Задача на новинарот не е да фали и да велича политички лидери
Објавено во Рецензии
on 23 - 07 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
[Рецензија: Груевски вчера ја реши кризата, денес во посета на изградба на американската компанија „KSS“ во Кичево која ќе вработи над 1.000 лица]
Овој текст е пример, како од еден обичен настан, се прави драма.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Груевски вчера ја реши кризата, денес во посета на изградба на американската компанија „KSS“ во Кичево која ќе вработи над 1.000 лица
Датум и време на објавување: 15.07.2015
Датум на рецензирање: 22.07.2015
Рецензент: Ана Анастасовска
„Откако вчера ја реши политичката криза со постигнување на договор за предвремени избори на 24-ти април следната година, премиерот Никола Груевски денеска е во посета на изградбата на американската компанија „Ки Сејфти Системс“ во Кичево, која ќе вработи над 1.000 лица.“
Класична пропаганда! Премиерот е херојот во овој текст и нему му нема рамен. Ја решил политичката криза и веднаш заминал да отвора нова фабрика која ќе вработи 1.000 лица. „Па ово нема ни у Београду“, би рекле Србите.
Авторот на овој пропагандистички текст, искористил еден обичен настан, кој требало да заврши со обична вест, за да ја претвори во победа за премиерот. Инаку, политичката криза не ја реши само Груевски, туку на Договорот од Пржино ставија потпис лидерите на четирите најголеми партии, и тоа со посредство и под притисок на меѓународната заедница, и особено на еврокомесарот Јоханес Хан. Значи, потпишувањето на договорот во никој случај не може да биде заслуга само на премиерот.
Понатаму, во никој случај не може да стане збор за какво било решавање на кризата, бидејќи кризата допрва треба да се решава. Допрва партиите треба да се усогласат и да го реализираат договорот, односно да ги имплементираат препораките од извештајот на европратеникот Рајнхард Прибе.
Според тоа, Груевски не решил никаква криза и не е никаков херој, каков што сака да го прикаже авторот на овој напис.
За „херојските и државничките“ подвизи на Груевски да бидат уште поголеми, во контекст се става и отворањето нова фабрика која ќе вработела 1.000 лица. Тука е вметната и изјава на Груевски, која ја даде по потпишувањето на Договорот од Пржино.
„Тие ме познаваат во изминатите девет години преку работата и делата, преку одлуките и решенијата и преку испорачаното од наша страна на дадените ветувања. Јас знам дека мнозинството граѓани повторно во април ќе ни ја дадат поддршката и тоа ќе биде историска поддршка и историска победа, затоа што никогаш не ги изневеривме и затоа што знаат дека тоа е тимот кој носи напредок и успех за Македонија, кој носи нови работни места, инвестиции, поголеми пензии и плати, земјоделски субвенции, стабилност во државата и европска и евроатлантска перспектива, рече Груевски.“
Сето тоа, убаво исечено и вметнато, за да се задоволи целта. Да се убеди јавноста дека Груевски е човекот кој се грижи за доброто на народот и на државата.
Задача на новинарот не е да фали и да велича политички лидери. Тоа е задача на партиски активисти. Доволно ќе било новинарот да направел вест од настанот, од потпишувањето на договорот за новата фабрика. Да извести новинарски, а не партиски. Во овој текст недостига уште да се посочи дека на Груевски треба да му се додели орден за национален херој.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови