verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Поделени мислења за начинот на финансирање на МРТВ

on 2 - 02 - 2016       
Финансирање на МРТ: буџет или претплата, односно колку од буџет, колку од претплата. Фото: ФОСИМ, 2015
Финансирање на МРТ: буџет или претплата, односно колку од буџет, колку од претплата. Фото: ФОСИМ, 2015

 

Според новинарите, преку медиумските кампањи власта во име на заштита и на унапредување на информирањето на јавноста, во суштина, изразува огромен страв и недоверба кон работата на медиумите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за имплементација на Договорот од Пржино излезе со предлог за кој вели дека ќе претставува „стабилно финансирање на МРТ“ и ќе значи зголемување на буџетот на МРТ од 0,14 на 0,17 отсто од буџетот на Република Македонија. Под „стабилно“ се мисли на финансирање коe подразбира половина од средстввата да се слеваат од државниот буџет, а половина од радиодифузната такса.

МРТВ сега се финасира главно од радиодифузна такса, која изнесува 190 денари месечно по домаќинство. Инаку, во 2012 година, Собранието на Република Македонија ги усвои измените и дополнувањата на Законот за радиодифузна дејност со кои, меѓу другото, се зголеми радиодифузната такса од 130 на 190 денари.

Според последниот извештај за МРТВ за 2014 година (извештајот за 2015 година ќе се објави во март), ЈРП „Македонска радио-телевизија“ оствари вкупен приход по сите основи во износ од 1,326 милијарди денари. Во 2014 година врз основа на радиодифузна такса во МРТ е остварен вкупен приход во износ од 858,5 милиони денари, што претставува учество од 64,7 проценти во вкупно планираните средства за РДТ.

Инаку, МРТВ освен преку радиодифузна такса се финасира и со средста од буџетот на Република Македонија, под ставка за финасиска поддршка на работењето, која за 2014 година изнесувала 240 милиони денари, кои имаат учество од 18,1 отсто во вкупниот приход, приход од маркетинг-услуги – продажба на рекламно време кој е остварен во износ од 49,2 милиони денари, односно 3,7 проценти од вкупниот остварен приход за 2014 година, приходите по основа на технички и на други услуги (коментаторски позиции, ISDN линии) во земјата и во странство се остварени во вкупен износ од 6,06 милиони денари со учество од 0,4 проценти во вкупниот остварен приход.

 

 

ОД БУЏЕТОТ САМО СО ЦВРСТИ ПРАВИЛА

За Столе Наумов, новинар и поранешен член на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која го замени Советот за радиодифузија, прифатливо е МРТВ да се финасира од буџетот, но само со цврсти правила, услови, рокови  и казнени одредби за неспроведување на законот и за непостапување.

„Во Црна Гора, на пример, јавниот сервис се финансира со 1,2 отсто од буџетот на државата. Што се однесува за владините реклами, кои се замрзнати под притисок на политичката криза, треба и понатаму да постојат, но само со јасни, транспарентни и цврсти критериуми на распределба… И, пред сè, да бидат насочени кон промовирање на јавниот интерес, а не во функција на рекламирање на владата и на градоначалниците“, вели Наумов.

Тој вели дека треба прво точно да се утврди и декларира колку пари чини јавниот сервис, колку пари се потребни, па потоа да се зборува за начин на финансирање.

„Буџет финансиран по обврски, по обем на програма, број и структура на вработени, рационализација, набавка на програма, производство на програма. Во тој случај можеме да зборуваме за стабилно финансирање, кое за мене е најприфатливо да биде комбинација на радиодифузна такса (во понизок износ) и зафат од буџетот. Рекламите на МРТВ би биле укинати или намалени на минимум време, можеби со исклучок на големи настани, чиишто авторски права чинат повеќе, а има јавен интерес граѓаните слободно да ги гледаат“, вели Наумов.

Не сите упатени во оваа проблематика се согласуваат со идејата МРТВ да се финансира од буџетот на Република Македонија. Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар смета дека буџетот на Република Македонија не треба да биде извор на дополнително финасирање на Македонската радиотелевизија.

„Од тој аспект, законската можност за финансирање на МРТ со буџетски средства треба или да се избрише или, пак, да се фиксира на точно определена сума. Доколку се прифати првото решение, висината на радиодифузната такса треба да се коригира за да се дополни приходот. Доколку се прифати второто решение, Законот треба да се прошири со одредби кои не само што ќе ја фиксираат сумата или методологијата, туку и нема да остават простор за какви било преговори со владата на годишно ниво за степенот на буџетски дотации“, вели Бејкова.

