verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Осознај го дигиталниот свет за да можеш да се заштитиш од манипулации

on 11 - 12 - 2019       

Како се снаоѓаме во морето на информации и колку сме подготвени да ги восприемиме и обработиме без да бидеме измамени? Како да се справиме со сопствените предрасуди и со стравот дека ќе испуштиме нешто важно доколку не сме постојано на социјалните мрежи? Како да се заштитиме од оние чија главна задача е да ја изманипулираат нашата перцепција и нашите ставови?

Пишува: Билјана Танеска

Она за што сите би можеле да се согласиме за денешното општество е тоа дека бројот на информации кои секојдневно ги консумираме е поголем од кога и да било во историјата, но и нивното креирање постојано се зголемува.

На пример, во секоја минута од денот во 2019 се постираат 477.777 приказни на Инстаграм и 511.200 твитови, се испраќаат над 18 милиони текстуални пораки и се гледаат 4.5 милиони видеа на Youtube.

Последните податоци покажуваат дека луѓето просечно поминуваат голем дел од денот на интернет, од кој скоро 2 и пол часа во просек на социјалните медиуми. Тие стануваат и доминантен извор на вести за сѐ поголем број луѓе.

Причината за ова е социјалната анксиозност позната како ФОМО (fear of missing out) односно страв да не се пропушти нешто. Овој страв е поврзан со желбата да се остане постојано поврзан со тоа што го прават другите и, исто така, се објаснува како страв од каење. Ова е еден вид нереален општествен притисок кој може да нè доведе до компулсивна грижа дека ќе пропуштиме некоја прилика за општествена интеракција, ново искуство, исполнителен настан или можеби добра инвестиција.

Во време кога нештата што може да се пропуштат секојдневно се зголемуваат, анксиозноста и стравот се зголемува, така што потребата луѓето да се постојано поврзани и да следат што се случува, исто така, се зголемува. Луѓето во просек ќе поминат 6 години и осум месеци од својот живот на социјалните медиуми, што е двојно повеќе од времето што ќе го поминат во јадење и пиење и скоро пет пати повеќе од времето поминато во социјализирање.

Дневно на Фејсбук се креираат податоци тешки 4 петабајти што е еднакво на 8.000 просечни хард дискови во еден лаптоп компјутер од 500 гигабајти. Се проценува дека до крајот на 2025 секој ден глобално ќе се креираат по 463 егзабајти податоци што е еквивалентно на нешто помалку од 213 милиони DVD-а на ден.

Овие бројки се толку големи што не можеме ни лесно да ги восприемиме без да ги ставиме во некаква статистичка визуелизација, или да ги претвориме во нешто опипливо, што ќе ни го олесни разбирањето, искористувајќи ги нашите предзнаења, начин на перципирање и разбирање, со користење на бои, форми и компарации.

Слично на ова, нашиот мозок изложен на огромен број информации се обидува да најде смисла во нив, така што има разработени механизми со помош на кои полесно и поедноставно го восприема светот.

КАКО РАЗМИСЛУВАМЕ: „СИСТЕМ1“ И „СИСТЕМ2“

Нобеловецот Даниел Канеман во монументалното дело „Мислење брзо и споро“ се обидува да објасни како функционира човековиот ум. Тој опишува два различни модуси на мислата кои за полесно разбирање ги нарекува „Систем 1“, кој е брз, инстинктивен и емоционален, автоматски и несвесен и „Систем 2“ кој е поспор, намерен, пологичен, пресметан и свесен. За жал „Системот 2“ троши далеку повеќе енергија и токму поради тоа е многу помалку користен, зашто секое живо суштество се стреми кон зачувување на енергијата. За сметка на тоа, поголемиот дел од времето нашиот свесен живот е на оној модус кој слободно може да го наречеме автопилот. „Системот 1„ со текот на еволуцијата се специјализирал лесно и брзо да ги проценува ситуациите, соодветно да реагира врз основа на предзнаење и искуство и стереотипно да пристапува на проблемите.

Важен дел од несвесното функционирање на човековото восприемање на информациите се стереотипите и предрасудите, кои ги градиме и надградуваме со помош на нашето искуство и знаење. Тие ни помагаат брзо и едноставно да дадеме смисла на ситуацијата во која се наоѓаме, но често придонесуваат за неосновано и погрешно нивно разбирање.

ПРЕДРАСУДИТЕ – АВТОМАТСКИ МОДЕЛИ ЗА ДОБИВАЊЕ КОНТЕКСТ

Предрасудите се, всушност, автоматски модели на ситуации и случувања кои нашиот когнитивен апарат ни ги нуди како решение при средбата со нови искуства. Тие ни го даваат контекстот или значењето и се наречени предрасуди поради тоа што имаме мислење за нештото пред да расудиме, односно без да го вклучиме рационалниот „Систем 2“. Во поголемиот дел од нашето свесно живеење ние функционираме на овој начин и во поедноставен свет тоа би било сосем доволно.

Когнитивните предрасуди, како и „Системот 1“ нѐ оспособуваат да преживееме без непотребно да ја трошиме енергијата. И сето ова би било добро доколку светот во кој живееме денес од ден на ден не станува сѐ покомплексен и сознанијата за тоа како функционираме неретко се користат и против нас.

Покрај сознанијата на Канеман поврзани со нашата когниција и начинот на кој нашиот свесен режим работи, во социјалната психологија секојдневно се откриваат нови одговори за човековото однесување: индивидуално и во група, при комуникација или посматрање, во интеракција и пасивно восприемање. Голем дел од тие сознанија се користат за подобрување на нашето разбирање на себеси и унапредување на нашата свесност, но времето покажало дека секое сознание може да се искористи и како некакво орудие за остварување на одредени цели кои не се во интерес на целата заедница.

МАЛИЦИОЗНИТЕ ПОТРЕБИ ЗА КОНТРОЛА НА НАШЕТО МИСЛЕЊЕ И СТАВОВИ

Така што, уште при почетокот на 20-тиот век и исклучителниот развој на сознанијата во психологијата на свесното, се разгледувале начини како да се искористат тие сознанија за полесно пренесување пораки, вредности и убедувања на пошироките народни маси. Меѓу нив е познатиот Едвард Бернајс кој се смета за татко на економската пропаганда и односите со јавноста. Тој прв издвоил специфични техники со помош на кои полесно може да се делува на луѓето и да се наметнуваат ставови и мислења.

Земајќи ја предвид поплавата од информации со која секојдневно се соочуваме и нашата огромна потреба ништо да не пропуштиме, сами се ставаме во автоматизирана состојба на брзо восприемање со помош на „Системот 2“, кој целосно работи врз основа на стереотипи и предрасуди и на овој начин стануваме многу ранливи на сите видови пропагандни техники.

За да направиме подобар свет за сите, многу е важно да знаеме како функционира денешниот и како да се справиме со некогаш малициозните потреби да се контролира нашето мислење и ставови, од огромна важност е да научиме да ги препознаваме техниките кои се користат за наметнување на тие мислења, како и нашите когнитивни предрасуди кои овозможуваат да се случи тоа.

Билјана Танеска е дипломиран психолог и магистер по комуникации и нови медиуми. Се занимава со маркетинг стратегија и ги истражува културолошките и психолошките влијанија на новите технологии.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести