verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Обвинителката Русковска на мегдан за Шарената револуција, „незгодниот“ сведок – забошотен

on 15 - 05 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: Рускоска беше дел од Шарената револуција, значи ли тоа дека го поддржува палењето на канцеларијата на Иванов?]

Извештај од судско рочиште на високопрофилен правен случај селективно ги пренесува информациите за она што се случило и што било кажано на судењето, доведувајќи го читателот во заблуда и креирајќи поинаква слика од реалната. Ваквото пристрасно и искривено информирање, за среќа лесно се разоткрива со вкрстување на податоците кои се наведуваат во останатите медиуми кои, исто така, известувале за истиот настан. Споредбата покажува дека написот што го рецензираме тенденциозно и селективно информира, фаворизирајќи притоа конкретна политичка агенда.

Линк до оригиналниот напис: Рускоска беше дел од Шарената револуција, значи ли тоа дека го поддржува палењето на канцеларијата на Иванов?

Датум и време на објавување:13.5.2020

Датум на рецензија:15.5.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Судењето за настаните од 27 април во Собранието во контиуитет се под будното око на јавноста поради важноста која ја имаше овој случај и следено е од медиумите кои најчесто детално известуваат што е кажано на рочиштето од страна на застапничката на обвинението, обвинителката Вилма Русковска, на повиканите сведоци, како и од бранителите на обвинетите. Медиумските извештаи кои ги следат принципите на професионалното новинарско известување вообичаено не се разликуваат битно во главните црти со кои известуваат за еден настан, освен во стилот на пишување, во понекоја „цака“ која ќе се извади во наслов и други поситни стилски финеси.

И во случајот со следењето на судските рочишта за настаните од 27 април, како и секогаш, новинарските извештаи главно ги содржат истите елементи – кој, кога, како и зошто кажал или направил или не направил во текот на судењето, селектирајќи ги материјалите според принципот на релевантност и атрактивност за јавноста, но секако не занемарувајќи го балансираното известување. Во случајот пак на написот што го рецензираме, ситуацијата , благо кажано – превртена на глава.

Насловот: „Рускоска беше дел од Шарената револуција, значи ли тоа дека го поддржува палењето на канцеларијата на Иванов?“ е изваден од исказот на еден од бранителите на обвинетите, адвокатот Еленко Миланов, кој, сакајќи да докаже дека ВМРО-ДПМНЕ како партија не стои зад организацијата на крвавиот упад во Собранието во 2017 година, се обидува да поентира правејќи паралела со поддршката која обвинителката Вилма Русковска ја давала на Шарената Револуција, но самата не била дел од нејзината „деструктивна“ природа:

Обвинителот кој е присутен во судницата и кој ги поддржа протестите на Шарената револуција дали тоа мора да значи дека таа го поддржа и влезот во канцеларијата на претседателот? Тоа не мора да значи, таа може да биде и секој може да биде како поддржувач, но овде се суди за организација, изјави Миланов.

Исказот на адвокатот Миланов е навистина таков каков што е пренесен, тоа може да се заклучи споредувајќи ги извештаите за настанот на другите медиуми кои го проследиле. Но, во овој напис тој е ставен на централна позиција, мултиплициран и предимензиониран како да бил централниот настан на судењето тој ден. Го има во главата на веста, тој е појаснет и со видео инсерт вметнат во написот, од едно постаро телевизиско интервју на обвинителката Русковска која самата кажува дека била дел од Шарената револуција како и стотици други гневни граѓани. Потоа, ставот на Миланов го има во насловот, а на него се поентира и во коментарот кој исто така стои во овој новинарски извештај:

Со ова Миланов уште еднаш ги нападна небулозите во обвинението пишувано од Вилма Рускоска, која иако има за цел да тврди дека ВМРО-ДПМНЕ организирало протести со цел насилен упад во Собранието, нема поддршка во докажувањето на овие тврдења дури и од сведоците кои самата ги предлага.

Со ваквиот пристап, овој напис недвосмислено имплицира дека обвинителката Русковска ѝ припаѓа на конкретна политичка провениенција која, пак, е спротивна на онаа на која ѝ припаѓа припаѓаат обвинителите, а со самото тоа – и пристрасна како професионалец и обвинител.

Повеќепати сме пишувале дека за коментаторските елементи никако нема место во професионалното стандардно новинарско известување од еден настан, бидејќи должност на новинарот е да биде „очи и уши“ на јавноста и верно да пренесе што се случувало, а не да кажува што мисли, односно коментирањето им припаѓа на други новинарски жанрови.

Во овој напис, пак, авторот си дозволува обвинението за случајот 27 април да го нарече „небулозно“, директно занемарувајќи го принципот на непристрасност и објективност и завземајќи страна во судскиот случај за кој станува збор, а патем и политички обојувајќи го.