За неа второто решение, односно буџетското финансирање на МРТ, останува проблематично од аспект на тоа дека де факто претставува недозволена државна помош според европските стандарди. Затоа, вели Бејкова, ваква евентуална интервенција во законот би претставувала привремено и парцијално решение.

Новинарската бранша смета дека со овој закон власта со парите на граѓаните планира да ја легализира, прошири и да ја надгради корупцијата во медиумите за да ги контролира и да ја задуши секоја критика во нив.

 

НЕПРИФАТЛИВ НАЧИН

Во тој контекст, Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), вели дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за финанасирање на МРТ е неприфатлив од две причини.

„Концептуално не се согласуваме владата ад хок да доделува пари за финансирање на јавниот сервис. Таквата состојба создава зависна позиција на сервисот кон владата на месечна основа. Второ, ВМРО-ДПМНЕ предлага незначително зголемување на буџетот за јавниот сервис. Во сегашниот буџет, владата партицирпира со 25 отсто, што изнесува околу 0,14 проценти од буџетот, додека зголемувањето е само за 0,03 отсто. Бараме системско и одржливо решение за финансирањето на МРТ, кое ќе гарантира институционална автономија на јавниот сервис. Без финансиска независност, јавниот сервис не може да има ниту независна уредувачка политика“, смета Селмани.

Предлогот на ЗНМ е 1 отсто од националниот буџет како посебна ставка да се одвои за финанасирањето на јавниот сервис. Овој износ се дели на 12 месечни рати и на почетокот на секој месец се исплаќа на сметката на јавниот сервис. Обврската за собирање на радиодифузната такса останува на владата и на владините институции.

Од Македонската асоцијација на новинари (МАН) не сакаа да го коментираат овој предлог, ниту да одговорат на нашето прашање: Кој е вашиот предлог за финасирање на МРТВ?

Оттму пред неколку дека испратија соопштение во кое велат дека ЗНМ ги поддржало постојните медиумски закони кои се со европско знаменце, односно во согласност со меѓународните стандарди, а сега е повторно на иста маса со Ванхауте со кој ги погазуваат медиумските закони од пред две години и одработуваат хонорар за нов закон.

Поранешниот директор на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми, Виктор Грозданов, се согласува МРТВ да се финансира од буџетот.

„Најидеалното финасирање на МРТВ, во согласност со македонските закони и услови, е спротивно на сите европски правила на кои се повикуваат вистинските експерти, а тоа е да не се финансира од буџетот на државата. Меѓутоа, согледувајќи ја финасиската сосојба на МРТВ во последните 25 години и земајќи го предвид игнорантскиот однос на граѓаните на Република Македонија за плаќање на радиодифузна такса, има само еден спас. А, тоа е финансирање преку буџетот на Република Македонија, на 12 еднакви рати и минимален влез на реклами кои би биле во согласност со маркетинг-правилата што важат за приватните медиуми. Сè друго не е илузија, туку лажна илузија“, вели Грозданов.

Да се укине радиодифузната такса и МРТВ да се финасира со 1 процент од буџетот, е предлогот на белгискиот експерт Питер Ванхауте, како дел од пакетот понудени решенија поврзани со медиумите. Овој предлог, исто така, е прифатлив и за СДСМ.

Слаѓана Димишкова од Македонската асоцијација на новинари (МАН) неодамна изјави дека се согласува финансирањето на јавниот сервис да е со фиксен прилив на средства заради поголема стабилност.

„Тоа подразбира ограничување на комерцијалното рекламирање, да оди само во оние делови каде што емисиите практично се копродукциски и ако станува збор за прајмтајм, тоа да биде само до три минути“, вели таа.

Од изјавите на новинарите и на упатените во оваа проблематика, може да се заклучи дека сите се согласуваат со потребата за стабилно финансирање на МРТВ. Проблемот е само како да се избегне влијаните на партијата врз уредувачката политика и како да се обезбеди независноста на уредништвото во услови ако финасирањето е од буџетски средства. Секако, ниту сегашниот модел, кој предвидува финасирање само од радиодифузна такса, не даде резулатати во независноста на јавниот сервис. Како и да е, ова покажа дека е потребна дебата за да може да се избере идеално решение за МРТВ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести