Нумеричка турлитава, буџетска сарма
Објавено во Рецензии
on 17 - 07 - 2015 Автор: Vladimir Petreski
[Рецензија: Приходите во буџетот повисоки за 14%]
Кога се прават споредби на суми и на проценти, мора да се биде конзистентен и јасен. Инаку, испаѓа дека се споредуваат јаболка и портокали. Исто така, има суми кои претставуваат вест, но има и такви кои се ефемерни, па прашање е дали заслужуваат внимание. Како што има и бројки кои треба да бидат поставени во контекст за да се спознае нивното значење во дадените околности. Со сите овие проблеми се соочува овој напис.
Линк до оригиналниот напис: Приходите во буџетот повисоки за 14%
Датум и време на објавување: 18.07.2015, 13:28
Датум на рецензирање: 18.07.2015
Рецензент: Владимир Петрески
„Проходите во државната каса натфрлиле за 14% процнти за првите шест месеци од годинава. За 6%, пак се прибрани пари повеќе од планираното.“
Настрана печатните грешки во горниов пасус, со кој почнува овој напис, но и кога нив би ги немало, тој би бил нејасен. Се вели дека приходите во буџетот се зголемиле за 14 проценти, а парите се зголемиле за 6 отсто споредено со планираните. Чекај малку! Зголемувањето на приходите и зголемувањето на прибраните пари е едно исто. Кога ќе се каже „приходи“, се мисли на „пари“. Освен ако државата не почнала да дозволува уплати во буџетот во натура и таквите приходи не решила сметководствено да ги води посебно, па да помислиме дека парите се зголемиле за 6 отсто, а приходите во натура за 8 отсто, па вкупните приходи бележат пораст од 14 отсто. Арно ама, тоа не е случај. Во Република Македонија не постои можност данокот или другите давачки кон државата да ги платите со грла говеда, машки панталони, пиперки и домати и слично. Државата прима уплати само во пари. Да не станува збор случајно за две различни споредби? Кога се говори за пари, да не се прави споредба со планираните износи, како што и се вели, а кога станува збор за приходите, да не се мисли споредено со ланските приходи? Ако е тоа така, тогаш ова морало да се наведе.
Сличен нејасен момент е и следниов:
„На приходната страна зголемувањето ќе изнесува 3 милијарди 562 милиони денари, за 6 милјарди повеќе од планираното.“
И оваа реченица нема логика. Ако приходите во буџетот се зголемуваат за 3,56 милијарди денари, како тие можат да бидат за 6 милијарди повеќе од планираното? „Сакам кажам, не знам речам“, како што вели поговорката. Настрана тоа што сега не знаеме ни за колку, всушност, се зголемуваат планираните приходи – за 3,65 милијарди или за 6 милијарди денари.
Потоа, во текстот има многу бројки кои не се ставени во контекст, односно не се дообјаснети и „висат“. На пример, се вели дека се зголемиле буџетските приходи. Добро. Ама би било уште подобро да дознаеме за кои приходни ставки станува збор. Тоа би можело да ни помогне да сфатиме дали станува за единечен пораст на приходите, кој би го третирале како исклучок (значи, ако државата продала некое добро во нејзина сопственост од кое заработила високи средства) или за пораст кој можеме да го очекуваме и во иднина.
Понатаму, се вели дека „бруто домашниот производ за година е ревидиран на 3,5 процентен раст“, при што најверојатно се мисли на годинава, но не е кажано за каква ревизија станува збор – надолна или нагорна и за чија ревизија станува збор (на Владата или на меѓународните институции,). На почетокот на годината имаше планирани стапки на пораст за македонската економија во износи и од 4,1 отсто. Едноставно, чија е оваа бројка и за каква ревизија станува збор?
Исто така, двапати се спомнува износот од „370 милиони денари“, кој ќе бил даден за изградба на гасоводот Штип-Клечовце, небаре, станува збор за некаква огромна сума пари, иако се работи за износ од 6 милиони евра, што претставува минорна ставка од 0,2 отсто од буџетот, износ за кој нема потреба од ребаланс.
Кога се прави споредба на суми и на проценти, треба многу да се внимава. Покрај тоа, текстов има премногу бројки, односно „тежи“ од премногу бројки. Тука од голема помош се графиконите и табелите, кои, бездруго, треба да се користат во вакви написи. Исто така, со оглед на фактот што буџетот содржи огромно количество бројки, треба да се изнесат само најважните за да се избегне ваква нумеричка турлитава, каков што е овој текст.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
и точни и неточни
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
несензационален
соодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови