verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Од сегментирани информации до дезинформации

on 16 - 12 - 2013       

1470708_10202829433000565_502212530_n

Постои една изрека во врска со проблемот со името – Цело е кога има сѐ. Употребена во друг контекст, таа е сосема адекватна за проблемот во современиот македонски журнализам кон кој ќе се осврнеме тука – нецелосна информација не само што не е сѐ, туку таа дури може да се претвори и во нејзин антипод – дезинформација

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Сеопфатноста при информирањето е императив и еден од неопходните стандарди во новинарството, доколку информацијата претендира да биде вистинита и објективна. Се разбира дека тоа не е лесно, особено при информирањето за дневните настани, кога роковите ги газат и новинарите и уредниците, но не e и премногу тешко. Од овој императив не треба да се амнестираат дури ни агенциите при подготовка на класична новинарска вест, освен при исклучоци како што се информации за природни катастрофи или несреќи од различен тип, при што брзината при известувањето (заедно со внимателноста, пред сѐ од етичкиот аспект), е една од примарните задачи.

Несеопфатноста или нецелосноста при информирањето најчесто како последица остава зад себе искривена слика за реалноста. Тоа се однесува не само за настани – извештаи, изјави, соопштенија, прес конференции на кои се изнесуваат бројки, туку и за настани како што се, на пример, известување за несреќи, хуманитарни акции, концерти, театарски претстави… Искривувањето на реалноста поради несеопфатноста во известувањето особено доаѓа до израз при информирање за настани кои имаат импакт врз голем дел од граѓаните, како што се здравство, образование, социјална политика, економски теми од типот инвестиции, финансии, и т.н.

Ако таа искривена слика послужи како база за натамошно информирање, било преку копи-пејст новинарството или преку информирање за нареден настан од истата област, а притоа се ползуваат податоци од претходните извештаи, сликата станува уште поискривена, а реалноста замаглена и скриена од вистинското светло со кое треба да биде осветлена при новинарската работа. Во потешки случаи се доаѓа до сосема обратен процес, односно до дезинформирање. Неколку примери ќе бидат доволни за да се разјасни она што го нарекуваме императив во информирањето, односно сеопфатноста.

 

Пример прв: „Тепихот“ ја покри есенцијата

 

Во најбенигниот случај, известувањето за свеченото отворање на новата зграда на МНТ, најголем дел од медиумите се задоволија со „црвениот тепих“ и паднаа на гламурот што беше создаден – т.е. кој како бил облечен, кој со кого стоел, и т.н.

4174D98715C47A479CB44DF1ED34AB3F

Примерите што ги издвоивме од следниве известувања на порталите на Вечер, на НОВА, на МКД, на Република, на Курир, со куса информација објавена вечерта, а со изобилство од фотографии, информираат за настанот чисто „технички“ што би се рекло. Во добар дел и од вака скроените информации, недостасуваат дури и основните елементи, било за претставата, било за драмското дело, било за новата зграда на МНТ.

Резултатот на крајот е следен – јавноста нашироко беше запозната со гостите, со нивната гардероба и со гламурот, а на лажиче, што се вели, за зградата и за самата претстава, иако главните настани беа токму тие – зградата и премиерата. Некои портали дури се занимаваа со такви ефемерности како што е гардеробата на една од новинарките на МТВ која вршеше директен пренос од „црвениот тепих“!?

Упорно се обидувавме да најдеме рецензија за претставата и иако овој тип новинарска форма е редок во Македонија, ни се чини несоодветно да има само една – Утрински весник два дена по премиерата објави рецензија. Доцна во ноќта по премиерата, на својот сајт нешто повеќе детали за претставата објави и Република, но тоа е далеку од рецензија, туку повеќе куси лични импресии за режисерот и за актерите. Дури и сајт кој претендира да известува за настани од културата, како што е Cooltura, немаше рецензија, иако мора да се признае дека на два пати, на дента на отворањето и утредента, донесе поширока информација и за зградата и за претставата, која беше лишена од безначајностите за кои известуваа повеќе други портали.

Читателите во овој случај се лишени и од информација, макар ставена и во бекграунд на веста, за најмалку четири работи: какви се функционалностите со кои располага новата зграда, а тие се навистина импресивни, за квалитетот на претставата, колку чинеше самата претстава-спектакл и на крај, колку чинеше новата зграда на МНТ. Парцијални обиди за разјаснување на третото прашање неколку дена по премиерата направија неколку портали, но тие се фокусираа само на еден дел од претставата – колку чини големото платно на еден украински уметник што предава на штипскиот универзитет. Како што може да се забележи, јавноста во овoј случај, најблагo речено, е само делумно известена за сите аспекти од настанот.

 

Пример втор: Колку и чии куќи изгореа во „Тенеќе маало“?

 

Во Македонија, за среќа, ретко има пожар во населено место од пошироки размери со големи материјални штети или човечки жртви. Најголемиот што го паметиме беше пред неколку години, кога шумски пожар се закануваше да го зафати цел Дојран, но, несреќата беше навреме спречена. Пожарот во скопската Општина Бутел во ромската населеба „Тенеќе маало“ или „Циглана“, што се случи неодамна, е добар пример за несеопфатно информирање на медиумите за настан, во кој неколку десетици куќи се запалени, а над 100-тина луѓе останаа привремено без покрив на глава.

Дали зашто настанот се случуваше за време на викендот или дека беше само ден по премирата на „Вечен дом“ во новата зграда на МНТ, поголемиот број од порталите беа, најблаго речено „незаинтересирани“.

Фото: Telegraf.mk

Фото: Telegraf.mk

Пожарот се случил ноќта на 8 декември. Колку што може да се види од хронологијата што ја направивме на интернет, прв за пожарот во поширока информација известува телевизијата Канал 5 во претпладневните часови. До крајот на тој 8 декември, јавноста што се информира од порталите не можела да добие прецизни основни податоци за настанот. Повеќе од порталите ( Вечер, Нетпрес, Курир24 Вести, Таратур, Економски, Скај, Скопје инфо…), направиле целосна или делумна копија на веста на Канал 5. Но, бидејќи во самата вест има несогласување околу бројот на куќите што изгореле (во насловот стои 20 куќи, а внатре во текстот ја има реченицата, „чиј дом е еден од 30-тината што ноќеска изгореа“…), така и се шири оваа нејаснотија во јавноста – дваесет ли се, триесет ли се? За да биде забуната поголема, МКД, кој се повикува на полициска информација, објавува дека во пожарот изгореле 11 домови!?

До крајот на денот следуваше само уште една информација, а тоа е дека претставници на Владата, на Градот и на Општина Бутел го посетиле местото на настанот, дека ќе следува помош и оти семејствата ќе бидат сместени во објектите на детското одморалиште во Љубанци. Како куриозитет ќе го посочиме и примерот со порталот на телевизија Алфа, кој објави вест во чија глава, без никаква потврда или извор, се наведува дека причина за пожарот била неисправна инсталација!? Освен Плусинфо, кој два дена подоцна објави кратка, но професионално сработена репортажа, во овој пример со пожарот во ромската населба, јавноста остана покуса за многу суштински информации со кои новинарите и уредниците можеле да придонесат кон објективното и сеопфатно информирање.

Тука јавноста била лишена дури и од основните податоци: колку куќи изгореле и дали тоа е во „Циглана“ или во „Тенеќе маало“, бидејќи се употребуваат и двата термина во извештаите, дали противпожарната служба реагирала на време… Но, јавноста беше лишена и од една поширока слика за жртвите, луѓето чии домови изгореле. И на почетокот од известувањето за настанот (првиот ден), но и во деновите подоцна, беше пропуштена можноста јавноста да биде запозната со основни информации за материјалната состојба на луѓето кои беа жртва на пожарот, општо за условите во кои живее ромската популација во Скопје, колку вкупно живеат во какви услови во 21-век на само два километра од гламурозниот барок во центарот на градот, но и за многу важни прашања во однос на тоа како функционира системот на социјална заштита, зошто тие луѓе во голем дел го немаат ниту тоа, за тоа до каде е со реализација на активностите од владината обврска од Декадата на Ромите…

Се разбира, пропуштена е можноста за елаборација и на многу други прашања битни за заедницата во целина, а некои од нив  допираат чувствителни сегменти на расно мотивирани предрасуди, од што произлегува и нескриената дискриминација во остварување на нивните права.

Медиумите во овој случај не си ја завршија чесно ниту чисто репортерската задача, па се потпреа на препишување или чекање полициско соопштение, иако настанот им се случуваше пред нос!

 

Пример трет: Како се известува за буџет?

 

Неодамна дел од медиумите во земјава се занимаваа со известување за тоа колку се ефикасни општините во кои власта е освоена од опозицијата. Ова беше предмет на една наша неодамнешна рецензија, но, примерот ќе ви го посочиме тука повторно, бидејќи тој е поучен и истата грешка (најчесто од немарност и незнаење, што веруваме дека тука не беше случај), ја повторуваат дури и медиуми со сериозни уреднички и новинарски тимови.

Центар на Струмица (фото - Wikipedia)

Центар на Струмица (фото – Wikipedia)

Станува збор за текст кој припаѓа на поджанрот анализа објавен на порталот Курир со наслов „Голема задолженост на општините кои ги раководи СДСМ“. Во текстот, кој беше пренесен и на неколку други медиуми, што инклинираат кон провладините политики, со наведување на само делови од реченици од официјални извештаи, се критикуваа политиките на трошење јавни пари на властите во општините Струмица и Куманово, а како поткрепа на тоа се наведуваа состојбите и во општините Охрид, Ново Село и Дебарца, каде до последните локални избори на власт била опозициска партија. Аналогијата што ја влечат од пет примери се сведува на заклучокот искажан во насловот. Но, проблемот е во тоа што тој заклучок не беше поткрепен со објективна анализа на бројките, туку со сегментарно прикажување само на одредени трошоци и моментални состојби:

Општината Струмица, пак, му должи на ова јавно претпријатие над 36 милиони денари за отпишувањето на долгот на 1300 семејства на три дена пред локалните избори. Дополнително општина Струмица има свои долгови кон други доверители и побарувачи во износ од речиси 2,3 милиони евра кои сеуште ги нема исплатено.

или

 Општината Куманово се јавува како должник на 3,5 милиони евра.

или

Слично е и со Општина Ново Село, каде што локалната самоуправа предводена од СДСМ ја оставила општината во долг од 17 милиони денари, а Јавното претпријатие Комуна должело 2,5 милиони денари.

Вака наведени сегментирани извадоци од буџетите и финансиските извештаи на општините, не само што не ја даваат вистинската состојба, туку и служат за (намерно?) создавање на искривена слика која е далеку од објективно и сеопфатно информирање на јавноста.

Новинарите и особено уредниците се должни при информирање за „бројки“, да го избегнат трикот на едностраноста, бидејќи така прикажани, во било која анализа, не одговараат на реалноста. Без да се прикажат, на пример, вкупните состојби на буџетите – приходи и расходи, дефицит и мерки за пополнување на дефицитот, не смее ниту да се помисли дека анализата би била фер четиво понудено на јавноста по сите професионални стандарди. Да се мешаат долговите на општините на кои им се припишуваат и долговите на јавните претпријатија, без притоа да се наведат и приходите или побарувањата на истите тие ЈП, како и дали станува збор за краткорочни или долгорочни обврски и без да се сегментираат прецизно за што се однесуваат тие долгорочни обврски, или, пак, од каква природа се побарувањата (наплатливи, тешко наплатливи, застарени, наследени…), е во најмала рака аматерско, а не професионално информирање.

Впрочем, ако се имало знаење (или чесна намера да се известува професионално) доволно било да се погледне само еден извор на информации – Следи ги парите, специјализиран и наменски веб сајт на Фондацијата Метаморфозис, за да се види дека буџетите, барем на Струмица и Куманово се избалансирани во последните две-три години и дека особено во Струмица, најголемата ставка при трошоците е во ставката капитални расходи.

 

Пример четврт: Како се известува за пензискиот или здравствениот систем?

 

Новинарите и уредниците ја прават таа грешка на индолентност при информирањето не само за буџетите на локалната самоуправа, туку и при известување за буџетот на државата или на фондовите. Многу мал дел од новинарите при известувањето за структурата на буџетот на државата за 2013 година, забележаа дека тој е покус за повеќе десетици милиони евра затоа што Фондот за патишта беше трансформиран во ЈП за патишта, па така расходите на оваа институција не влегоа во вкупните расходи на буџетот.

Кога сме кај фондовите, најчесто изјавите на официјалните владини претставници се земаат здраво за готово, без да се проблематизираат или на тие изјави да им се парира со конкретни анализи и бројки. Неретко, владините претставници постојано истакнуваат дека тие се грижат за социјалната компонента, особено при исплата на пензиите:

Република Македонија е една од ретките земји која ги зголемува пензиите  и во услови на економска криза и рецесија, кога голем број од земјите во регионот и Европа го намалија износот на пензијата. (изјава на министерот Д. Спасов)

Но, многу ретко може да се сретнат добри аналитички текстови за истата проблематика од типот на оној што неодамна го објави редакцијата на „Фактор“, под наслов: Пензискиот систем под закана на популистичките мерки – ќе има ли пари за пензии

doktori_obuka_g_1

Исти вакви примери има и при известување за проблеми поврзани со јавното здравство односно со Фондот за здравство. Кон средината на оваа година медиумите нашироко, најчесто репортерски, се осврнаа врз проблемот со лицата на кои им треба лекување во странство. Тие, сите од ред, ја пренесоа одлуката на Владата со која конечно почна реализацијата на една долго најавувана програмска цел и на партијата на власт и на Владата:

Во странство се потребни и повеќе стотици илјади евра, односно лично учество на пациентот и до неколку десетици илјади евра, но од оваа година пациентот ќе плаќа само 12.000 денари, а остатокот од трошокот колкав и да е ќе го плати државата (А. Георгиев – портпарол на Владата).

Но, безмалку никој од медиумите не навлегоа подетално во расчленување на проблемот. Така, никој не ги постави прашањата што ова конкретно ќе значи за Фондот, дали ќе има зголемување или намалување на бројот на барањата за лекување во странство, што точно ќе значи за буџетите на приватните болници, кои според новиот правилник на Фондот ќе бидат дел од системот на проверка на можностите пациентите да се лекуваат кај нив, па наместо во странски клиники услугата ќе ја дадат тие, а Фондот ќе им плати и редица други прашања. А, малку да се позанимаваа со проблемот, чисто статистички барем, ќе дојдеа до податок дека, дури и со зголемените дотации што ги обезбедила Владата за ова намена за Фондот, вкупната висина на средствата ќе изнесува 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра, што претставува само нешто над 1 отсто од вкупните приходи на ФЗО!!! 

Ако го имаа ова предвид новинарите и уредниците, ако ништо друго, ќе можеа во интерес на јавноста, се разбира, да постават најмалку две прашања: Зошто досега се дозволуваше меѓу 200 и 400 граѓани, колку што секоја година се лекуваат во странство, да се малтретираат со некогаш невозможна мисија да соберат 20 отсто од сумата (колку што требаше да собираат пред да стапат во сила измените на Законот во почетокот на 2013), како и зошто во јавноста и натаму често имаме случаи кога се спроведуваат хуманитарни акции и барања за донации од граѓаните, за случаи на деца или возрасни на кои им е неопходно лекување во странство, а таа услуга од некоја причина не ја добиле од ФЗО?

Така доаѓаме до состојби кога за безмалку универзални проблеми, како што е добро функционирање на пензиски систем или системот на јавно здравство, да се информира еднострано, незаинтересирано, како да станува збор за нешто што само треба да се одбележи во медиумот зашто тоа го кажал некој министер или премиер или, пак, од друга страна, се известува дневно политички, со голема доза на партиска обоеност во извештаите или „анализите“. Сето тоа доведува или во подобар случај до нецелосна слика за реалноста или во полош случај, за искривена слика, што, пак, не е ништо друго, туку дезинформација.

 

Јавноста има право да знае!

 

Во Кодексот на новинарите на ЗНМ се вели:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од Уставот на Република Македонија.

Како и:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Тежиштето ќе го ставиме на зборовите „правото на јавноста да биде информирана“ и „нема да прикрива суштински податоци“.

1419089771_57453e8878_z

Со примерите што ги наведовме погоре, станува јасно дека новинарството во Македонија денеска е опасно загрозено од неисполнување на правото на јавноста да знае и од прикривање суштински информации. Тоа е резултат на огромен број фактори и проблемот е комплексен. Но, она што може новинарите и уредниците да го сторат како најмал сет мерки за да се ублажат состојбите е следното:

  • Добро образувани и обучени новинари пред да им се дозволи да покриваат области што имаат значаен импакт врз големи сегменти од општеството.
  • Најтесна можна специјализација на новинарите за области што ќе ги следат.
  • Раздвојување на репортерската и канцелариската работа при составувањето на финалните извештаите, при што целосната информација би се добила со добра синтеза на два тима или најмалку на двајца новинари и еден уредник пред објавувањето на финалниот новинарскиот производ.
  • Работа на уредниците со новинарите во смисла на нивна проверка на знаењето за дадената тема пред да ги испратат на задача, како и посочување на битните сегменти на кои треба да се фокусираат при подготовката и пишувањето или реализација на темата.

и можеби најважно,

  • целосна, безмалку, револуционерна промена на уредувачката политика во медиумите и изместување на фокусот на внимание од она што сега го следат ( а, реално потпаѓа под категоријата псевдонастани), кон она што е вистински интерес на јавноста.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести