verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

„Патриотски“ говор на омраза: омраза кон внатрешните „непријатели“ (1)

on 12 - 06 - 2014       
Овој напис го има и на: Англиски
„За омразата нема место во нашиот град“ – билборд во Сан Франциско. Фото: Eugene Kim, 2013

„За омразата нема место во нашиот град“ – билборд во Сан Франциско. Фото: Eugene Kim, 2013

 

Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права

 

„Исклучително важно е медиумите да внимаваат да не бидат извори на говор на омраза и да водат сметка да не придонесат за негово понатамошно ширење.“ (Соопштение на Советот за радиодифузија, од 06.03.2013)

 

„Патриотскиот“ говор на омраза е препознатлив по намерата за разгорување, поттикнување, или оправдување на омраза кон внатрешните и надворешните „непријатели“.  Во основата на ваквиот говорот на омраза е поделбата на „Ние“ („патриотите“) и „Тие“ (непатриотите), кои се етикетирани со најразлични стигматизирачки називи. „Патриотскиот“ говор на омраза честопати се користи како инструмент за психолошко насилство врз критичарите на актуелната власт, од страна на провладини политичари, новинари или колумнисти.

Во првиот дел од анализава ќе се фокусираме на повеќе примери на „патриотски“ говор на омраза во кој се таргетираат домашни „предавници“, „странски платеници“, „кодоши“…

 

Говор на омраза кон поранешниот министер на ВМРО-ДПМНЕ: од „херој“ во „кодош“

 

„Патриотскиот“ говор на омраза во медиумите стана особено загрижувачки проблем во 2009 година, особено по медиумските атаци врз претседателскиот кандидат Љубе Бошковски. Советот за радиодифузија на Република Македонија (СРД) на 10.12.2009 одлучи остро да ја опомене Македонската радиотелевизија поради создавање „атмосфера на поттикнување омраза која би можела да доведе до загрозување на личната безбедност“ во емисијата „Отворено со народот“, насловена „12 години затвор: Јохан Тарчуловски, „судбина или предавство?““.

Според анализата на тогашниот СРД, „се настојува да се дискредитира Љубе Бошковски како личност и како политичар“ и „се врши деконструкција на митот за патриотот „Брат Љубе“ при што, освен честото употребување на термините предавство, предавник, кодош и слични, се прибегнува и кон повторување на синтагмата „Сестра Љубе“ со што се користат и родови стереотипи со цел да му се придодаде пежоративно значење, при што не се води сметка за поширокото негативно родово етикетирање.

Медиумската хајка против поранешниот министер на ВМРО-ДПМНЕ започна откако стана жесток критичар на власта. Хајката ја предводеа и провладини новинари кои јавно признаваа дека претходно го величале како херој, дури и при неговото ослободување од Хашкот трибунал во 2008. На пример, во колумната „Кодош“, авторот признава дел од „вината“ што го величал министерот како херој („Мирка и јас ја имаме дел од вината за кодошот Љубе“). Откако „херојот од 2001“ почна жестоко да го критикува премиерот (кој го пречека од Хаг во 2008 како херој), истиот новинар почна го портретира како „кодош“.

 

„Патриотски“ говор на омраза од новинари кон новинари

 

„Прогласување на предавници, именување и објавување на списоци е чин кој драматично наликува на времињата на најцрниот тоталитаризам.“ (Совет на честа при ЗНМ, 18 Декември 2009)

 

Кон крајот на 2009, „патриотскиот“ говор на омраза во медиумите не беше насочен само кон политичари, туку и кон новинари. Тогаш, Советот на честа при ЗНМ застана во одбрана на новинарската професија и најостро ја осуди „се позачестената пракса на неаргументирано етикетирање на новинари како „предавници“ само затоа што некои нивни ставови не се совпаѓаат со ставовите на одредени групи или центри на моќ.“

Повод за оваа реакција беше текстот „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“ во кој е наведен список на луѓе, јавни личности и новинари, кои без било какви докази беа прогласени за платеници за ширење на пропаганда „со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјава“. Притоа, беше укажано дека сличен список е објавен и на блогот на новинарот Миленко Неделковски со директна закана упатена до лицата кои се именуваат како предавници дека „раката на Македонецот ќе ве стигне кај и да е“.

Во 2010 година, говорот на омраза и повиците за ликвидација од страна на Миленко Неделковски во емисијата “Зебра” беа повторно осудени не само од ЗНМ, туку и од страна на Европската федерација на новинарите. ЗНМ ги осуди „јавните настапи на телевизискиот водител Миленко Неделковски, неговите објави на листи на предавници и директни и отворени повици за ликвидација на колеги новинари што треба да бидат елиминирани само врз основа на “критериумите” на Неделковски и неговите истомисленици.

Европската федерација на новинари  исто така го осудителевизискиот повик за насилство врз новинари во Македонија”. Генералниот секретар на ЕФН укажа дека станува збор за смртно сериозен повик кон луѓето да извршат насилство врз новинари, и во која се појаснува дека “Контроверзата еруптираше откако Миленко Неделковски, телевизиски презентер на Канал 5 објави листа на новинари “предавници” минатата седмица и отворено повика на нивно физичко елиминирање.

На 02.12.2011 СРД ја казни ТВ Канал 5 со два дена забрана за емитување реклами и телешопинг поради програмски содржини што содржеле говор на омраза во „Миленко Неделковски Шоу“ (емитувана на 18 ноември 2011). Во стручната анализа СРД констатира дека „…гледачите можат само да чујат кои новинари, според Неделковски, се предавници, платеници, полициски доушници и тастери, поради што се добива впечаток дека истите тие новинари се виновни поради тоа што мислат или дејствуваат поинаку од водителот на емисијата“.  Според истата анализа на СРД, „При етикетирањето и стигматизирањето на своите неистомисленици – пред сѐ, една група новинари – Миленко Неделковски покажува отворена нетрпеливост со елементи на говор на омраза и креира непријателска атмосфера.

 

Говорот на омраза кон новинари кулминира со отворени повици за насилство

 

Во 2014, „Фронтот за слобода на изразувањејавно го осуди силеџискиот атак на Миленко Неделковски врз учесници на јавна ТВ-дебата пред изборите, со зборовите „Дојде време за метак у чело. Нема друг лек. Мора да се исчистиме од баграта“.

По изборите, истата јавна личност, на својот портал, објави уште една листа на медиуми, новинари и политичари, повикувајќи на „Сечење на чировите“. Групата на именувани медиуми и новинари се наречени „куп на ПЕДЕРИ ШТО РАБОТАТ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРЧКАТА ВЛАДА И ГРЧКИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ“ и „странски платеници“.

Ни ваквиот говор на омраза кој отворено поттикнува насилство кон медиуми и новинари не беше јавно осуден ниту од страна на претседателот, премиерот и министрите, кои се редовни гости во емисијата на „Миленко Неделковски шоу“.

 

Продолжува: „Патриотски“ говор на омраза: омраза кон невладини организации и активисти (2)

Серија анализи за „патриотски“ говор на омраза:

  1. Омраза кон внатрешните „непријатели“
  2. Омраза кон невладини организации и активисти
  3. Омраза кон невладини организации
  4. Медиумско жигосување домашни „непријатели“: „Патриотскиот“ говор на омраза кон Ченто во „Нова Македонија“ (1946)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

3 мисли во “„Патриотски“ говор на омраза: омраза кон внатрешните „непријатели“ (1)

  1. Молам да се дејствува во прилог на борбата против говорот на омразата и етикетирањето, кое потсетува се’ повеќе на аветното време што го искусиле и страдале од него нашите предци, а и ние сега. Во цел свет се практикува мултикултурализмот/повеќејазичноста како врвно културно наследство што пријателски не’ поврзува во комуникациите, отворајќи ни нови видици на толеранција и почитување на различноста. Би сакала со почит да се однесуваме меѓу себе, без предрасуди за потеклото, со респект кон сите соседи ако сакаме и тие така да ни возвраќаат, со поттик за активна соработка на секое поле на европско и на регионално ниво, исто подеднакво со сите соседи. Историјата е интересна но бара постојани препрочитувања, во кои се внесуваат само фактите, додека субјективните додавки (полни со говор на омраза) мора да бидат отстранети еднаш за секогаш во македонските учебници. За жал говорот на омразата во Македонија го достигна максимумот во неодамнешната Енциклопедија, сработена под раководство на Блаже Ристовски, каде со презир се спомнуваат меѓу другите и термините “турко-татари“, што е одраз на нецивилизирано однесување на било претендент за интелектуалец.

  2. Pingback: Еклатантен пример за „патриотскиот“ говор на омраза

  3. Pingback: Shembull eklatant për gjuhën “patriotike” të urrejtjes

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести