Подметнување „велигденско јајце“ во „Шарената револуција“
Објавено во Рецензии
on 4 - 05 - 2016 Автор: Љубомир Костовски[Рецензија: Вранишковски ја поддржува „шарената револуција“ за да ја превреднува „комунистичката МПЦ“]
Доколку се бараат некакви непријатели на некоја идеја, опција, политичка група или елита, со пропагандистички мотиви, најдобро се наоѓаат меѓу „архинепријателите“, реални или лажни, но, во секој случај, такви кои постојат подолго време. Такви секогаш е лесно да се најдат ако истите се бараат во групација која е шаренолика и која тоа не го крие, туку тоа го смета за сопствена доблест. Во овој новинарски прилог се прави токму тоа – се одбира „конкурентска“ црква на Македонската православна црква и таа се става во масата на граѓаните што протестираат, за преку нејзиното претпоставено големо значење по заканата за трајните македонски вредности, се создаде уште поголем замислен анимозитет врз масата луѓе кои се непријатни за власта. Како тоа се прави? Кои се механизмите и што се користат?
Линк до оригиналниот напис: Вранишковски ја поддржува „шарената револуција“ за да ја превреднува „комунистичката МПЦ“
Датум и време на објавување: 03.05.2016, 11:45
Датум на рецензирање: 03.05.2016
Рецензент: Љубомир Костовски
ПРЕВРЕДНУВАЊЕ НА ВРЕДНОСТИТЕ
„’Шарената револуција’ која е во тек треба да ги превреднува вредностите од комунизмот кои останале непревреднувани, потенцира во своето велигденско обраќање Јован Вранишкоски, експонент на Српската православна црква во Македонија. Во обраќањето до своите приврзаници тој очигледно асоцира и ги поттикнува водачите на актуелните протести и оние што стојат зад нив да го превреднуваат и сегашниот статус на Македонската православна црква која, според него, не е автокефална, туку ’расколничка комунистичка торба’.“
Суштинската замена на теза што се прави со написот е што се обидува „Шарената револуција“ да ја гледа низ призма на теолошка или политичка расправа на две црковни организации, а тоа таа не е, не била и нема да биде. Па, затоа се вика „шарена“, бидејќи во себе собира многу разнолик народ, од социјална, економска, образовна и очевидно возрасна гледна точка. Можно е и тоа е секако многу веројатно, дека во масата народ која говори „Нема правда, нема мир“ има и лица на кои религијата им е составен дел од секојдневието, од нивната личност и поимање на светот. Тоа не ја намалува вредноста на нивното учество, без оглед за која религија станува збор и за која црква во рамките на една религија!
Во текстот, основа за да се подметнува едно „велигденско јајце“ за да се искористи паузата во протестите по македонските градови, е некоја наводна изјава на т.н. расколнички епископ Јован Вранишковски, со која тој ја подржувал „Шарената револуција“. За тоа, многу итро не ни се дава никакво релевантно сведоштво, иако има еден помал цитат од негов говор. Подобро ќе беше да имаме линк кон таквата изјава или да се наведеше изворот. Место тоа, се користи толкување и коментирање на велигденската изјава на свештеникот, на што безусловно треба да веруваме, дури и кога преку таа изјава „Шарената револуција“ треба да се претвори во експонент на црквата на Вранишковски.
Да појасниме, она што стои во изјавата, делумно цитирана во текстот, е само тоа дека секоја револуција ќе ги превреднува работите, што несомнено е точно, бидејќи зошто би се кревала? Да останат работите исти?! Но, во тој цитат нема никаков јасен, недвосмислен повод за присвојување на настаните за „својата кауза“.
Овој „коњски гамбит“, со кој движењето на македонските граѓани „Протестирам“ од антивладино добива и антицрковно значење (демек контра МПЦ-ОА), лидерите и не треба да го забележат, ниту тоа им е обврска. Па, зошто тогаш водачите би се изјаснувале за таа изјава? Таа воопшто не треба да ги тангира. Оваа колона што секој ден се движи по улиците на македонските градови ги прима сите што се согласни со нејзините шест политички барања. Протестантите се доволно мудри и концетрирани на својата организација за да извадат скафандер пред какви било подметнувања, секогаш кога нив ќе ги има во јавниот живот. Дури и кога ќе бидат релевантни.
Во најголем дел од написот имаме повторување на некои тези за спорот Вранишковски – МПЦ, кои излегуваат од предметот „зададен“ со насловот и кои, инаку, зафаќаат најголем дел од текстот. Постоел очевиден проблем и да се пополни одредена (зададена должина), па се одело на долго и на широко во обид да се поткрепи тезата изнесена во насловот и во самиот текст.
Но, такво нешто не може да се види и да се поткрепи со цитатите, со што се сторени прекршувања во однос на професионаните стандарди преку мешање на жанровите и со наслов кој не е оправдан со содржината.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни,
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор и извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
верска дискриминација, политичка дискриминација,
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови