verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Oдделение за постизборна трауматологија

on 19 - 12 - 2016       
Што се не видовме - закани со крстови, закани со Ќосето. Фото: скриншот
Што сè не видовме – закани со крстови, закани со Ќосето. Фото: скриншот

 

„Ниските поени го „поткрепуваат песимизмот на медиумската заедница и очекувањата да се избегне од тенденциите кон поголема државна контрола, политизација и економска деградација на медиумите“, се вели во Извештајот на Прибе. „Наспроти оваа заднина, важно е да се нагласи дека медиумите се клучен играч во демократија, не само како јавен заштитник, туку и како соработник на плурализмот, развојот на демократијата и на дијалогот“. Можно е доколку се има волја, но дали во вакви услови сега е и реално изводливо!?

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Изборното шоу, би рекле, e зад нас. Полно со парадокси, нелогичности, драматичност. И без оглед на политичкиот (не)успех на кандидатите и на партиите, интересно е целиот процес да се анализира затоа што „ВМРО-ДПМНЕ се прогласи за победник, но ги прокнижи најлошите резултати досега, далеку под очекуваните 63 мандати. ДУИ прослави „Пирова победа“ со преполовена доверба кај гласачите. Кои се вистинските победници?“, прашува Катерина Блажевска во „Изборен парадокс: Победата како пораз и обратно“. Ова особено, низ медиумската призма на добивање, обработка, објавување и на намена на информациите за она што навистина се случуваше во овој период, особено последнава недела – постизборниот период, поради фактот што без оглед чија е изборната победа, влегуваме во период на реализирање на ветеното, пред сè, обврските кон надвор, кон евроатлантските интеграции. А, тука, има на што доста да се работи! Потсетија и високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан, веднаш по објавувањето на изборните резултатите од страна на ДИК, инсистирајќи на „брзо формирање на новиот парламент и на новата влада и спроведување реформи за решавање на системското владеење на правото, како и на реформските приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со целосно спроведување на претходните политички договори, што вклучува и поддршка на СЈО“.

Погледнато парцијално, само од аспект на медиумите, во согласност со реформските приоритети договорени пред година и пол, сходно извештајот на Рајнхард Прибе, којнајголем дел (…) се однесува на медиумите, се нагласува дека сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок, без мешање и закани“. Затоа, како клучни беа посочени четири работи: МРТВ, поради недостигот на политичка независност, балансирано известување и неуспехот во обезбедувањето на информативни висококвалитетни содржини; потоа владиното рекламирање, во кое отсуствуваше клучниот темел – транспарентноста, т.е. транспарентни, објективни и недискриминаторски критериуми (иако се направи предлог-закон за владино рекламирање, кој падна на првиот тест и брзо беше повлечен на доработка); пристапот до информациите, односно за прекумерната употреба на категоријата „доверливо“ за документи кои не се од таква природа; како и за клеветата, за која се бара ревизија на легислативата и на процедуралните правила, но и поддршка и промоција на саморегулација во професијата.

 

ЌОСЕТО И КРСТОТ

И сега, ако на момент само се „фрли“ око на случувањата и на квазинастаните кои беа пренесени преку медиумите во изминатиов период, од традиционалните, па сè до социјалните, запрепастувачка е сликата, тонот, во крајна линија намерата, односно пораката, т.е. целта за што сè медиумите и новинарите послужија! Само за илустрација, од предизборна валкана кампања со повикување на „експертските вештини“ на Ќосето, преку изјавите на Влатко Ѓорчев за политичкиот бон-тон:СДСМ треба да покаже европски манири и да му честита на победникот“, па сè до „небулозните“ медиумски оправдувања и двојни аршини на владините административни полтрони за победата која членови на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и во Прилеп „европски“ ја славеле фотографирани со надгробен крст на кој пишува: „Зоран Заев 1974-2016“… Сосема на крај и за „запазувањата и констатациите“ на Владо Јовановски, кој на својот статус му препорача на Ванхауте, а провладините медиуми побрзаа да му ги пренесат препораките за „…да си најдеш џамче од пелистерка“. За каква сè не порака беа употребени медиумите, а затруениот јавен медиумски простор во овој постизборен период беше страшна, ужасна, на моменти гнасна наелектризирана медиумска мизансцена! Едно е сигурно, тоа го правиме со пораки преку кои се збогуваме со 20 век, но враќајќи се наназад, а не галопирајќи нанапред!

Сумарно, се губи фокусот, ако воопшто се чини дека таков и имаше за медиумите во согласност со Договорот од Пржино!? Ова оттаму што медиумската реалност сведочи за Дионизиско бахато и разулавено славење на Пировата победа на истата коалиција: „Груевски и Ахмети не ја освоија, туку со крајни маки ја задржаа власта… Резултатите се трауматично понижувачки за нив, но и кобни за земјата, бидејќи агонијата на губење на популарноста ќе доведе до зајакнување на политиките за владеење преку раздор, за да го ослабнат антирежимскиот круг. Отворениот националистички вокабулар на ДПМНЕ пред, но и по изборите, како и видно заладените односи на ДУИ со западните партнери, конкретно со САД, се предвесник за курсот на кој ќе се движат овие две партии, а со нив и земјата“, укажува Арсим Зеколи.

 

ЗЛОУПОТРЕБА НА ИНФОРМАТОРИТЕ НА ЈАВНОСТА

Оттука, медиумскиот свет треба да се подготвува за прочистување на сопствените редови, за враќање на сјајот на сопствената професија, да се ослободи од клиентелизмот (според индексот на клиентелизам во медиумите, Македонија е на четвртото место), преку веродостојност во однос на бранењето на  вистината и изградено чувство за интегритет и за професионалност согласно сработеното, а во однос на реформските приоритети, сигурно не со ширење еуфорија со националистички предзнак дека „состојбите на теренот веќе индициираат дека тензиите растат и дека една искра може да направи пожар“, односно преку отворен повик за реализација на црни сценарија дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да предизвика масовни протести, како што имаше, таканаречено, спонтано собирање пред канцелариите на ДИК, кога се пребројуваа резултатите. Тоа сценарио е можно и очекувам да се случи…“, т.е. за „одлевање на еден глас“: „Заев и тие околу него треба да знаат дека си играат со трпението и гневот на трпелив човек. Доколку некој се обиде да го украде тоа, трпението ќе премине во гнев“.

Сосема на крај, наспроти анализите и предвидувањата на дел од европските медиуми, т.е. „по тесниот исход од изборите не може да се види крај на политичката криза во поделената земја. Можно сценарио (…) земјата влегува во политички хаос. Повторно доаѓа до улични протести и апсења, притисокот врз медиумите и цивилното општество станува уште поголем, повторно доаѓа до етнички тензии…“, треба да се одговори конструктивистички и во согласност со долгорочниот план за сеопштиот интерес на оваа земја, нејзиниот народ. Најпрво да се покаже волја дека се сака придвижување, помрднување нанапред, а кое во медиумската сфера повеќе не е можно без длабоки хируршки зафати за отстранување на „дивото месо“ и тенденциите за злоупотреба на информаторите на јавноста. А, истото е можно само ако медиумите се волни да излезат од одделението за постизборна трауматологија!


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести