Орвел во Македонија: Одлуката на Уставниот суд и нејзиното (не)спроведување
Објавено во Анализи
on 24 - 07 - 2015 Автор: Жарко Трајаноски
За жал, бројните меѓународни и домашни прилози за „орвеловско надгледување“ во 2015 година, пропуштија да потсетат на одлуките на Уставниот суд од 2010 година и на нивните последици
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
Во претходната анализа го поставивме прашањето Дали „скандалот со прислушувањето“ обелоденет во 2015 година беше предвиден уште во 2010?, укажувајќи на сериозните предупредувања за „орвеловско сценарио“ во Република Македонија од страна на политичари, новинари и на експерти. По избрзаното и нетранспарентно донесување на спорните измени на Законот за електронските комуникации, неколку иницијатори поднесоа претставки до Уставниот суд. Дел од иницијаторите укажаа дека со законското решение му се овозможува на МВР „самостојно преземање на податоците за сообраќај“ (без знаење на судот, обвинителството, операторите) и „волунтаристичко и самоволно користење на приватните податоци на граѓаните“.
Во оваа анализа ќе укажеме на дел од медиумските известувања на одлуките на Уставниот суд во 2010 година, одлуки кои се особено значајни за разбирање на „скандалот со прислушувањето“ обелоденет во 2015 година. За жал, бројните меѓународни и домашни прилози за „орвеловско надгледување“ во 2015 година пропуштија да потсетат на одлуките на Уставниот суд од 2010 година и на нивните последици.
МЕДИУМСКИ ИЗВЕСТУВАЊА ЗА ПРИВРЕМЕНАТА МЕРКА НА УСТАВИОТ СУД
И постапката пред Уставниот суд во врска со Законот за електронските комуникации беше проследена со контроверзии. Првично, на 20 октомври 2010 година медиумите известија за кавга меѓу претседателот на Уставниот суд (кој, случајно или не, беше лустриран неколку седмици претходно) и еден од уставните судии кој побара одложување на расправата (Пукна кавга во Уставен суд). Обидот за одолжувањр на расправата беше оценет од еден експерт како „обид да се блокира донесувањето една одлука“ (Уставен суд со кавгите се поткопува однатре).
Сепак, на 21 октомври 2010 година, Уставниот суд изрече „привремена мерка со која се запираат од извршување поединечните акти и дејства доколку се преземени врз основа на нив“, па МВР, како „овластен орган за следење на комуникациите“ беше пак во фокусот на медиумите:
„МВР го прави тоа без налог од суд и без да се определат начинот, субјектот, траењето и обемот на следењето. Ваквата ситуација на МВР му овозможува без налог и без определен број субјекти, без определено времетраење, без утврден начин и конкретен обем да ги следи комуникациите и да прислушува кого сака и колку сака.“ (Замрзнато прислушувањето без судски налог).
Привремената мерка беше повод повторно да се огласат претставници на опозицијата, кои предупредија дека „Прислушувањето е спорт на оваа Влада, поважен дури и од фудбалот“ и дека кога „СДСМ ќе дојде на власт, ќе направи контрола на секој што е прислушуван во Македонија и дали тоа е направено законски“ („Ќе го затнат ли судиите „Големото уво“?).
Конечно, се огласи и министерката за внатрешни работи, чија изјава некритички ја пренесоа дел од медиумите:
„Уставниот суд оценувал одредби од Законот за електронски комуникации, кој не е закон од надлежност на МВР, туку е закон предложен од министерството за транспорт и врски и сосема природно, МВР ниту има ингеренции, ниту има компетенции да оценува закон предложен од друг ресор.“ (Законот за прислушување не бил од надлежност на МВР).
Критичкото известување не би ги игнорирало клучните прашања кои упатуваат на „проверка на фактите“:
- Како е можно оценетиот закон да не од надлежност на МВР, кога според член 4 точка 47 oд Законот, овластен орган за следење на комуникации е МВР?
- Како е можно оценетиот закон да не од надлежност на МВР, кога е МВР единствен корисник на оспореното прислушување, за кое експертите предупредуваат дека ќе биде надвор од досегот на контролните механизми: „Со доведување до можноста за пристап до целата опрема и со доведување на водовите во место кое ќе го определи на МВР ѝ се дава можност да ги заобиколи контролните механизми“ (поранешен директор на Агенцијата за разузнување).
МЕДИУМСКИ ИЗВЕСТУВАЊА ЗА ПОНИШТУВАЧКАТА ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД
Насловот „Прислушување само со судски налог“ ја изразува главната медиумска поента на известувањата по одлуката на Уставниот суд за поништување на неколку одредби од Законот за електронските комуникации на 15 декември 2010 година. Дел од медиумите се обидоа практично да објаснат дека „поништувањето значи и елиминирање на сите поединечни акти и дејства преземени од донесувањето на овие законски одредби до објавувањето на одлуката на Судот во „Службен весник“ (Без налог нема да се прислушува).
За жал, и покрај историското значење на ваквата одлука на Уставниот суд, само мал дел од медиумите покренуваа прашања од јавен интерес за дилемите што се наметнаа по донесувањето на неуставните законски измени:
„Дали Уставен суд со укинувањето на одредбите од Законот за следење на електронските комуникации му го скрати кабелот на „Големото уво“ или граѓаните и натаму телефонските разговори и другите комуникации ќе ги водат во „тројка“? Уставните судии, сепак, му ја спуштија слушалката на Орвел, зашто „тој“ пред да може ве прислушува ќе мора да му се обрати на истражниот судија. Но, во изминативе пет месеци, колку што беа во сила одредбите од Законот, „Големото уво“ можеше да работи наголемо, бидејќи полицијата и законски имаше неограничен пристап до телефонските врски, компјутерските и другите комуникации.“ („Ало, кој е на телефон“? „Јас, ти и Орвел!“)
Во овој обид за критичка анализа е пренесена и официјална изјава на портпаролот на МВР, која подоцна е подложена на испитот „проверка на факти“:
„МВР никогаш не постапувало и нема да постапува според Законот за електронски комуникации, бидејќи тој е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, така што за нас не менува ништо укинувањето на одредбите“, вели Иво Котевски, портпарол на МВР. Но, спорните одредби го говорат спротивното. Во пет члена од Законот беше предвидено електронските комуникации да можат да бидат следени од МВР, без постоење судски налог.“ („Ало, кој е на телефон“? „Јас, ти и Орвел!“)
Овој медиумски прилог е од посебно значење денес бидејќи пренесува и песимистички изјави на претставници на опозицијата кои:
- претпоставуваат дека „во овие пет месеци Законот даваше можности за злоупотреби од страна на УБК и фамилијата“;
- претпоставуваат дека и покрај укинатите одредби нема да се почитува одлуката на Уставен суд;
- и натаму ќе се прислушува неограничено, бидејќи „не попусто е купено толку многу техника и се потрошени многу пари“ („Ало, кој е на телефон“? „Јас, ти и Орвел!“).
ШТО ПРОПУШТИЈА МЕДИУМИТЕ ПРИ ИЗВЕСТУВАЊЕТО ЗА ПОНИШТУВАЧКАТА ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД?
Прво, пропуштија да известат дека поништените законски одредби биле донесени со повреда на уставните процедури и не го покренаа прашањето за одговорноста на оние кои го прекршиле Уставот. Имено, Уставниот суд утврди дека оспорените одредби „треба да бидат предмет на уредување на закон што се носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, па оттаму логично беше медиумите да побараат одговорност за лицата што го прекршиле Уставот и дозволиле да стапат на сила законски одредби кои не биле изгласани со потребното мнозинство.
Второ, медиумите пропуштија да ја детектираат и да ја пренесат главната поента на Уставниот суд дека „Исклучувањето на судскиот налог е главната измена“ и да го пренесат клучното прашање кое се исправило пред судиите:
„…дали директниот и постојан пристап до содржината на комуникацијата настанува во моментот на поставување на телефонскиот вод и опрема за пренос до локацијата на овластениот орган (член 115 ставови 1 и 2 од Законот) што би значело можност за следење на комуникациите од моментот на поставување на опремата, за неограничен број на субјекти, без постоење на законска основа (наредба од судија или јавен обвинител) и за неограничен временски период кое нешто му дава на Министерството за внатрешни работи неограничена и неконтролирана моќ и можност за постојано неконтролирано црпење на информации.“
Трето, медиумите пропуштија да ја цитираат оцената на Судот која дава одговор на претходното прашање:
„Судот оцени дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на содржината на комуникацијата, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација.“
Четврто, медиумите пропуштија да го пренесат имплицитното предупредување на Уставниот суд дека поништените законски одредби одат во правец на неограничена моќ:
„…законската регулатива која се однесува на примена на мерките за следење на комуникациите треба да содржи кристално јасна претстава за околностите и условите под кои јавната власт е овластена да прибегне кон употреба на ваква мерка, начинот на кој се прави следењето, случаите во кои следењето на комуникациите има своја оправданост, органот кој дава наредба за следење на комуникациите. Сето останато оди во правец на неограничена моќ и е во спротивност со принципот на владеењето на правото.“
Петто, медиумите пропуштија да укажат дека, потпирајќи се на одлуки на Судот во Стрaзбур, Уставниот суд оцени дека оспорените одредби „преставуваат реална закана од самоволно и произволно мешање на државните органи во приватниот живот и преписката на граѓаните што може негативно да се одрази на честа и на угледот на граѓаните без за тоа да има реална основа во Уставот и законите.“
(Продолжува: Дали некој треба да одговара за неспроведување на одлуката на Уставниот суд?)