Сосема на крај, онака, патем, во последниот пасус на овој напис се спомнува и сведокот кој бил сослушан на денешното рочиште:

Па така, денешниот сведок Антонио Кочков неколку пати соопштил дека партијата ги поддржувала протестите, но не и дека ги организирала. Рускоска очигледно незадоволна од ваквиот развој на настаните луто го напушти судот и избегна да даде изјава за новинарите.

Од ова треба да се заклучи дека сведокот Кочков единствено што кажал тој ден на суд било дека „партијата (ВМРО-ДПМНЕ) ги поддржувала протестите, но не и дека ги организирала“. Читателот кој за настанот се информира од овој напис можеби и ќе наседне на ова, но ако ги пребара содржините на интернет поврзани со истиот настан, навистина ќе се изненади бидејќи сведокот Кочков, всушност, бил далеку позборлест и подетален во своето излагање од она што овој напис сака да ни прикаже.

Еве еден пример како друг медиум известува за исказот на Кочков:

На денешното рочиште сведочеше Антонио Кочков, кој рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржувал протестите на движењето „За заедничка Македонија“.

– Имавме вибер група преку која комуницираме и каде се кажуваше кога и каде треба да се собереме, изјави сведокот.

На 27 април 2017 година, не бил на протестите, но дошол подоцна кога бил упадот.

-Влегов во Собранието во салата. Бидејќи беше многу топло и веќе ме видоа дека сум присутен, сакав да си одам. Кога си одев, се качив по едни скали нагоре, зошто не знаев како да излезам. После се спуштив надоле свртев лево и всушност влегов во салата каде ги тепаа пратениците, изјави сведокот.

Стои во извештајот за ова судско рочиште на „Цивилмедиа“ и продолжува:

На прашање од обвинителката Вилма Русковска, да појасни кој требало да го види, сведокот рече дека имало луѓе од партијата кои му помогнале и сакал да им се заблагодари и да ги поддржи.

– Јас знам дека ВМРО-ДПМНЕ јавно ги поддржуваше протестите. Тоа беше и на телевизија. Јас не знам да кажам дали ги организирале или ги поддржувале само, изјави сведокот.

Сведокот всушност кажал дека не знае дали ВМРО-ДПМНЕ ги организираше или само ги поддржуваше протестите (кои кулминираа со крвавото безредие на 27 април, н.з.), а не е точно дека:

неколку пати соопштил дека партијата ги поддржувала протестите, но не и дека ги организирала

Како што се вели во рецензираниов текст.

Јасно се гледа дека исказот на сведокот Кочков (којшто во овој текст се премолчува) бил обемен и преполн со сочни детали кои не само што се интересни за јавноста туку ја побиваат тезата која се обидува да ја протурка написот што е предмет на оваа анализа.

Еве каков исказ на сведок пренесува еден друг медиум за истиов настан:

Преку Вибер група, членови на ВМРО – ДПМНЕ биле организирани за да одат на протестите на „За заедничка Македонија“ пред три години. Сведок на обвинителството за организиран криминал, на судењето за организаторите на насилниот 27 – ми април, раскажа дека неговите сопартијци од месниот комитет оделе на протестите. Збирно место бил, Музејот на ВМРО.

Не знаеше да каже од кого дошле насоките. Бил десетина пати на маршот против тиранската платформа. На 27 – ми април 2017 година, бил дома. Отишол во Собранието кога видел дека толпата е внатре. Во пленарната сала од насобраните стигнала наредба, дел од луѓето да одат во прес салата, каде беа пратениците на СДСМ.

Како што се гледа од овој цитат, кој во извештајот на „Алсат“ го зазема ударното место во главата на извештајот, бидејќи претставува сведочење кое е индикативно, а со тоа и важно за информирање на јавноста, тонот на рочиштето тој ден го дале сведочења кои укажуваат на нешто сосем спротивно од она што се обидува да го протурка извештајот на „Курир’.

Од прилогот на Алсат може да се види и следново: дека изјавата на адвокатот Еленко Миланов со којшто почнува написот што го рецензираме и од кој е извлечен и насловот, всушност, е негов коментар надвор од судницата, кога тој им се обраќа на новинарите за да ја пренесе поентата на своето застапување на клиентот пред судот. Не е и не може да биде главна поента на тоа судско рочиште во текот на кое, очигледно, биле кажани многу поважни работи.

Од ова произлегува дека извештајот што го анализиравме, споредувајќи го со други извештаи за истиов настан, е штур и непрофесионално сработен, не ги донесува најважните искази кои поверодостојно ќе отсликаат што навистина се зборело и се случувало тој ден во судницата. Но, затоа пак настанот е претставен во поинакво светло, невешто сокривајќи ја интенцијата – да се прикаже дека ВМРО ДПМНЕ не е организатор на „крвавиот четврток“ во Собранието и да ја оцрни и исмее обвинителката Вилма Русковска.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести