verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Опаѓаат нивото на медиумска писменост во Македонија и интересот за студиите по новинарство

on 26 - 12 - 2016       
Медиумската писменост се дефинира како способност на граѓаните за ефективно користење, разбирање и свесно учество во сите форми на комуникација, како и во демократскиот и политичкиот процес. Фото: Wesley Fryer
Медиумската писменост се дефинира како способност на граѓаните за ефективно користење, разбирање и свесно учество во сите форми на комуникација, како и во демократскиот и политичкиот процес. Фото: Wesley Fryer, Flickr

 

Од 2014 година наваму, во Македонија се забележува тренд на затворање на додипломските студии по новинарство, а опаѓа и бројот на новозапишани студенти. До таа година, овие студии биле опфатени на шест факултети, а денеска постојат само на четири. Квалитетот на медиумското високо образование најмногу страда од многу теорија и од малку медиумска практика

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во последните години, од 2009 година наваму, се забележува тренд на заостанување на полето на медиумската писменост на публиката. Ова го покажува истражувањето на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за образовните потреби на новинарите и за медиумската писменост на публиката, објавено во мај 2016 година. Истражувањето е спроведено како дел од проектот „Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите“, што го реализира Центарот за независно новинарство од Романија, а е поддржано од Европската комисија.

 

КВАЛИТЕТОТ НА НОВИНАРСКОТО И МЕДИУМСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

За да одговори на прашањето каков е квалитетот на новинарското и медиумското образование во Република Македонија, истражувањето прво ги зема предвид оценките за општата состојба на новинарството во земјава, како и на професионалните стандарди што ги застапуваат медиумите, а кои се на многу ниско ниво.
Анкетата на „Фридом хаус“ за 2015 година ја стави Македонија во групата неслободни земји кога е во прашање слободата на медиумите.

„Автоцензурата меѓу новинарите е вообичаена, во најголем дел поради притисокот од сопствениците на медиумите со одредени бизнис и политички интереси и, од неодамна, загриженост од прислушување. Новинарите се слабо платени и се соочуваат со закани и со малтретирање доколку се впуштат во истражувачко или критичко известување“, се вели во извештајот.

Директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Жанета Трајкоска, наведува уште неколку причини за овој феномен.

„Имате новинарство што секоја година е рангирано сè полошо и полошо, имате новинарство што е многу слабо платено, една од најниско платените професии во Македонија. Студентите гледаат дека многу мал број новинари добро живеат и дека тие што добро живеат не се новинари туку политички платеници во редакциите што работат за други цели. Оттаму е таа негативна слика“, вели Трајкоска.

 

ОПАЃА БРОЈОТ НА СТУДЕНТИ ШТО СЕ ЗАПИШУВААТ НА НОВИНАРСТВО

Експертите и раководителите на студиските програми по новинарство сметаат дека оваа ситуација влијае и врз опаѓањето на интересот за упис на овие факултети. Бројката на новозапишани и на дипломирани студенти, од година во година опаѓа.

„Сè помалку студенти се заинтересирани да студираат новинарство. На пример, во 1977 година на новинарство сe запишале повеќе од 200 студенти, а 40 години подоцна само околу 20 конкурираа на студиите по новинарство. Но, тие студенти, односно новинари, треба да бидат јадрото на професијата“, се наведува во истражувањето.

Високо новинарско, додипломско образование, може да се стекне на три државни универзитети и на една приватно-јавна установа. Тоа се студиите по новинарство, медиуми и комуникации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, студиската програма по новинарство и односи со јавноста на Правниот факултет на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Студиите по новинарство и медиуми на Државниот универзитет во Тетово, како и на Факултетот за јазици, култури и комуникација на Универзитетот на Југоисточна Европа. Освен на овие универзитети, магистерски програми по медиуми и по комуникации има и на Институтот за социолошки и за политички истражувања (студиска програма од втор циклус студии по комуникации) и на Институтот за комуникациски студии (менаџирање на медиуми и мултимедија).

Истражувањето покажало дека кај професорите и кај дел од новинарите постојат мислења дека катедрите по новинарство треба да бидат издвоени во посебни, самостојни факултети, а не како студиски програми. Тоа, според соговорниците во ова истражување, е решението што ќе овозможи промени во наставните програми на студиите по новинарство, а во кои сега доминираат неновинарски предмети.

„Тоа значи многу правни и економски предмети. Во последните неколку години се случи извесно ребрендирање на програмите, се внесоа некои нови наслови, ама насловите воопшто не ја рефлектираат содржината што студентите ја учат во текот на студирањето“, смета Трајкоска.

Од друга страна, пак, сцената на неформалната и дополнителна медиумска едукација е прилично динамична. Студентите и младите новинари имаат широк избор на обуки за специфични вештини и знаења, кои се стекнуваат на динамичен и интерактивен начин што ги прави прилично применливи.

 

КОЛКУ ГРАЃАНИТЕ СЕ МЕДИУМСКИ ПИСМЕНИ

Следното прашање со кое се занимава ова истражување е како граѓаните ја перцепираат состојбата во медиумите, дали имаат можности да ги препознаваат лошите медиумски практики и на кој начин можат да реагираат на нив, односно колкав е степенот на нивната медиумската писменост.

„Граѓанскиот сектор, преку активностите и застапувањата што ги спроведува, останува и понатаму најгласен поборник за промовирање на оваа тема. Како резултат на овие лобирања, медиумската писменост влезе во законската регулатива. Во завршната и официјална верзија на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, медиумската писменост се споменува во четири члена“, се наведува во истражувањето.

Според Законот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги има обврска да ги организира и да ги спроведува сопствените активности за медиумска писменост и да поттикнува и да ги следи активностите што опфаќаат медиумска писменост како препорака за комерцијалните медиуми. Засегнатите страни и експертите со одобрување го пречекаа институционализирањето на медиумската писменост, но со воздржување, бидејќи легислативата е премногу општа, а акциските планови се сè уште неподготвени.

ААВМУ во меѓувреме подготвила „Програма за поттикнување на медиумската писменост во Република Македонија“, која има цел да обезбеди насоки за развој и промовирање на медиумската писменост. Во овој документ медиумската писменост резимирано се дефинира како способност на граѓаните за ефективно користење, разбирање и за свесно учество во сите форми на комуникација, како и во демократскиот и во политичкиот процес.

„Првиот заклучок на темата на ова поглавје е дека не постои систематска и континуирана промоција на медиумската писменост и образованието за новинари, кои треба да се значаен фактор за надминување на негативната перцепција за новинарските професионалци и за работата на медиумите. Најголемата одговорност за промоција и за постојана афирмација на темата медиумска писменост ѝ припаѓа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги откако тие обврски ѝ припаднаа согласно со законот“.

 

АКТИВНОСТИ ШТО ОПФАЌААТ ПРОМОЦИЈА НА МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ

Делумно континуирани активности што опфаќаат промоција на оваа тема се, на пример, весникот „Медиум“ на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, конкурсот за средношколци „Изрази се преку медиумите“ или „Сервисот за проверка на факти од медиумите“, преку нивните континуирани рецензии на новинарските продукти.

Меѓу медиумските професионалци и едукатори постои мислење дека овие активности не се доволни. Кристина Озимец, млада новинарка истражувач, смета дека новинарите и медиумските активисти треба да ги удвојат напорите и кампањите за воведување на медиумската писменост како редовен предмет во основното и во средното образование.

 

ПРЕПОРАКИ

Во областа на образованието, меѓу другото, се препорачува факултетите што имаат студии по новинарство, медиуми и комуникации да иницираат дебата во однос на потребата од ефективна реформа на наставните програми за новинарство, кои би биле приспособени на спецификите што произлегуваат од самата професија, а воедно би биле во тек со светските високообразовни трендови. Да се иницира стручна дебата околу потребата од отворање посебен факултет за новинарство, медиуми и комуникации во рамките на државните универзитети, наместо досегашните интердисциплинарни студии. Јавниот радиодифузен сервис да овозможи услови за спроведување практична работа на студентите по новинарство, медиуми и комуникации.

Во областа на медиумската писменост, пак, се препорачува сеопфатен системски приод во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни: Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, претставници од образованието на сите степени, медиумски и новинарски организации и саморегулаторното тело, граѓански организации што се занимаваат со темата медиумска писменост, јавниот сервис и медиумите/новинарите, како и самите граѓани.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести