verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Од граѓански протест до партиски митинг

on 28 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Забележи ја разликата. Фото: ВМРО-ДПМНЕ (горе), ФОСИМ (долу)
Забележи ја разликата. Фото: ВМРО-ДПМНЕ (горе), ФОСИМ (долу)

 

Кои беа разликите меѓу протестот на 17 мај и митингот на 18 мај и дали тие беа воочени од медиумите?

 

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Медиумското информирање за настани како што се протести (на пример, протестот под наслов „Граѓани за Македонија“ одржан на 17 мај 2015 година во Скопје) и митинзи (на пример, митингот под наслов „За силна Македонија“ одржан на 18 мај 2015 година во Скопје), на кои се манифестираат различни барања, интереси, пораки од поголем број луѓе, е комплексна активност која би требало да опфати повеќе видови информации.

Доминацијата и разликите во перцепциите, толкувањата и ставовите на медиумите поврзани со ваков вид настани се очекувани и незаобиколливи. Објективноста на пренесувањето, вообичаено е драстично намалена (или, пак, е нужно обоена), меѓутоа може да биде запазена на едно прифатливо ниво со презентирање неколку групи од факти.

Вообичаено е на јавноста да ѝ бидат понудени информации за тоа:

  • кој го организира протестот/митингот и кој го поддржува (јавно искажана поддршка и поддршка која може да се процени врз основа на програмата и на присуството)
  • програмата (следот на настани)
  • кои се основните пораки, барања упатени од протестот/митингот (презентирани пред одржувањето и по одржувањето на протестот/митингот)

Презентирањето на овој вид информации ја дава рамката во која се сместува настанот и ѝ овозможува на јавноста да изгради генерална слика за самиот настан.

Најголем број медиуми во Република Македонија што известуваа за протестот и за митингот што се одржаа на 17 и на 18 мај 2015 година во Скопје, не ја остварија оваа задача и ја изложија јавноста на конфузија од мноштво информации кои повеќе ја замаглуваат отколку што ја разјаснуваат сликата за настаните што се презентираат.

Само како пример може да се анализира информацијата за тоа кој го организира и кој го поддржува настанот.

И за двата настани граѓаните добија контрадикторни информации дека се партиски, односно, дека се општонародни (или граѓански).

Дел од медиумите го опишаа протестот кој се одржуваше на 17 мај под насловот „Граѓаните за Македонија“ како граѓански:

Истиот протест, дел од медиумите го опишаа како партиски:

Дел од медиумите (на пример „Дневник“) информираа дека протестот го организира коалиција составена од СДСМ, нејзините коалициски партнери, помали политички партии и повеќе граѓански организации, групи и здруженија.

Дел од медиумите го опишаа митингот кој се одржуваше на 18 мај 2015 година, како народен собир во организација на ВМРО-ДПМНЕ:

Дел од медиумите истиот собир го идентификуваа како партиски:

На прашањето: кој го организира протестот/митингот, медиумите не понудија факти кои недвосмислено ќе ѝ презентираат на јавноста кој е организаторот.

А факти имаше.

Во случајот со протестот од 17 мај, одржан под наслов „Граѓаните за Македонија“, на пример, ниту еден медиум не постави/даде линк (врска) кон официјалната страна на коалицијата, на која може точно да се види организацијата, поддржувачите и декларацијата со која се настапува на протестот. Децидно наброените организации и поединци можат да се избројат и може да се проверат.

За разлика од ова, и покрај инсистирањето на дел од медиумите дека

„До сега огромен број јавни личности дадоа подршка на собирот- уметници, актери, невладини организации и политичките партии од Коалицијата „За подобра Македонија““

беа дадени многу малку фактички податоци за тоа кои се тие невладини организации, на пример, кои го поддржуваат митингот на 18 мај 2015 година:

Од друга страна, ниту еден медиум не понуди линк (врска) до официјалната страна на ВМРО-ДПМНЕ, каде што јасно се укажува на фактот дека станува збор за партиски организиран митинг.

Отсуството на ваков вид информирање ги остава граѓаните со впечаток дека станува збор за два идентични, партиски протести, кои претставуваат дел од политичката борба за власт.

Овој впечаток го подгреваат и дел од медиумите (на пример „Телма ТВ“):

„Слична атмосфера, различни партии! Различни локации, различни денови! Масовна поддршка од собраните за своите лидери! Изминатите два дена, центарот на Скопје ечеше од гласни овации за ѕвездите на политичкото небо. Заев и Груевски си упатија директни пораки!“

Уште повеќе збунуваат наслови како „Провладин собир пред Собранието на Република Македонија“, со кои се имплицира поддршка не кон конкретна политичка партија (или изборна коалиција) туку кон Владата на Република Македонија, а во која како членови се појавуваат и претставници на албанската заедница.

Соодветната информација, подразбира дека таа информација се базира на факти. А фактите се измерливи. Презентирањето факти не ја негира потребата од презентирање ставови и перцепции, меѓутоа дава објективни елементи врз основа на кои јавноста може да направи разлика и да изгради сопствен став и однос кон презентираните настани.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести