verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Oд гoвoр нa oмрaзa дo нaсилствo имa сaмo еден чекoр

on 24 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Говорот на омраза не е слобода на говор. Фото: Гугл
Говорот на омраза не е слобода на говор. Фото: „Гугл“

 

Судот и обвинителството востановија феномен на неказнивост, кој создаде правна несигурност кај граѓаните и висок степен на недоверба кон органите надлежни за спроведување на правдата во Република Македонија. Зборуваме за говор на омраза, мошне сериозна појава која продуцира насилство и дела од омраза

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Одлуката на Вишото јавно обвинителство, со која се изнесува мислење дека фејсбук-статусот со закани кон неколкумина новинари од Миленко Неделковски не поттикнува омраза и насилство, туку се само искажани ставови за физички лица и со тоа го одби барањето тој кривично да се гони, предизвика вчудовидувачки и жестоки реакции кај поголем дел од јавноста.

Говорот на омраза е кривично дело во Република Македонија. Од февруари 2014 во Република Македонија се на сила законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.

milenko-koregirano

Членот 394-г од Кривичниот законик, со наслов „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, гласи:

 (1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.

(3) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.

Миленко Неделковски на својот фејсбук-профил („компјутерски систем“ или, „други средства за јавно информирање), пред неколку месеци, ја објави следната содржина:

„Кога ќе излеземе со народот на улица, кога ќе ни преку*чи, а тоа е наскоро, јас со мојата група ќе одам по овој ред: Дома кај БГ да му го исправам погледот. Потоа кај семејството од Брајчино со шиптарска снаа. Е таму ќе има циркуси. Па кај оној што дува на полноќ. После кај СО каде ќе го барам и брат му ВО… И на крај кај Берович Бетон, да нарачам цемент за плочата. Железо 12-ка имам“.

milenkonedelkovski

 

СЕЛЕКТИВНАТА „ПРАВДА“ НА ОБВИНТЕЛСТВОТО

Уранија Пировска, извршна директорка на македонскиот Хелсиншкиот комитет за човекови права, оценува дека отфрлањето на кривичната пријава против Миленко Неделковски за говор на омраза, од страна на Основното јавно обвинителство, уште еднаш ја потврди констатацијата за селективен пристап на правосудните органи кога станува збор за гласноворниците на власта.

„Токму овој пристап на судот и на обвинителството го востановија феноменот на неказнивост, кој создаде правна несигурност кај граѓаните и висок степен на недоверба кон органите надлежни за спроведување на правдата во Република Македонија. Притоа, зборуваме за говор на омраза, мошне сериозна појава која продуцира насилство и дела од омраза, за што говорат и податоците од нашите веб-платформи каде се бележат случаите на говор на омраза и дела од омраза. Со говорот на омраза на Миленко Неделковски, кој секојдневно го шири преку својот ФБ-профил, се соочуваат речиси сите слободно мислечки граѓани, новинари и активисти, вклучително и ЛГБТИ-заедницата, изјави Пировска за „Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ)“.

И Жарко Јордановски, уредник во „Слободен печат“, ја истакнува неодговорната одлука на обвинителството за, како што го нарекува тој „говорот“ на Неделковски – брутален говор на омраза и отворени повици за насилство.

„Основното јавно обвинителство, освен опасната порака на неказнивост на овој тип кривични дела, ја поттикнува атмосферата на линч и конфликтност, која веќе подолго време се креира во земјата. Одговорноста на обвинителите за ваквото несовесно работење е огромна. Нивна е заслугата што Македонија се претвора во темен вилает каде дивеат најниските страсти и демне опасност од разни трибализми. Ваквите обвинители, повеќе од самите гласноговорници на омразата, се виновни што Македонија назадува во својот пат кон барем малку пристојна држава. Нека помислат тие обвинители во каква земја ќе живеат нивните деца, доколку на ваквиот развој на настаните не им се стави крај?“

Дека ова е тренд во однесувањето на ОЈО, говори и следниот факт, нагласува Уранија Пировска, извршна директорка на македонскиот Хелсиншкиот комитет за човекови права:

„Хелсиншкиот комитет и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, исто така, имаат поднесено кривична пријава против Миленко Неделковски. Оваа  пријава дури трипати беше одбиена од страна на Основното јавно обвинителство, а по нашите жалби Вишото јавно обвинителство ја враќаше назад на постапување, но напатствијата за постапување не беа прифаќани. Од тие причини, по последната прифатена жалба, побаравме Вишото јавно обвинителство да постапува по предметот“.

Некомпетентноста која со оваа одлука ја демонстрира целиот систем на обвинителството ја констатира и Жарко Јордановски:

„Попусти се обуките за обвинители и судии за важноста на спречувањето на говорот на омраза, залудни се семинарите, потпишаните декларации и потрошениот јавен простор – без професионален и морален интегритет, сите тие напори се бескорисни“.

 

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО СКУТОТ НА ВЛАСТА

Од друга страна, оваа одлука на обвинтелството открива и една друга димензија на која посебна светлина фрли Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ):

„Станува јасно дека смртните закани кон новинарите се порачани од врвот на власта, која го користи Неделковски како мегафон да предизвика страв и несигурност кај новинарите и да ги одврати од намерата да пишуваат за нејзините недемократски практики на владеење“, изјави за медиумите Насер Селмани, претседателот на ЗНМ.

Уранија Пировска оваа појава ја гледа во еден поширок контекст:

„Ваквите тенденции се во насока на нашите заклучоци за потполна контрола на институциите на системот од страна на власта односно неодвоеност на државата од партијата“.

Жарко Јордановски за папочната врска меѓу власта и обвинителството нуди и конкретни примери:

„Од друга страна, може да се каже дека обвинителите се под политички притисок, директен или индиректен. Има голема основа да се претпостави дека одлуката за неказнувањее на гнасотиите што ги пропагира конкретниот сторител има директна поврзаност со политичката поддршка што тој ја ужива, од највисоко ниво. Каква порака добива еден обвинител, кога ќе види дека најмоќниот човек во државата, експремиерот Никола Груевски, гостува на емисиите на дотичниот водител, и буквално со него е на „ти“? Да не зборуваме дека оваа власт, како што видовме и од аудио-снимките на опозицијата, не се стеснува отворено да се јавува кај судии и обвинители и да нарачува одлуки по свој вкус, да ветува услуги, унапредувања или да казнува. Оваа одлука на ОЈО е слика на згниениот политичко-правен поредок во кој егзистираме“.

Искусниот новинар и уредник од кариера, Зоран Иванов, во текстот „Говорот на омраза во медиумите го продуцира и институционализира власта“, од малку поодамна ја има констатирано спрегата меѓу власта и мегафоните за говор на омраза. Тој го посочува случајот кога Неделковски, со здушна поддршка на неговиот „помал, но не помалку штетен брат“ Јанко Илковски, истурија говор на омраза врз поранешната амбасадорка на Холандија во Република Македонија:

„Институционална „интервенција“ за заштита, што ја побара и дипломатскиот клуб, е игнориран, пречекан е со молк. Патем, токму таа, власта, е „сопственик“ и на двата медиуми каде што „мажествените“ водители пред македонската телевизиска публика ги навредуваа и ги омаловажуваа амбасадорките на земјите влијателни членки на ЕУ, Холандија и Германија. Токму таа е сопственик на просторот во кој беа вулгаризирани службеничките на државите пријатели на Македонија. На земји морални и финансиски поддржувачи на многу овдешни невладини, но и на бројни владини проекти во насока на нашиот интегративен пат кон ЕУ. Во духот на „добри“ домаќини, во духот на „слободата на говорот“, во духот, нели, на елементарната „демократска придобивка“, нашата политичка елита ги премолчи настаните. Премолчи и ја поддржа појавата“.

Заради овие состојби од Хелсиншкиот комитет и од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници се спремни постапката против Миленко Неделковски да ја продолжат и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур доколку по кривичната пријава нема соодветен исход.

 

АГЕНЦИИ-МАГЕНЦИИ, КОМИСИИ-МОМИСИИ

Дека Стразбур ќе биде следната дестинација на овој случај навестува и најновата реафирмација на сопствениот говор на омраза на Неделковски, кој не дочека да се исуши мастилото на одлуката на обвинителството и на својот Фејсбук профил ги повтори заканите:

„Едвај чекам Никола Груевски да “нема да може да ја држи ситуацијата под контрола, дека народот врие, и дека во еден момент може да му дојде преку глава, и да влеземе во нова фаза, која нема да е добра за земјата, а најмалку за оние кои глумат некакви револуционери за дебели пари и туѓи интереси… Јас сум спремен. Си имам агенда на настани, личности за посета и итинерер на движење од адреса на адреса“.

Покрај правосудните органи, уште две институции „по службена должност“ треба да утврдуваат говор на омраза и да преземаат мерки: Агенцијата за аудио и аудиовизелни услуги (АВМУ) и Комисијата за заштита од дискриминација.

АВМУ и по повод овој случај, како и за неколку други претходно, се прогласи за ненадлежна. Во интерјуто за СПФМ, директорот Зоран Трајчевски вели:

„Законите во однос на говорот на омраза се кристално јасни. Тоа е кривично дело за кое е надлежно Јавното обвинителство. Агенцијата во минатото и во иднина, секогаш кога ќе има индиции за говор на омраза, ќе го известува Јавното обвинителство за негово понатамошно постапување. Реално, говорот на омраза доминира на интернет-медиумите и на социјалните мрежи каде Агенцијата нема надлежност, додека на класичните медиуми (телевизии и радија) го има во многу помала мера“.

Колегата Љубомир Костовски, во текстот „Регулаторот, ако сака, може да го спречи говорот на омраза на Неделковски“, потсетува дека една друга комисија треба да реагира на говорот на омраза – Комисија за заштита од дискриминација која дава мислења, препораки и покренува постапка пред надлежен орган.

Посебен сомнеж во можната констатација на ова тело на Агенцијата носи фактот дека во Собранието на РМ неодамна имаше многу расправа околку неодамнешниот избор на нови членови во Комисијата. Тие нови членови се – Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска-Георгиевска, Јован Ананаиев, Ирфан Дехари и Беким Кадриу.

За дел од овие имиња, за кои владејачкото мнозинство даде поддршка да членуваат во Комисијата за заштита од дискриминација, опозицијата обвини дека се поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, а некои од нив, како Науновски, се токму познати по своите писанија и настапи во кои има омраза (Науновски: Треба да се забрани фразата: „Македонија е мултиетничка држава”, „ Науновски: Протестираат опозицијата, платеници и хулигани, а не граѓани“!

Во анализата „Говорот на омраза предизвикува насилство“ на Жарко Трајаноски се наведени бројни примери кога говорот на омраза во медиумите предизвикал насилство:

„Пред поранешните случаи на хомофобично насилство во Скопје бевме сведоци на дезинформирачки или потпалувачки медиумски содржини проследени со коментари во кои се повикува на насилство. На пример, по дезинформирачкиот напис „Од утре почнува Геј парада во Скопје“, сè уште можат да се прочитаат два коментари кои директно повикуваат на насилство против „педерите“. И во ТВ-прилогот „Повреден полицаец по каменувањето на ЛГБТ центарот“ забележлив е коментар со говор на омраза, каде што жртвите на каменувањето се претставени како „настрани“ и „нездрави“ луѓе, кои „малтретираат“ и кои се одговорни за повредувањето на полицаецот“.

И во последниов случај, говорот на омраза кој повикува на насилство беше најзабележлив на социјалната мрежа „Фејсбук“, во коментарите на страниците на одделни медиуми и новинари.

Интересна е констатацијата на колегата Жарко Јордановски за крајот на оваа анализа и која пред нас го става целиот апсурд од непреземањето мерки, односно од поттикнувањето на говорот на омраза. Апсурдот кој произлегува од одлуката на Вишото јавно обвинителство:

„Основното јавно обвинителство уште еднаш покажа дека не ја врши работата за која постои и дека формирањето Специјално обвинителство беше апсолутно оправдано. По оваа одлука треба да се размислува дали не е потребно Специјално обвинителство што ќе го санкционира говорот на омраза и другите кривични дела од сферата на медиумите. И до каде тоа сето води?“

Навистина, има ли крај на апсурдите?

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести