verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ножиците на цензорот!

on 13 - 05 - 2015       
Интервјуата со Максим Димитриевски и генерал Никола Поповски - жртви на цензорот. Фото: видео клип скриншот
Интервјуата со Максим Димитриевски и со генералот во пензија Илија Николовски – жртви на цензорот. Фото: видеоклип-скриншот

 

Во текот на полициската акција во Куманово, на ТВ-екраните на национална телевизија видовме нешто што досега го немавме видено – сечење интервју на сред разговор и исчезнување на објавено интервју од интернет поради неподобност на ставовите на гостите

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Интервјуто на новинарката на телевизија „Канал 5“ со претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски (10 мај 2015 година), еден ден по  вооружените инциденти во кои загинаа осум полицајци, го сврте вниманието на јавноста откако буквално на сред реченица беше прекинато, а потоа и отстрането од веб-страницата на телевизијата.

Што ли кажа Димитривески, за медиумот да се реши на ваков куриозитетен „кројачки зафат“ на интервју кое оди во живо? Беше ли, можеби, соопштена некаква спектакуларна и вознемирувачка информација што го натера водителот панично да посегне по ножиците?

 

КРОЈАЧОТ ОД СТУДИОТО

Напротив, немаше никаква драматика во настапот на Димитриевски, кој говореше за одлуките на Советот на Општината (Куманово) по повод полициската акција во Диво Насеље. Но, потоа го коментираше поведението на власта и, по сѐ изгледа, тогаш направи тежок грев!  Се „дрзна“ да побара оставки од премиерот и од министерката за внатрешни работи. И тоа на телевизијата која тие, според прислушуваните разговори што ги објави опозицијата, си ја сметаат за „нивна“!

„Едноставно им порачувам и на него и на ужалената министерка Јанкуловска во моментов веднаш да си поднесат оставка и да пуштат луѓе што се способни да ја водат државата и да преземат одговорност“ (Димитриевски 1,53 до 2,02 минута од видеозаписот)

Тука новинарката се обиде да го прекине, но Димитриевски ја пресретна со зборовите:

„Ќе ве молам да не ме прекинувате и да ми дозволите да се доискажам“ (2,04 до 2, 07 минута од видеозаписот)

Сепак, тој не се доискажа, бидејќи по само пет секунди (во 2,12 минута од видеозаписот) преносот во живо беше прекинат од студиото.

Па, иако интервјуто беше пресечено и отстрането од веб-страницата, пораката на Димитриевски се пренесуваше преку видеосервисот „Јутјуб“, а се коментираше и на социјалните мрежи. Всушност, неговиот настап испровоцира реакции, пред сѐ, поради тоа што беше цензуриран. Па, онака како што некогаш забранетите книги предизвикувале поголем интерес, така и  „сечењето“ на интервјуто резултираше со контраефект со повеќе од 132.000 прегледи на „Јутјуб“ (до 12 мај 2015 година).

Меѓутоа, ова не е единствениот скандал со цензурирање на гостите што учествуваа во вестите на „Канал 5“. Од веб-страницата на телевизијата претходниот ден (9 мај 2015 година) исчезна и интервјуто со генералот во пензија Илија Николовски. Но, и во овој случај се појави верзија на „Јутјуб“, која се ширеше и на социјалните мрежи .

Генералот Николовски, кој пред 14 години командандувал со Вториот армиски корпус, за „Канал 5“ изјави дека самиот почеток на инцидентите наликува на 2001 година. Сепак, според него, амбиентот и општата ситуација не даваат услови овој конфликт да успее. Тој рече дека не може да тврди кои се вооружените лица од Куманово, меѓутоа додаде дека:

„Оценка на многу специјалисти и стручњаци е дека се работи за платеници, што е малку контрадикторно од она што власта го кажува. Во оваа тешка економска криза во регионот, ако некој како платеник може да оди во Авганистан Сирија и Авганистан и други земји, многу полесно ќе му биде да дојдат во Република Македонија, да дејствува за одредена пара, и потоа да се повлечат. Меѓутоа, не знам кој е организаторот и кој ја контролира оваа криза, но имам чувство дека организаторот некои работи не ги предвидел и дека работите му излегле од контрола.  И затоа во оваа прилика ги повикувам организаторите да превземат некои мерки и ова да не ескалира. Не сакам ни да помислам дека некој ја провалил полициската акција, но според бројот на жртвите кои се најавуваат, сакам да го изразам моето жалење дека некој полицајците ги изложил како живо месо“ (од 2,50 до 4,12 минута од видеозаписот)

Сосема е јасно дека токму поради ваквите ставови, интервјуто со пензионираниот генерал стана невидливо на интернет-страницата на телевизијата, чиј сопственик, според прислушуваните разговори што ги обелодени опозицијата, е „подготвен да го откаже авионскиот лет од Скопје и со автомобил да замине за Белград, само да не ја пропушти можноста да се сретне со премиерот Груевски.“

 

КАМИЕВИОТ МАНИФЕСТ ЗА ЦЕНЗУРАТА

Францускиот писател, филозоф, есеист, но и новинар, Албер Ками, (1913-1960) уште во ноември 1939 година, речиси три месеци по почнувањето на Втората светска војна, напишал:

„Пред растечкиот бран на глупоста, нужно е да се покаже одбивање. Оној што има барем малку чист дух, ниту една присила на овој свет нема да го направи да биде нечесен.“

Во неговиот манифест за цензурата и за слободата во новинарството, познатиот француски книжевник ги дефинира четирите заповеди на слободното новинарство :

луцидност, одбивање, иронија и упорност

Текстот требало да биде објавен на 25 ноември 1939 година во дневниот весник  „Сои републикан“ (Soir Republicain) во Алжир (кој го уредувал Ками, а бил печатен само на една страна), но го цензурирале колонијалните власти. Во февруари 2012 година, по цели 73 години откако бил напишан, новинарката Маша Сери од париски „Монд“, го пронашла во Националниот архив на прекуморска Франција. Весникот потоа го објави на својата насловна страница.

Цензурата, инаку, подразбира потиснување говор или друг вид комуникација која може да се смета за непријатна, штетна, чувствителна, политички несоодветна за јавноста, според правилата утврдени од владата, медиумските изданија или други контролни тела.

Речникот „Оксфорд“ (Oxford) дефинира дека цензор е „личност чија работа е да проучува книги, филмови, итн. и да ги  отстранува деловите што смета дека се навредливи, неморални или претствуваат политичка закана“

Македонскиот Устав, пак, ја забранува цензурата. Тоа е децидно наведено во поглавјето „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“ (член 16). Во преамбулата на новинарскиот Кодекс, исто така, е прецизирано дека основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, да ја информираат јавноста во согласност со член 16 од Уставот и да настојуваат да ја спречат цензурата.

За жал, во ситуација кога медиумскиот цензор демне со „ножиците“ в рака, тоа станува сѐ потешка новинарска мисија.

И, како што забележува Ками во неговиот Манифест за слободата на печатот и за интегритетот на новинарите:

„Вистината и слободата се љубовници кои многу бараат бидејќи  немаат многу љубовници.“


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести