verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Освежување на медиумската сцена во Куманово

on 10 - 05 - 2015       
Куманово - нови медиуми, но дали со независни уредувачки политики. Фото: С. Атанасовска
Куманово – нови медиуми, но дали со независни уредувачки политики. Фото: С. Атанасовска

 

Последнава година во Куманово се отворени три нови медиуми, што за публиката и за медиумскиот простор претставува освежување.

 

Пишува: Сања Атанасовска

 

На 12 јули 2014 година, со работа почна локалното радио „Бум“, на 28 декември лани почна со работа регионалната телевизија „К3“, а од 1 април вести емитува и новата локална телевизија „Плус“. Регионалната „К3“ брои десетина новинари, а заедно со техничкиот кадар има триесетина вработени, додека ТВ „Плус“ е со нешто помала екипа. Кумановци долго време се жалеа дека град со 120.000 жители нема објективен и моќен медиум, кој ќе информира за сите настани, актуелни збиднувања и за граѓански проблеми. Гледачите сметаат дека на Куманово многу малку простор му се дава и во информативните програми на националните медиуми, а за Куманово, практично, се известува само кога има црна хроника, проблеми со водоснабдувањето или, пак, кога некоја важна политичка фигура доаѓа во посета на градот.

„Ја купивме лиценцата од музичко радио кое постоеше 20 години и кое поради недостиг на финансии и лошо менаџирање згасна. Со нова опрема и со програмска шема, за многу краток период успеавме да станеме најслушано радио во Куманово, а нè слушаат и преку интернет пошироко во регионот. Работиме скромно, по сите критериуми на Законот за медиуми, но едвај опстануваме. Се финансираме само од реклами, а расходите се доста високи. Работиме објективно и во интерес на слушателите. Долгогодишното  работно искуство резултираше со програма прифатена од сите слушатели. Ќе се бориме за да опстанеме на пазарот“, изјави Сузана Андоновиќ, уредник и сопственик на радио „Бум“.

Покрај овие медиуми, во градот функционираат и ТВ „Феста“ и ТВ „Хана“ на албански јазик, ТВ КРТ на македонски јазик, радио „Браво“, радио „Албана“ на албански јазик, порталите „Кумановоњус“ и „Кумановски муабети“, има дописници за МИА, „Канал 5“, МТВ, „Радио Слободна Европа“ и за „Вест“.

 

ЗА МЛАДИТЕ НОВИНАРИ, НОВИТЕ МЕДИУМИ ЗНАЧАТ НОВИ ВРАБОТУВАЊА

Младите новинари се задоволни што градот е побогат за три нови медиуми бидејќи истите ќе понудат вработувања, практика за студентите по новинарство и ќе станат расадник за млади таленти, идни новинари. Дваесет и четиригодишната новинарка Кристина Краљевска, дописник на „Канал 5“ и новинар во „К3“, вели дека новите медиуми за неа значат и повеќе можности на пазарот на трудот.

„По дипломирањето, имав можност да размислам каде се гледам себеси, каде би можела да ги покажам своите квалитети и знаења што ги стекнав на факултетот. Многу е важно најголемата општина во земјава да има шаренолика медиумска слика. Се сеќавам на периодот на стагнација или глувиот период, кога имаше само една телевизија со сиромашна програма, еден портал и едно радио и ми беше потешко да дознаам што се случува во мојот град, народски кажано, во мојот двор. Тука беа дописниците, но тие известуваа за настани од национален карактер“, вели Краљевска.

Краљевска ги поздравува иницијативите за отворање нови медиуми во североисточниот регион од Македонија.

 

КВАНТИТЕТОТ НЕ ЗНАЧИ И КВАЛИТЕТ

Столе Божиновски, 72-годишен новинар во пензија, кој целиот работен век се занимавал со новинарство, вели дека голем број граѓани сѐ уште не ни знаат дека во градот има три нови медиуми, од причина што самите медиуми не се промовирале, со летоци или на некој друг начин. Според него, неопходно е независно информирање за да се разбие медиумскиот мрак во Куманово.

„Што се однесува до Куманово, на граѓаните не им недостигаат телевизии, туку информирање. Благовремено и објективно. Тоа не зависи од бројот на медиуми, туку од уредувачката политика што одреден медиум ја води. Убеден сум дека приватна телевизија тој критериум не може да го задоволи. Се знае дека приватните медиуми се основаат и работат според принципот „врзи го коњот газдата каде ќе ти каже“. На Куманово му треба локална телевизија што ќе ја „издржува“ локалната самоуправа. Без да ми каже некој, убеден сум дека двете нови телевизии (не знам ни како се викаат) се на „газди“ блиски до партијата на власт и мора да продаваат една вистина – вистината на партијата на власт“, раскажува Божиновски.

Тој смета дека уште долго време медиумите во Куманово и во Македонија ќе известуваат под влијание на партиите.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести