verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Петта колона во уривањето на новинарското достоинство

on 3 - 09 - 2014       
638991248_3bb5504847_z

Слобода на печатот. На King Street, во Newtown, Австралија, насловна страна на весник е „отпечатена“ на ѕид. Фото: Len Matthews, 2007.

 

Зарем недостатокот на самопочит во рамките на самата професија, немањето внатрешна кохезија, конформизмот,  не функционираат како  петтата колона која ја олесни окупацијата на новинарството, како што своевремено поддржувачите на Франко во Мадрид го помогнаа уривањето на втората Шпанска република.

 

Пишува: Тамара Чаусидис

 

Леснотијата со која полицијата одзема фотографии, како што е последниот случај на новинарот на ТВ НОВА, забранува пристап на новинарите на одредени настани, лесностијата со која институциите и носителите на јавни функции ги игнорираат прашањата кои не им одговараат, поканите за отчет со учество на дебатна емисија или интервју, се веќе пословични. Речиси да се навикнавме, па реакциите ги сведуваме на бледи, поеднинечни протестни писанија во чија што сила и ефект за промена не веруваат ниту оние кои ги пишуваат. Но зошто е тоа така?

Некој ќе рече, и нема да згреши, дека упорноста и доследноста на оние кои во нормални услови, или барем веруваме дека така би требало да биде, се должни да даваат одговори, да им овозможат пристап на новинарите, е причината за се послабиот и најчесто вербален отпор. Во право се и оние кои велат дека  систематското уривање на достоинството на професијата однадвор е причината поради која новинарската заедница е разбиена до таа мерка што не е во состојба да артикулира сериозен одговор?

Но, дали е тоа доволно да ја објасни неверојатната леснотија со која новинарите како репрезенти на јавноста, се демисионирани и сведени на ниво на депрофесионализирани држачи на микрофони и трансмитери на туѓи изјави? Можно ли е таква операција да се изведе само однадвор?  Зарем недостатокот на самопочит во рамките на самата професија, немањето внатрешна кохезија, конформизмот,  не функционираат како  петтата колона која ја олесни окупацијата на новинарството, како што своевремено поддржувачите на Франко во Мадрид го помогнаа уривањето на втората Шпанска република.

 

Логика на неслобода и детерминизам

Притисоците врз новинарите, за разлика од стереотипот кој  владее во јавноста, поретко се директни или брутални  како што се случаите на одземање фотографии, забрана за следење настани, вербални и физички напади. Многу почесто  притисоците се рафинирани, тие се спроведуваат преку професионалната хиерархија (сопственик, директор, главен уредник…), а се сведуваат на влијанието врз напредувањето (договор за работа, подобра позиција) или врз чекот за плата. Тие за публиката невидливи односи, всушност, го одредуваат ангажманот на новинарот, често за жал и неговото пишување и известување.

Но, ако за публиката тие односи се невидливи, за редакцијата секако не се. Но, сепак, новинарите избираат да бидат поединечно изложени на оваа перфидна игра и поединечно да ја играат. За разлика од менаџментот, политичките центри кои имаат ресурси, време и можност на своја страна, новинарите ја одбираат улогата на осамени десперадоси. Сами се борат кога се жртви и ги оставаат жртвите сами да се борат. Нема солидарност, нема заедничка цел. Тие решаваат  да одмолчат кога некој колега ќе падне во немилост, да свртат глава од гадливост кога гледаат како тој се бори да биде рехабилитиран, што значи да пишува и информира по волја на претпоставените, но нема ништо во лице да му кажат, да поќутат кога преку ноќ им се менуваат уредници, да не се бунат кога се казнуваат, а и да не знаат зошто.

Логиката на неслобода и детерминизам владее во редакциите. Оттаму, сосема е логично што прашањето за слободата на новинарството  ретко кој го доживува како прашање од егзистенцијален карактер.

 

Индивидуално наместо колективно  „спасување“

Соочени со драматична девалвација на вредноста на професијата, која се манифестира со секојдневно молскавично обезвреднување на трудот, новинарите војната за слободата на професијата упорно ја третираат како академско прашање што нив лично не ги засега. Токму затоа и ја делегираат на медиумските организации, Здружението на новинарите и на Синдикатот, како да се тие некакви министерства со платени функционери, а не волонтерски организации сочинети од самите новинари.

Кога ќе ги прашање новинарите да ги коментираат состојбите и да изнајдат решенија тие многу често наместо колективни бараат поединечни  солуции. Со други зборови, бараат начин да го решат сопствениот проблем без каква и да е грижа за оние кои остануваат во него. Па, така, на појавата на хонорарни работници се реагира со борба за сопствен договор за вработување, на незаконски отпуштања со барање алтернативно вработување за себе, на мобинг со избегнување да бидеш виден со жртвата „за тебе да не ти се навртат“.

За жал, искуството во медиумската индустрија во Македонија покажува дека поединечните решенија се сведуваат најчесто на две: промена на редакцијата, која во услови на затворање и осиромашување на независните и критички медиуми е сѐ потешка опција и промена на професијата.

 

Професијата мора да ја врати самопочитта

Во такви услови и со такви опции на хоризонтот, малодушноста е неминовна. Ситуацијата со која секојдневно се соочуваме – од една страна немоќ на еснафот, од друга -брутална сила и ароганција без здружен и силен одговор, може и неминовно ќе се влошува. Напросто, тоа е логиката на така поставените односи.

Доколку сака да биде почитувано (од газдите, политичарите, институциите и, се разбира, од јавноста) новинарството мора да ја открие самопочитта. Неа ќе ја откриеме со јакнењето на професионалната солидарност и поддршка. И по цена на индивидуална акомодација затоа што проблемите се манифестираат како поединечни, но се системски и колективни.

Со залагање и борба за колективен договор за да се избегнат неправедните и нееднакви примања, напредувања, за да се стимулираат етичките стандарди не само во известувањето, туку и во однесувањето, новинарството може да ја пронајде и спаси својата професионална совест и иднина. И својата сила.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести