verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Печатени медиуми: Најголемата тајна на македонското новинарство

on 8 - 10 - 2015       
Во Македонија никој не дистрибуира весници со камиони. Пик ап автомобили се сосема доволни. Фото: longtrekhome, 2009
Во Македонија никој не дистрибуира весници со камиони. Комбињата се сосема доволни. Фото: longtrekhome, 2009

 

Според странски, главно релевантни извори, севкупниот тираж на дневните весници кај нас секогаш бил околу 50.000 примероци. Ова бројка никогаш не се смени иако денес е веројатно помала. Таа бројка нѐ сведува на најдолното место во Европа во однос на весници и на број на жители. Во Македонија воопшто малку се чита, а таа тенденција се засилува

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Знаете ли која е најголемата тајна на македонското новинарство? Не, тоа не е некој скандал, иако ги има и премногу, па најчесто не се ни тајна, ниту афера која треба да се разоткрие. Едноставно, најголемата тајна, за која мислам дека никогаш нема да се разоткрие, се најдобро чуваните податоци за тиражите на весниците! Колку и да се трудите да ги дознаете, никогаш нема да имате точна информација, па нека ви е издавачот роден брат.

И ова не е состојба од денес, кога македонското печатено новинарство и новинарството воопшто ги живее своите најмрачни денови. Оваа состојба со тиражите е наследена уште од времето на едноумието, кога имаше многу помалку весници.

Според странски, мошне релевантни извори, севкупниот тираж на дневните весници кај нас секогаш бил околу 50.000 примероци. Ова бројка никогаш не се смени, иако денес е веројатно помала. Таа бројка нѐ сведува на најдолното место во Европа во однос на весници и на број на жители. Во Македонија воопшто малку се чита, а таа тенденција се засилува. Заради тоа се почна со лажирање на тиражите, активност која се перфекционираше со децении.

На времето кога постоеја само „Нова Македонија“ (од 1944 година) и „Вечер“ (од 1963), (симболично учествуваа и „Бирлик“ и „Зери“ како полудневни, односно излегуваа по три-четири пати во неделата), „Вечер“ имаше поголем тираж од „Нова Македонија“, но двата весника заедно ретко кога ја поминуваа бројката од 40.000 примероци. Тогаш постоеше и силна конкуренција во белградските весници, кои беа многу подобро уредувани, поинфорамативни и послободни во третманот на деликатните теми. Едно време, на пример, се криеше како државна (републичка) тајна дека белградска „Политика“ и другите белградски весници продаваа повеќе примероци во Македонија отколку „Нова Македонија“. Во Куманово, на пример, од десет породадени весници, само еден беше македонски.

 

ТИРАЖНИ МАКИ

И тогаш се криеше вистинскиот печатен и продаден тираж. „Нова Македонија“, на пример, кога ѝ одеше најдобро, кога беше единствениот национален дневник, едвај ја надминуваше бројката од 20.000 печатени примероци дневно. Просекот се зголемуваше благодарение на значајно поголемиот тираж во петок, кога се печатеше телевизиската програма! И, се разбира, кога имаше наградна игра. Но, бројката се враќаше на старо откако играта ќе завршеше. Дневниот тираж печатени весници на „Нова Македонија“ во обичните денови беше околу 15.000 до 16.000 испечатени примероци. А, колку од нив се продаваа, тоа беше строго чувана тајна и ја знаеја едвај неколкумина главешини во куќата. Иако амбициите беа многу големи, зашто „Нова Македонија“ во раните 90-ти пушти во погон нова машина за печатење, проектирана така да може без проблем да испечати дневни изданија со неколку стотици илјади примероци. Демек – за перспектива!

Кога стасаа новите независни изданија и приватни проекти на дневни и на други весници, љубопитноста го направи своето. Кога „Дневник“ излезе првпат со цена од 5 денари, тогаш единствено се почувствува реално зголемување на продажбата. (Тогаш „Нова Македонија“ и другите весници чинеа по 30 денари). Потоа се јавија и други дневници, кои, исто така, претендираа на огромни тиражи, но сѐ се сведе на лажење за вистински отпечатеното. Сите имаа огромни тиражи, толку големи што не успеваа да постигнат да отпечатат. Толку, демек, нивниот весник се бара!

Истите лаги важеа и за неделните изданија. Приказните за огромните тиражи најнакрај се сведоа на некои ексцесни ситуации. Паметам дека неделникот „Денес“ беше отпечатен и се продаде во близу 100.000 примероци кога ја објави скандал-аферата за Киро Глигоров и за неговата советничка во 1997 година.

Оваа приказна продолжува и до денешен ден, кога весниците имаат обврска да ги објавуваат тиражите на испечатеното издание. Според овие податоци, излегува дека дневниот тираж на македонските дневни изданија е повеќе од 100.000 примероци. Оваа бројка е лажна и едвај еден од весниците ја објавува точната бројка. Сите други дуплираат и триплираат. Едвај еден или (можеби) два дневника продаваат повеќе од 10.000 примероци дневно. Добар дел продаваат по 5.000 примероци или помалку!

 

ЗОШТО НЕ СЕ ЧИТА?  

Мизерната читаност на дневни весници е, прво, поради слабото ниво на општата писменост на населението, која ретко кој навистина ја утврдил. Потоа, доаѓа напливот на електронските информативни изданија. Секако, тука доаѓа и напливот на телевизиските информативни програми. Намерно велам напливот, затоа што за развој не станува збор и никој од нив ја нема опстојноста на едно дневно информативно политичко издание. Секако, голема вина имаат самите дневни печетени изданија – тие се со сè полош квалитет, убедливост и информативна конзистентност.

Најголемата вина е влијанието на политиката. Зашто, како се етаблираа политичките тајфи на власт, сè беше во насока на тоа да се оствари решавачко влијание во медиумите. Со бескрупулозното натурање на сопствените политики во весниците, преку откуп, потткуп или директна корупција, власта успеа да го сруши имиџот на весниците. Весниците, вака стегнати во канџите на политиката, ја прилагодуваа својата концепција и ориентација за да преживеат или да заработат. Типичен е примерот на до пред кратко време најтиражниот и највлијателниот дневник, со генерално демократска ориентација, наклонет кон опозицијата, кој поради промените во својата уредувачка политика и терањето провладина и националистичка политика, се сроза до непрепознатливост и сега крпи со тираж кој е многу далеку од неговите светли мигови.

Без никаква поддршка од државата, весниците се сведени на состојба на преживување, постојано го намалуваат бројот на вработените, а бројот на надворешни соработници се сведува на минимум или воопшто ги нема. Денес нашите дневници се бедна слика на рудиментен аматеризам, на неписменост, на лоши преводи од интернет, полни со грешки и со неточности. И ако некогаш тоа беа места за создавање новинари, денес се расадник на исклучително слабо платени, недоучени, непрофесионални пискарала кои мораат да поднесуваат тортура од сопствениците и од политиката. За секоја искажана професионална доблест, следат казни, тужби или исфрлање од работа.

Всушност, така било секогаш – за состојбите (и добри и лоши) во медиумите, главен виновник е политиката или, поточно, политичарите. Без чувство за добра политика, без потреба своите потези да ги потврдуваат и да ги проверуваат во јавноста, неможејќи да поднесат здрава критичка мисла, тие единственото можно решение го наоѓаат во тоа да ги уништат непослушните и да ги задржат тие што им се додворуваат. Исто како и со лошите телевизии, кои ги поткупуваат со наши пари.

А тоа што Македонија веќе стана единствената земја без сериозен печат, без доблесни новинари и без општествена критичка мисла, на политичарите им е гајле! Но, токму таа индолентност на политичарите го доведе во колапс целото општество, така што новинарството и печетот се чинат само помала колатерална штета.

„Кога се руши Дебар, нека оди и браната“, вели една досетка.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести