verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

По пресудата во Стразбур, кршењето на правата на новинарите повеќе не е „само перцепција“

on 13 - 02 - 2017       
Овде нема играње играчки, а нема ни политика - Судот за човекови права во Стразур. Фото: flickr
Овде нема играње играчки, а нема ни политика – Судот за човекови права во Стразур. Фото: flickr

 

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека новинарите биле незаконски исфрлени од Собранието на 24 декември 2012 година за време на расправата за буџетот и ѝ наложи на државата да им исплати по 5.000 евра компензација на тужителите Насер Селмани, Тони Ангеловски, Билјана Дамеска, Фросина Факова, Снежана Лупевска и Наташа Стојановска. Новинарите се согласни дека ваквата пресуда е победа на слободата на говорот и на мислата во Македонија и дека таа истовремено претставува доказ оти институциите во Република Македонија потфрлија во исполнување на својата основна задача да ги штитат и да ги промовираат човековите права

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во пресудата на Судот во Стразбур, донесена едногласно од седумте судии, е наведено дека во случајот „Селмани и други против Македонија“ имало прекршување на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, која се однесува на правото на фер сослушување и прекршување на членот 10 од Европската конвенција, кој се однесува на слободата на изразување. Исто така, Судот соопшти дека Владата не успеала да го убеди Судот оти било неопходно или оправдано да се отстранат новинарите од галеријата во Собранието.

100-70 Natasa - 12265931_137036903324503_5613480344168476989_o„На „црниот понеделник“, на новинарите им беше згазено правото на слободно изразување. Тоа сега се докажа со одлуката на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Тоа е пораз за институциите, пораз за оние од Собранието кои ја донесоа таквата одлука, а потоа и за оние кои ја извршија и дел од новинарите насилно ги исфрлија од собраниската галерија. Снимките, како беше влечен претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, јасно го покажуваат третманот на новинарите на 24 декемрви 2012 година, но тие снимки се и слика за состојбата во која се наоѓа македонското новинарство“, вели новинарката Наташа Стојановска.

Таа се сеќава дека кога им јавила во редакцијата и им кажала што се случува во Собранието, првично со неверување ја следеле, бидејќи никој не верувал дека ситуацијата може да ескалира на таков начин.

„Но, кога излегоа снимките од влечењата на пратениците во јавност, тогаш сè беше појасно“, се потсетува Стојановска.

Новинарот Тони Ангеловски, сеќавајќи се на „црниот понеделник“, вели дека тоа било вистински шок за него.


100-70 Toni - 15578137_10211495100314833_6980696586487740963_o„Никогаш не сум ни помислил дека некој ќе ме нападне во храмот на демократијата додека си ја вршам работата. Но, неколку бандити очигледно толку се занесоа, што помислија дека државата е нивна лична сопственост и дека можат да тепаат кого сакаат, па дури и новинари. Знаеја дека контролираат сè во државата, пред сè, судството и дека, ете, можат и да нè тепаат и мува да не ги лази. Јас искрено не очекувам ниту сега, по оваа пресуда, тие да ја преземат вината за она што го направија“,
 изјави Ангеловски.

Она што го радува е фактот што се потврдила онаа народната дека „правдината е тенка, ама не се кине“ и иако со задоцнување од неколку години, нагласува Ангеловски, сега има судска пресуда која се надева дека ќе биде потсетник за која било идна власт дека не смее да крене рака врз новинарите,

 

ЗНМ: УСТАВНИТЕ СУДИИ ДА ПОДНЕСАТ ОСТАВКА ПО ПРЕСУДАТА НА ЕВРОПСКИОТ СУД

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), веднаш по пресудата во Стразбур, го повика Уставниот суд да поднесе оставка и ги повика институциите да преземат активности за вградување на барањата од пресудата во системот.

100-70 Naser - 13244878_1127510513978123_8606621126085889297_n„Доколку Уставниот суд, односно уставните судии сметаат дека се кредибилни, по пресудата треба да понесат одговорност. Пресудата претставува доказ дека институциите во Република Македонија потфрлија во исполнување на својата основна задача да ги штитат и да ги промовираат човековите права. Во тоа еднакво се одговорни претседателот на Собранието, институциите, Министерството за внатрешни работи, како и судовите и Уставниот суд“, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Според него, по одлуката на Судот во Стразбур, веќе никој во Македoнија не може да тврди дека кршењето на слободата на информирање и правата на новинарите се „само перцепција“, туку дека во земјава се прекршени овие права.

Адвокатот Филип Медарски, кој го водеше случајот низ македонските институции и судови, како и пред Европскиот суд за човекови права, смета дека оваа пресуда е прва со која се утврдува повредата на слободата на изразување и е многу важна за демократијата и за владеењето на правото во Република Македонија.

Медарски нагласува дека сега се на ред институциите кои треба да ги поправат грешките на кои укажува Европскиот суд за човекови права.

 

УСТАВНИОТ СУД ЈА ОШТЕТИ ДРЖАВАТА ЗА 30.000 ЕВРА

По пресудата на Европскиот суд за човекови права, државата ќе треба да им исплати отштета од 5.000 евра на новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, кои се жалеле пред судот во Стразбур за нивното насилно отстранување од собраниската галерија, од која како акредитирани новинари ја следеле дебатата за носењето на буџетот на 24 декември 2012 година, познат како „црниот понеделник“.

ЗНМ и новинарите постапката ја почнаа пред домашните институции и судовите, но одлуките на домашните судови беа против она што го очекуваа новинарите. И Уставниот суд ја отфрли претставката на новинарите, прогласувајќи се за ненадлежен. Повикувајќи се на Деловникот, мнозинството во Уставниот суд, предводено од тогашната претседателка Елена Гошева, веднаш го отфрли барањето на овие шест новинари и се прогласи за ненадлежен.

„Прислушуваните разговори покажаа јасно дека нашето судство е окупирано од партиска војска, од луѓе кои подмитуваат со „сваровски“ и се избираат од тефтерчето на министерката за внатрешни работи. Луѓе на кои не им е битна правдата, туку благосостојбата на сатрапот. Е сега, од кого јас да очекувам праведна пресуда? Судијата да пресуди во моја корист и да го осуди оној кај кого претходно, подмитувал за да биде избран за судија? Но, за среќа таквите методи на заробено судство не поминуваат во Стразбур и ете го резултатот“, вели Ангеловски.

 

ЦРМ: ОДЛУКАТА НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР Е ЗНАЧАЈНА ПОБЕДА ЗА СЛОБОДАТА НА ИЗРАЗУВАЊЕ ВО ЗЕМЈАВА

Центарот за развој на медиуми, исто така, ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

100-70 MDC_Logo-mk1„Судот во Стразбур потврди и дека на шестте колеги им е повредено и правото на фер судење, поради одлуката на Уставниот суд да не организира усмена расправа по барањето за заштита на нивното право на слобода на изразување. Им честитаме на колегите Насер Селмани, Тони Ангеловски, Билјана Дамеска, Фросина Факова, Снежана Лупевска и Наташа Стојановска на победата во Стразбур, значајна победа во борбата за правата на медиумите и на новинарите и во борбата за слободата на изразувањето во Македонија“, нагласуваат од ЦРМ.

Оттаму велат дека оваа одлука во иднина ќе може да се користи за заштита на правата на сите новинари и медиуми во државите што се наоѓаат под јурисдикција на Судот во Стразбур.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести