Отворена сезоната за отстрел на олеснувачот Ванхaуте
Објавено во Новинарски лекции
on 5 - 11 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
За својата популарност кај власта, Ванхауте нималку не помогна ниту со изјавата дека доколку политичките лидери не ги испочитуваат зацртаните рокови и не ги исполнат условите од Договорот од Пржино, Македонија од страна на Европската унија ќе била третирана како Белорусија. Како одеше серијата напади врз европскиот олеснувач, Питер Ванхаоуте, во македонските медиуми.
Пишува: Југослава Дуковска
За Македонија одлучуваат Македонците, а дипломатите се само гости, е пораката која власта директно и преку провладините медиуми ја упати до домашната, но и до меѓународната јавност кон крајот на октомври, откако политичката криза и реализацијата на Договорот од Пржино влегоа во ќор-сокак. Многу поконкретно, пораката беше упатена и на лична адреса на неколкумина европски и на американскиот амбасадор, кои претходно ги симнаа дипломатските ракавици и отворено побараа од премиерот Никола Груевски да престане да го опструира имплементирањето на политичкиот договор, кој и беше постигнат со посредништво на меѓународниот фактор. Најконкретно, пораката, но и многу повеќе од тоа, беше упатена до посредникот во меѓупартиските преговори, белгискиот дипломат Питер Ванхауте, кој директно беше инволвиран во сите фази од дијалогот помеѓу власта и опозицијата во Македонија што резултираше, најпрвин, со политички договор познат како Договорот од Пржино, а потоа и во преговорите по работни групи каде што требаше да се прецизираат сите детали за да биде можна имплементацијата на сите елементи од политичкиот договор. Најмалку изненаден, веројатно, е токму Ванхауте, кој, и без тоа, веќе два месеца е константно предмет на силна медиумска кампања за оцрнување што веќе сега се заканува да ги надмине и најврвните „дострели“ на плукачко новинарство претходно применувани врз претставникот на ЕУ, Ерван Фуере.
СЀ, САМО НЕ ОБИЧЕН ДИПЛОМАТ
Ванхауте, Белгијанецот со велосипедот, каков што го запозна пошироката македонска јавност, без многу медиумска помпа, во јули годинава дојде на позицијата олеснувач на преговорите помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Социјалдемократскиот сојуз за излез од политичката криза што ја потресуваше Македонија во текот на жешката политичка пролет. Но, олеснувачот Ванхауте не беше тазе дојден во Македонија. Освен што, во разни дипломатски мисии работел и претходно на Балканот, тој, како претставник на ЕУ и набљудувач на процесот, учествуваше во подготовката на извештајот за 24 декември 2012 година и во таканаречениот Мартовски договор. Уште на почетокот на својот посреднички стаж во Македонија, Ванхауте покажа дека не е само обичен, блед бриселски дипломат. Наместо службениот превоз со лимузини, тој одбра да си купи велосипед и на две тркала да се транспортира низ македонската метропола, што беше искоментирано со симпатии во медиумите од сите провениенции. Медиумите, и оние провладините и оние критички настроени кон власта, во текот на јули, август и во првата половина на септември Ванхауте го спомнуваа само како странски дипломат, инволвиран во преговорите, главно мачејќи се правилно да го транскрибираат неговото презиме, што доведе до тоа секој медиум да има своја верзија – Ванхојте, Ванхауте, ван Хауте, Ванхут и слично.
Но, на крајот на летото, работите се сменија. Во еден од своите јавни настапи во Скопје, зборувајќи пред претставници на политичките партии вклучени во преговорите, пред новинарите и претставниците на невладините организации, Питер Ванхауте одржа инспиративен, но и многу индикативен говор, кој беше првиот показател дека олеснувачот не планира да остане во тесните дипломатски рамки, вообичаени за претставник на меѓународната заедница, барем не така како што македонската јавност беше навикната да ги доживува странските дипломати „на привремена работа во Македонија“ – воздржани и дистанцирани, упатувајќи им на политичките чинители дека тие се носители на одговорноста за Македонија да стане демократија, во која граѓаните меѓусебно се почитуваат, каде е дозволено тие да имаат различно мислење. „ Вечерва, кога сите вие ќе се вратите дома, сите вие би требало да бидете во состојба да им дадете прегратка на своите љубени, да ги погледнете в очи вашите деца или внуци и да кажете: „Денеска, ја следев мојата совест, не подлегнав на притисоци, не прифатив каков било поткуп, помогнав да се изгради вашата иднина, иднина во која не морате да ја напуштите земјата во потрага по пристојна работа, иднина во која луѓето се почитуваат меѓу себе, земја во која луѓето разговараат и се слушаат меѓу себе, без оглед на нивното потекло, накратко, земја која ги следни европските вредности“. Емотивниот говор на Ванхауте, меѓутоа, не беше доволна инспирација за повеќето медиуми во земјава, па него го пренесоа само „Фокус“, „Либертас“ и „Капитал“.
НА ЗБОРОТ СО ЗБОР
Кога преговорите почнаа посериозно да заглавуваат, Ванхауте излезе пред новинарите со натпис на македонски на кој стоеше: „Зборот е збор“ и отворено кажа: „ Една од најголемите партии не го почитува дадениот збор, не почитува никаков краен рок и не го почитува Договорот од Пржино“, сепак, дипломатски, одбивајќи да каже за која партија се работи и ги упати новинарите сами да истражат. Веднаш потоа протекоа и информации дека поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, непоканет се вклучил во преговорите, но дека, наводно, Белгијанецот Ванхауте го искарал Мијалков, а тој, изненаден и навреден, ги напуштил преговорите.
Меѓутоа, изгледа дека одмерениот Белгијанец веќе доволно нагазил врз прстите на „едната од страните во преговорите“ кога експресно медиумите наклонети кон власта му возвратија со пораките: „ Таксиметарот на Ванхоуте врти по 900 евра на ден!“, „Со што е платена пристрасноста на Ванхауте?“ и слични бисери на истражувачкото новинарство. Во нив, Ванхауте е обвинет дека ја узурпирал својата позиција на олеснувач во преговорите, ем „хонорарец, па дури ниту вистински дипломатски претставник“, дека се ставил над Уставот и над законите на Република Македонија, па почнал „да дава директиви како да изгледа политичкиот систем во земјата и да ја потценува волјата на граѓаните“, бидејќи јасно и гласно побарал специјалната обвинителка Катица Јанева да добие онолку заменици колку што побарала (што инаку ѝ следува според тогаш штотуку усвоениот Закон за специјален јавен обвинител, н.з.). „Прес 24“ го објави следново: „Според познавачите на политичките прилики, последните изјави на Ванхауте се крајно пристрасни и тенденциозни, што го поставува прашањето: Колку пари зема овој човек од непознат извор за да ги застапува ставовите на СДСМ?“, додавајќи дека: „кариерата на Питер Ванхауте е прилично скромна, па хонорарецот е лесно поткуплив затоа што нема кредибилитет кој би можел да го изгуби доколку настапува пристрасно“. „Нетпрес“ се надоврза: „Белгиецот Питер Ван Ванхоуте веќе и е добро познат на македонската јавност, бидејќи престојуваше неколку недели во земјава, кога со целосен дебакл заврши неговата работа околу анкетната комисија за настаните од 24 декември“, но медиумот не појасни кој е главниот виновник за неуспехот на работата на анкетната комисија за настаните од 24 декември.
Најдалеку во исмевањето отиде весникот „Вечер“, кој објави статија под наслов: „Белгиецoт Ванхут денес ги укина државата и уставните институции. Tој е царот Леополд!“ Во него, меѓу другото, се вели дека „дипломатот од Брисел Ванхут, кој нема никаква официјална дипломатска функција, денес и соопшти на македонската јавност дека има намера да ја укине македонската држава. Неговата цел не е за уривање на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Никола Груевски, туку директно клучните македонски институции: да се укине надлежност на Уставниот суд и јавното обвинителство, да се укине право на одлука и мислење на Собранието, да се укине право на приватност и забраната за прислушување и објавување, тој решава дека нема да има избори во април ако не му се исполнат условите…“ додавајќи дека „никој како овој Ванхут толку насилно и директно не најавил укинување на македонските институции и држава со закана за безбедносни немири или војна“(?!?) Весникот, притоа, на читателите не им понуди објаснување ниту поблиску ги информираше за тоа како и кога Ванхауте ѝ се заканил на Македонија со војна.
ПЕРСОНА НОН ГРАТА
Главниот одговор на пораката „зборот е збор“, сепак, стаса од главниот актер, премиерот Груевски, кој од свечената говорница по повод Денот на револуционерната борба, му порача на Ванхауте, без многу заобиколување: „Зборот не може да биде нов збор, тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ“, рече Груевски, инсинуирајќи дека Ванхауте бара од власта во Македонија отстапки во име на опозицијата. Се разбира, овој говор на Груевски беше своевиден сигнал за напад од сите орудија врз тивкиот и тврдоглав Белгиец, па така, набргу во одредени провладини медиуми осамнаа наслови како оној на „Нетпрес“: „Дали Ванхојте прераснува во вистински идол на СДСМ?“ и фотографии на дипломатот во друштво на млади девојки, проследени со невкусни коментари во стилот, „иако Ванхоуте има набиена агенда на активности во Македонија, тој сепак си наоѓа време да се фотографира со младите социјалдемократки, кои патем и покажуваат огромен интерес за него.“
Во потрага по материјал за анализа на „ликот и делото“ на Ванхауте, се посегна и по неговиот личен фејсбук-профил, каде што беа објавени фотографии, кои неговиот син ги сликал низ улиците на Скопје во текот на јануари 2015 година, при што беше критикувано тоа што тој ги сликал најгрдите детали од градежната експанзија на барокното „Скопје 2014“ и потоа тие глетки иронично ги коментирал. „Каква иднина и судбина, извесниот Питер ван Хауте ѝ крои на Македонија и што им посакува за нас Македонците, видливо е од неговиот профил на социјалната мрежа FACEBOOK, каде меѓу бројните „импресии“ за Македонија, со фотографии на руини од Скопје со саркастични содржини, доволно е да се прочита неговиот коментар ИДНИНАТА НА МАКЕДОНИЈА, ВЕЌЕ РЕАЛНОСТ ВО ГРУЗИЈА, кон фотографијата сликана во Грузија: Табла со грчкото знаме, на која на грузиски и на англиски јазик пишува „СОПСТВЕНОСТ НА ГРЦИЈА“, вели порталот „Журнал.нет“.
„Народно движење за Македонија најостро ја осудува шовинистичката објава на посредникот помеѓу власта и опозицијата, Питер Ванхaуте, на неговиот Фејсбук профил дека Македонија е сопственост на Грција, како и објавата на неколку фотографии со навредлива конотација за Македонија и Македонците, иако посредникот Ванхоуте е должен да се воздржува од навреда насочена против угледот на државата каде ја извршува посредничката функција како претставник на Европската унија“, стои во соопштението на НДМ што го објавија некои медиуми и се додава дека Ванхауте би требало да биде прогласен за персона нон грата во Македонија. Абер набргу стаса и од Филип Петровски, преку порталот „Пулс 24“, чиј сопственик е, инаку, Петровски: „Македонија шокирана од антимакедонизмот на Ванхојте“.
БЕЗМИЛОСНО ДИСКРЕДИТИРАЊЕ
За својата популарност кај власта, Ванхауте нималку не помогна ниту со изјавата дека доколку политичките лидери не ги испочитуваат зацртаните рокови и не ги исполнат условите од Договорот од Пржино, Македонија од страна на Европската Унија ќе била третирана како Белорусија: „Сите опции се отворени. Треба да видите што им се случи на некои земји во минатото, не само во регионот и пошироко. Не сакам да правам споредби, но еве една таква земја, на пример, е Белорусија. Можете да истражите и да видите каква е нејзината релација со Европската унија и ќе ви стане појасно“, рече Ванхауте, спомнувајќи ја земјата во која владее авторитарниот режим на претседателот Лукашенко и за чии главни функционери и бизнисмени ЕУ воведе санкции.
„Разработувајќи“ ја темата на неформалните активности на Ванхауте во Македонија, во своето цинично срочено „сатирично“писание „Ванхауте, партиска награда за одржување курс на СДСМ“, весникот „Република“, меѓу другото, објавува: „СДСМ објави внатрепартиски конкурс за најдобра фотографија „Питер Ванхауте“ во чест на познатиот белгиски фотограф познат и како „Ван Хојте“, но и како „ван Хут“. За сега не се најавува изложба на делата од овој конкурс, но во план е заедничка поставка со делата на белгискиот автор. На конкурсот може да учествуваат сите младинци и младинки од фото клубот СДСМ, кои што учествуваат на блиски средби и обуки кај белгискиот експерт по религии, кој во слободно време работи како медијатор во регионот“, додавајќи „ Не се открива кои напредни тајни белгискиот уметник им ги пренесува на партиските омладинки, но од СДСМ откриваат дека тие се френетично возљубени во неговото дело и начин на работа“.
Далеку од тоа дека во нападите врз Белгиецот со „чудно име“ воопшто има хумор. По интензивната кампања на омраза насочена кон него, новинарот и сопственик на порталот „Мактел“, контроверзниот Саше Ивановски Политико, повикува на претпазливост. „Режимот полека ја загрева пропагандната машина против човекот и почнува полека Ван Хојте да се прогласува за персона нон грата, за потоа да стигнат и заканите за претепување и убиство а ако не се преземе нешто тој може и да биде крвнички претепан до смрт!“, ќе рече новинарот, кој и сам неколкупати бил жртва на физички напади од претставници на владеачката партија.
„НЕ Е ВАНХАУТЕ ВАШИОТ ПРОБЛЕМ“
Дека нешто не е во ред со преговорите во Македонија и дека тоа нешто, се разбира, не е олеснувачот Ванхауте, одамна им е јасно и во Брисел. „Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одби да одговори детално дали Брисел е задоволен од олеснувачот во преговорите Питер Ванхауте, како и да појасни кои се неговите задачи, дали смее да се меша во директните политички случувања и да бара да се донесат антиуставни закони, ниту да каже колкава е платата што Белгиецот ја добива од европските даночни обврзници за своето медијаторство во Македонија“, објави порталот „Телеграф“, оставајќи им на читателите самите да истражат кој македонски медиум бил претставен на оваа прес-конференција во Европската комисија во Брисел од новинар кој работата на Ванхауте ја оквалификувал како негово „барање да се донесуваат антиуставни закони“. Но, затоа, пак, од портпаролката на Комисијата, Маја Коцијанчич, пристигна отрезнувачко предупредување да се „баталат јалови хејтерски кампањи“ и политичарите да се зафатат со работа: „Европската унија бара од четирите најголеми политички партии во Република Македонија, потписнички на политичкиот договор од 2 јуни и 15 јули, да продолжат итно со работа на имплементирање на точките од договорот, за да го надоместат изгубеното време“ за на крајот и отворено да побара „да не се одвлекува вниманието од суштинските прашања со напаѓање на оние што се обидуваат да помогнат“.
Последните вести зборуваат дека Ванхауте, кој минатата недела заминал на „консултации во Брисел“, сè уште не се вратил оттаму, а во Скопје само се шпекулира со какви инструкции ќе се врати. Но, како што за порталот „Либертас“ велат од дипломатските кругови: „Не е прашањето дали Ванхауте ќе се врати од Брисел, туку дали Македонија ќе тргне натаму“, поставувајќи го логичното прашање – сега, кога проблематичниот Ванхауте го нема да им пречи, дали политичките фактори сториле нешто самоиницијативно за Македонија да излезе од кризата?
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).