Од лапсусот не се гледа веста
Објавено во Рецензии
on 4 - 10 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[ШТО МУ Е ПРВО НА УМ НА ЗАЕВ: Другарки и другари, пред да го излажам… (ВИДЕО)]
Извештајот односно проширената информација од некој настан е форма на новинарско изразување кое се заснова на правилно презентирање на клучните факти и детали од настанот, за јавноста да стекне што е можно попрецизна слика што навистина се случувало и тој не остава простор за толкување, коментирање или пласирање на лични ставови и согледувања на новинарот – репортер. Но, овој извештај од работата на Конгресот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не ги запазува основните новинарски правила и на читателите им го нуди она што сака – а тоа е првенствено да пренесе порака до читателите во која ќе го исмее, оцрни и омаловажи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев.
Линк до оригиналниот напис: ШТО МУ Е ПРВО НА УМ НА ЗАЕВ: Другарки и другари, пред да го излажам… (ВИДЕО)
Датум и време на објавување: 2.10.2016, 18:55
Датум на рецензирање: 3.10.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
Информацијата требаше да ги содржи најважните факти од настанот- 20 тиот Конгрес на СДСМ, кој се одржа на 2 октомври во Скопје, според принципот на приоритет – поважните погоре, помалку важните подолу во текстот, но во извештајот кој е предмет на оваа анализа направена е проценка дека најважниот детал од Конгресот, на кој беше презентирана предизборната програма на оваа опозициска партија и на кој свое обраќање имаше и лидерот Заев, беше лапсусот на Заев на самиот почеток на обраќањето!
ЗГРЕШЕНАТА БУКВА ПОВАЖНА ОД ВИСТИНАТА
Според ниеден новинарски критериум за пишување на информација овој детал не би бил исфрлен во главата на извештајот, значи на самиот почеток на текстот, каде секогаш се сместуваат најважните поенти или случувања од настанот кој се следи, а уште помалку од него би се вадел насловот. Но, изгледа дека новинарските правила не биле пресудни во пишувањето на овој текст. Како поинаку да се протолкува ваква глава на вест:
Другарки и другари, пред да го излажам нашиот план…, беа зборовите со кои на почетокот од својот говор им се обрати Зоран Заев на присутните на денешниот 20. Конгрес на Социјал демократскиот сојуз, кој се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Овој навидум ситен лапсуз, на социјалните мрежи беше протолкуван како одраз на вистинските намери на опозицискиот лидер кој денеска ја презеНтираше новата изборна програма на СДСМ, именувана „План за Македонија“.
На снимката од обраќањето на Заев, која е вметната во информацијата јасно се слуша лапсусот и тоа дека тој се поправа уште во наредната секунда, но тоа не е доволно за овој новинарски текст да го испочитува како ненамерна грешка на говорникот, туку од неа го гради костурот на написот. Затоа, наместо на пораките од Конгресот на најголемата опозициска пратија во државата во пресрет на вонредните парламентарни избори, написот се фокусира на лапсусот, односно згрешената буква во воведната поздравна реченица на лидерот на СДСМ.
Партијата СДСМ во годините на своето владеење, според толкувањето на политичките аналитичари, стана синоним за демагогија, односно многу ветувања и малку реализирани програми за општествен развој. Дали и овој лапсуз на Заев е само навестување за уште една таква демагогија, останува да се види со следниот период кога засилено ќе почнат активностите околу изборната трка која треба да финишира на 11 декември.
Овие две реченици јасно говорат што точно не е во ред со овој напис – тој се бави со толкувања и политички квалификации, а не со факти. Иако, тој божем се повикува на некакви неименувани политички аналитичари како извори за ваквите тврдења, тоа звучи како алиби за непрофесионалната постапка, а не коректно цитирање на некакви извори. Читателот треба на „жими мајка“ да му поверува на авторот, дека тоа што го тврдат некакви „политички аналитичари“ за „синонимот на демагогијата“ е поважно од она што на своите сопартијци, но пред сè на македонската јавност, има да им го соопшти лидерот на македонската опозиција во еден важан политички момент за Македонија.
НА ТУЃАТА ГРЕШКА СЕ ПОТСМЕВА, НЕГОВАТА „БОДЕ ОЧИ“
По оваа воведна епизода, обоена со политичка пропаганда, извештајот горе-доле коректно пренесува неколку важни поенти од говорот на Заев и други информации од самиот Конгрес на СДСМ, но впечатокот е веќе направен – пред нас гледаме политички спин, а не новинарски текст наменет да информира, точно и непристрасно.
На крајот треба да се потсети и на важноста од лекторирање на новинарските написи за да не се случи, како во овој текст, и во насловот и во „поентата“ во главата на информација да „боде очи“ погрешно напишаниот збор „лапсуз“ наместо „лапсус“. Па, брзајќи да го исмее и да му одржи лекција на Заев за погрешна буква, овој напис ја прави токму истата грешка.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
релевантни, нерелевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови