Од денеска „изгор цени“ во Грција? А, кој ќе ги плати?
Објавено во Рецензии
on 20 - 07 - 2015 Автор: Vladimir Petreski
[Рецензија: Од денеска изгор цени за одмор во Грција]
Проблемот со оваа вест е насловот. Секој што малку од малку се разбира во формирањето на цените во пазарна економија, како и секој што малку од малку го познава актуелниот момент во Грција од гледна точка на должничката криза низ која поминува оваа земја и како таа се одразува врз тамошната економија, би требало да знае дека ваков наслов за „изгор цени“ не оди и покрај порастот на данокот на додадена вредност за 10 отсто. Едноставно, порастот на ДДВ не значи автоматско пресликување врз цените или барем не врз сите цени или барем не за 10 отсто, колку што е изнесува зголемувањето на ДДВ. Барем не во најголемиот број случаи. Некои цени се очекува навистина да се зголемат за 10 отсто, а можеби и повеќе, и тоа особено на грчките острови, каде што данокот на додадена вредност досега изнесуваше само 6 отсто зашто транспортот на производите, особено на бензинот, е скап, а транспортираните количества за многу производи се мали. Но, ништо од тоа не значи дека цените на територијата на јужниот сосед ќе станат „изгор“ и тоа особено не „од денеска“.
Линк до оригиналниот напис: Од денеска изгор цени за одмор во Грција
Датум и време на објавување: 20.07.2015, 11:19
Датум на рецензирање: 20.07.2015
Рецензент: Владимир Петрески
Како што е познато, економската состојба во Грција е катастрофална и земјата е ем банкротирана, ем е на работ на излез од еврозоната. Никогаш во историјата на Меѓународниот монетарен фонд, на пример, не се случило развиена земја да не се раздолжи пред Фондот навреме, како што тоа ѝ се случи на Грција, која тоа го стори дури деновиве, значи со задоцнување од три недели.
Платите бележат пад од речиси 20 отсто во изминатите пет години, пензиите, пак, паднаа 40 отсто, исто така, во изминатите години, па дури и е отстранета заштитата за најниските пензии и сега и тие не се заштитени од падот. Невработеноста се зголемуваше пет години, од почетокот на 2009 година, па сè до крајот на 2013 година кога достигна 26,6 отсто, за малку да опадне лани до нивото од 25,6 отсто, но од почетокот на годинава повторно има пораст, како што покажува графиконот на грчката деловна информативна агенција на англиски јазик „Макрополис“:
Банките се отворија неделава, но ограничувањата за извлекување 60 евра дневно, односно максимум 420 евра неделно, и понатаму остануваат и ќе останат уште подолг период, барем неколку месеци, а можеби и години каков што е случајот со Кипар, каде што ваква контрола на капиталот беше воведена пред две години и во некои капитални сегменти сè уште трае.
Цените, пак, за кои насловот на овој напис вели дека ќе станеле „изгор“, исто така, паѓаат и тоа дури 22 мeсеци по ред без прекин, како што покажува долниот графикон:
Паѓаат и цените на становите и тоа веќе 22 квартали по ред, односно пет и пол години:
Во таква ситуација, а ако се има предвид дека Европската унија побара од Грција и понатаму да го стега каишот и да крати од сите можни трошења, тешко дека може да се очекува зголемување на цените, а особено не зголемување кое би ги направило „изгор“. Грците, уште пред да стапат на сила новите стапки на ДДВ, ги наполнија фрижидерите за неколку недели, а на тие од северот на земјата на располагање им стојат пазарите во Македонија и во Бугарија, што значи дека некои цени би можеле дури и да опаднат поради намалената побарувачка, барем во првиот период, а не да се зголемат. Кога станува збор, пак, за туристичките аранжмани, „Е-магазин“ јавува дека нема никакви најави за нивно поскапување, што е и нормално зашто земјата очекува слаба туристичка сезона (се говори за пад на бројот на туристите од 30 отсо) поради кризата и поради ограниченото вадење на пари од банките, како и поради фактот што данокот на додадена вредност за туристичките аранжамани остнаува непроменет, зашто тој и претходно изнесуваше 23 отсто.
Сето ова покажува дека, без оглед на порастот на ДДВ, цените во Грција, со оглед на намалената куповна моќ на нејзините граѓани, која се очекува и понатаму да се намалува, би можеле да продолжат да се намалуваат, а не да се зголемуваат.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни факти во насловот
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
1 извор
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија (агенциска вест)
ненаведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови