кражба на вести или текстови од други новинарски жанрови уште од почетокот на 20.век, кога се известувало за историски настани какви што се големите војни, бунтови, мировни конференции или природните катастрови и слично.

Како напредувала правната наука тој тренд полека е регулиран со бројни одделни закони во секоја земја, што, пак, доведува до неколку конвенции за заштита на интелектуалната сопственост и за заштита на авторското и другите сродни права, особено во втората половина на 20-от век.

Македонија има законска регулатива во овој поглед, како што се Законот за авторското и други сродни права и Законот за индустриска сопственост, но овие закони, особено првиот, не навлегува во детали за тоа дали веста, на пример, е авторско дело или под кои услови може да биде. Оттука, постоечкото законодавство не може да се справи со растечкиот тренд на крадење вести и друг тип информации, особено колумни, интервјуа, коментари и анализи, како и други класични авторски дела што се објавуваат во медиумите.

Бидејќи станува збор за светски тренд кој полека се (само)регулира, тука ќе се задржиме на трендот во Македонија, кој не само што не се (само)регулира, туку покажува деградирачка насока која веќе има име и во светски рамки – „копи пејст (copy – paste) новинарство“. Знаците дека ова „новинарство“ е или станува сеприсутно ги имаме. Доволно е да погледнете кој било агрегатор од неколкуте во Македонија, за да се уверите во тоа. Но, сосема бегла анализа за штетите, би не довела до загрижувачки заклучок дека ваквото „копи-пејст новинарство“ можеби е најзагрижувачкиот и најзаканувачкиот вирус од кој боледува современото новинарство во Македонија. Вирус, чии последици се пострашни од какви било ограничувања на слободата на мисла и на говор во медиумите преку закони што ги би ги наметнала која и да било извршна и законодавна власт.

 

Дезинформацијата и нејзино мултиплицирање

 

Копи-пејст „новинарството“ во Македонија, покрај другите причини, во основа се должи на извитоперената улога на интернет порталите кои се означуваат и како новински агенции. Додека класичната новинска агенција својата вест ја продава на корисниците – медиуми и институции и од тоа живее, при што, во принцип, нивните веб страници се затворени за ексклузивните вести што ги лиферувале сѐ додека прво не бидат објавени од корисниците, информативните портали-агенции во Македонија се трудат да емитуваат што поголем број вести на интернет, а со цел да остварат што поголем број „импресии“ и „кликови“, по што се нудат кај рекламните агенции, барајќи огласувачи и остварување на комерцијална добивка.

desinformacion

Притоа, многу често, препишувачкото, во овој случај копи-пејст „новинарството“, наместо да ја остварува својата основна улога – вистинито информирање, тоа дезинформира или се служи со нецелосно и погрешно информирање.

Бидејќи станува збор за голем број портали, но и бидејќи порталите сѐ  почесто служат како извор на информации за десковите на печатените и електронските медиуми, таквата дезинформација масовно се шири во јавноста, при што настануваат повеќекратни штети за кои ќе зборуваме подоцна.

 

(Зло)употребена анкета и светски трговски бренд

 

За потребите на овој текст ќе се послужиме со два свежи примера во „нашиот“ интернет простор.

Првиот пример, се однесува вестите за анкета на Советот за радиодифузија, која повеќето он-лајн медиуми ја третираа од аспект на гледаноста на информативните програми на телевизиите и нивната доверба кај граѓаните.

FireShot Screen Capture #026 - 'СРД_ Сител и МТВ со најмала доверба кај гледачите I A1ON' - a1on_mk_wordpress_archives_205324

Веста прва ја објави веб – страната на телевизијата „Алсат – М“ на 13.09. 2013 во вечерните часови. Никој не ја забележал до 15.09.2013, недела, кога вообичаено приливот на вести е забележително намален, па настанува своевидно „копање“ по интернет за вест повеќе. Релативно коректната вест на „Алсат – М“, не цели два дена подоцна ја обработува порталот А1ON. Иако оваа вест има линк до документот, т.е., анкетата, од некоја причина – ненамерна, незнаење, намерна…, неименуваниот автор на оваа вест прави клучна грешка која не соодветствува со фактите во основниот извор – Анкетата изработена за потребите на Советот за радиодифузија. Грешката е направена уште во насловот на веста на А1ON :

СРД: Сител и МТВ со најмала доверба кај гледачите

Од тука, од 13 часот на 15.09., поаѓа лавината на неточната информација.  Прв, колку што можевме да видиме од достапните информации од агрегаторите, веста ја презема Плус инфо, па НОВА, па Либертас,  Локално, Скај и последен Бриф.

Кај овој случај имаме две специфики. Копи-пејст „новинарството“ тука се однесува на бројките, кои дежурните новинари и уредници не ги провериле, зашто, обично од брзање да се објави веста, се нема време за основна, минимална проверка. Па, така, наместо да ги земат точните бројки за севкупната гледаност и доверба, тие ги зеле бројките од претходните парцијални пресеци во анкетата.

Што се однесува до втората специфика во овој случај, тоа е корекцијата. Откако порталот Либертас ја увидел грешката, првата вест е повлечена, а пласирана е втора со точна информација. Резултат од тоа е што натамошниот копи-пејст одел со коректни бројки. Прв по втората вест на „Либертас“, веста ја објавил Бриф, па и други, но сега со коректен наслов и бројки.

Вториот пример се однесува на дезинформација или полуинформација, која станала широко достапна токму поради копи-пејст новинарство. Оваа вест беше и предмет на рецензија на овој сајт и во рамките на Проектот за проверка на фактите во медиумите.

FireShot Screen Capture #025 - 'TIME_mk - страница за вести' - www_time_mk__q=h m&search=news&order=dec&startdate=01_07_2008&enddate=26_09_2013&page=3

Станува збор за наводното отворање на продавница на познатата трговска марка  H&M во Скопје. Веста првобитно потекнува од порталот на Утрински весник и е објавена на 22.09.2013 под наслов „ХиМ наскоро со скопска продавница“.

Текстот е објавен во 16:53 ч. во недела и оттука, јасно е зошто првиот пример на копи-пејст новинарството го имаме дури утредента, во понеделник. Лавината, ако не грешиме, тргнува од портали како Црно бело, Факултети, Здраво, но и портали како Фактор, Економски, Курир, Телеграф и други (линковите можете да ги видите тука).

Ланецот го прекинува, овој пат НОВА, која објавува вест дека информацијата е шпекулација. НОВА, притоа, ја проверила информацијата во прес службата на „Хенес и Мориц“. Од тука, започнува обратен бран. Дезинформацијата со помош на копи-пејст новинарството е потврдена, а крајот на оваа сага во медиумскиот простор најверојатно ќе заврши со тужба до компанијата што го злоупотребила брендот H&M.

Во овој случај на копи-пејст, исто така, има две специфики. Првата е дека речеиси никој од порталите што копипејстирале не забележал еклатантна повреда на новинарските принципи во релативно кратката вест што им послужила како извор, а тоа дека во текстот нема потврда на фактите, туку се базира само врз фотографија, по што тврдењето е чисто шпекулативно.

Втората специфика е поврзана со првата – не само што никој не воочил во толку кратка вест дека недостасува проверен факт, туку речиси никој не нашол за сходно барем со интерпункциски знак во насловот да направи некаква ограда.

Исклучок од ова се единствено порталите Телеграф и Здраво, кои со прашалник во насловот и (кај „Телеграф“) со бирани зборови во главата на веста, направиле некаква ограда.

 

Непроценливи штети

 

До каде оди оваа неразбирлива навика на информативните портали во Македонија можете да видите и од следниов пример.

Порталот А1 ON објавува вест за штрајкови во Грција во 9:44 ч. Во рок од 18 минути веста ја објавуваат уште неколку портали меѓу кои и Курир и Либертас и 24 Вести …при што најбрзи биле „новинарите“ на порталот на Алфа ТВ, кои веста ја објавиле само 4 минути подоцна од А1ON!  Притоа, кај сите анализрани портали веста има речиси идентичен наслов и почнува со идентична глава:

„Од денеска во Грција почнува недела на нови штрајкови, кои ќе ги опфатат државниот сектор, образованието, општинската админстрација и осигурителните компании.“

Ваквата, ќе повториме, неразбирлива до граници на сулудост, навика кај македонските он-лајн медиуми, прави непроценливи штети по повеќе основови:

  • банализирање на новинарството во он-лајн медиумите и негово сведување на администрирање на сајтовите и порталите;
  • гушење на новинарски стандарди и од професионална и од етичка гледна точка;
  • губење на вистинитото и објективно информирање, кои отстапуваат место пред дезинформирањето, сензационализмот и ефемерноста и во професијата и на улогата на медиумите во општеството воопшто;
  • губење на довербата кај читателите, кај кои, полека но сигурно се гради и се зацврстува мислењето дека  „сите медиуми и сите новинари се исти“.

Веројатно може да се зборува и за други штетни аспекти што зад себе ги остава ова квази новинарство, но и само овие четири, се повеќе од доволни да се извлече заклучокот наведен по почеткот на текстот: станува збор за вирус од кој е заболено новинарството во Македонија, кој е поопасен од каква било рестриктивна контрола на која и да било власт врз слободата на говорот и медиумите.

Што да се прави? Најдобрата варијанта би бил еснафски договор на издавачите или на уредувачките тимови на поголемите и позначајните медиуми, не само во он-лајн просторот, т.е. саморегулација. Во недостиг на волја за такво нешто, останува регулацијата, со сите опасности што ги носи. Во меѓувреме, како палијативни мерки би помогнале технички интервенции во структурата на интернет порталите со кои ќе биде барем оневозможено копирање на страници и на фотогорафии, а кои се дело на нечиј авторски труд.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести