verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Новинарството треба да се изгради од почеток

on 4 - 03 - 2016       

 

Се уште во дупка. Фоторепортари на стадионот на Атлетико Мардид во 1954 година. Фото: elcromaticom, 2014
Се уште во дупка. Фоторепортeри на стадионот на Атлетико Мардид во 1954 година. Фото: elcromaticom, 2014

 

На прашањето дали има време за промени и дали медиумските реформи можат да се завршат до 5 јуни за кога се закажани и предвремените парламентарни избори – нашите соговрници беа поделени. На маса се два предлога – оној на Владата и владеjaчката партија  и предлозите на меѓународната заедница, претставени од преговарачот Питер Ванхауте

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

По пролонгирањето на датумот за избори за 5 јуни, изјавите на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, оставија непознаници за тоа што ќе се случува со реформите во медиумите.

За Груевски тоа прашање е завршено и иако можеби ќе се разговара за медиумите, нема да се инсистира на нов закон за оваа сфера. За Заев, пак, без промени во медиумите не се можни демократски избори на 5 јуни.

Како и да е, засега и двете партии остануваат на своите ставови за реформи во медиумите.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селамни смета дека до 5 јуни може да се направат сериозни реформи во медиумите, кои ќе придонесат тие да се послободни и попрофесионални. Според него може со закон и да се забрани владиното рекламирање.

selmaniМесто владини реклами, со кои власта ги корумпира медиумите и влијае на уредувачката политика, ЗНМ предлага систем на субвенционирање на медиумите врз јасни и недискриминаторски  критериуми – вели Селмани.

Ако нешто се разградувало цела деценија, многу тешко дека ќе се поправи за неколку месеци, вели главниот и одговорен уредник на новинската агенција „Мета“, Зоран Андоновски.

andonovski-100Оттаму, во овој период до јуни може само да се постават темелите на професионалното известување. За вистински коренити промени во медиумската сфера кај нас треба план, време и волја и тоа од сите инволвирани во процесот – вели тој.

Според него во моментов, како да недостасува од се помалку, а време најмногу.

andonovski-100Она што влева надеж е дека за ова почна да се разговара, процесот тече и дека веќе нема враќање. Дали тоа ќе се постигне за неколку месеци е прашање, но сигурно е дека ништо повеќе нема да биде како порано. Концентрирањето на краткорочните реформи по формулата „прво да ги истераме изборите па после ќе видиме што долгорочно ќе правиме“ е ризично од едноставна причина што нема генерална стратегија што следи потоа – заклучува Андоновски.

И главниот уредник а „Слободен печат“, Бранко Героски не очекува било што битно да се стори до 5 јуни за да се промени амбиентот во медиумите.

gero novaСо сета почит кон предлозите на новинарските здруженија и на посредникот во преговорите, мислам дека ние немавме одржлив проект за темелни промени во овој сектор. И не можевме да имаме, без сериозно инволвирање на претставниците на медиумската индустрија. За жал, пристапот што се форсира во Македонија е поинаков и тој, како што гледаме, не дава и уште долго нема да даде никакви битни резултати – вели Героски.

ПРЕДЛОЗИ НА ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката партија изнесе предлог, кој претставува комбиниран словенечко-германско-белгиски модел и кој предизвика бурни реакции кај дел од претставниците на медиумите.

Според овој предлог, медиумскиот простор на јавниот сервис, политичките партии треба да го делат пропорционално, според резултатите од последните избори, кои, патем опозицијатане ги призна, поради што го бојкотираа парламентот.

Во однос на МРТ, владејачката партија предлага јавниот сервис и понатаму да се финансира од буџетот и од радиодифузната такса, а ставката од буџетот само минимално да се зголеми од 0,14 отсто на 0,17 отсто. Советот на МРТ да биде идентичен како и досега, со тоа што ќе се воведе како принцип 100 дена пред изборите информативната програма да ја водат двајца уредници – еден назначен од власта и еден од опозицијата.

За Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ), владејачката партија предлага тој да биде составен од седум члена, од кои по два би предложиле ЗНМ и МАН, еден член да предложи Интеруниверзитетската академија, МАНУ и Адвокатската комора.

Од владејачката партија нема конкретен предлог за директори на овие места, ниту за ингеренциите што би ги имале, а во однос на предлозите оставаат да одлучат работните групи. Владејачката партија, сепак, не открива како треба да се избираат директорите на МРТВ и на АВМУ.

За новинарката и генерален менаџер на НоваТВ.мк, Билјана Секуловска, департизација на Агенција за видео и аудиовизуелни услуги, како и на МРТВ треба да се случи со професионалци и докажани експерти.

ivaДиректорот на Агенцијата треба да го именува Советот. Да се смени Законот во делот на поголеми ингеренции на Агенцијата, особено кога станува збор за санкционирање на говор на омраза на електронските медиуми – вели Секуловска.

Насер Селмани, исто така, тврди дека треба да се промени медиумското законодавство што ја регулира работата на Агенцијата за медиуми и јавниот радидиодифузен сервис, со цел нивна департизација и деполитизација.

selmaniАгенцијата и МРТ треба да имаат одржливо и стабилно финансирање. Еден отсто од државниот буџет да се одвои за нивното финансирање.Потребно е да се избере нов совет на Агенцијата и на МРТ, каде ќе влезат професионалци и независни експерти од сферата на медиумите, а не луѓе поврзани со партиите на власт – изјави за „Сервисот за проверка на факти“, Селмани.

Владејачката партија како модел „за ослободување на медиумите од партиски стеги“, меѓу другото, предложи закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции во чиј Член 1 пишува:.

Со овој закон се пропишуват начелата, постапката на одобрување, начинот на распределба на средствата за финасирање наменети за закуп на медиумскиот простор, односно време за јавно-финсираните информативни кампањи во Република Македонија, како и надлежноста на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (во натамошниот текст: Агенцијата) за издавање на согласност за почнување на јавно-финансираните информативни и рекламни кампањи.

Секуловска во врска со овој предлог вели дека е повеќе од неопходно почитување, но и наметнување закон за елементарните стандарди во новинарството, односно етиката во професијата, a не закон за рекламирање.

ivaУкинувањето на владини реклами е неопходно, освен за одредени теми од исклучително важен јавен интерес, но тие да бидат бесплатни. Да се укинат и рекламите за време на изборна кампања, а доколку е невозможно да се укинат за партиите, да се ограничи на минимум времето на рекламирање – е ставот на Секуловска по ова прашање.

Условот на ВМРО-ДПМНЕ е ако не се прифатат овие предлози, за нив прифатлив е секој закон од било која земја членка на Европската Унија.

 

ПРЕДЛОЗИ НА ВАНХАУТЕ

Меѓународната зедница,пак, преку посредникот Питер Ванхауте, достави предлози за реформите што треба да се направат во делот на медиумите, а тие беа презентирани и пред новинарите.

Ванхауте предлага членовите на Советот на АВМУ да се избираат со двотретинско мнозинство во Собранието, откако ќе се пријават на јавен конкурс. Тие треба да бидат професионалци и експерти, а треба да обезбедат поддршка од две невладини организации или од новинарско здружение (асоцијација), од синдикат на новинарите или од два соодветни универзитети. Избраните членови би имале мандат од пет години со можност за реизбор и да бидат ангажирани со цело работно време. Се предлага директорот на Агенцијата да го именува Советот.

Што се однесува до понудата на разни нови кодекси и платформи, што доаѓаат од невладини организации кои имаат допирни точки со медиумите, Героски вели дека нивниот одговор кон сите ќе биде истиот – ние ги прифаќаме сите добри препораки и практики на професионалното и етичко новинарство, но нема да го ставиме својот потпис на ниту едно парче хартија заедно со претставниците на медиумите од пропагандата на режимот.

gero novaТоа за нас е прашање на принцип и на елементарна чест – вели Героски.

Што се однесува до евентуалните прекршоци од страна на медиумите и казните за нив, Ванхауте предлага најпрво да се пристапи кон дијалог со претставници на медиумиот. Ако не биде надминато прекршувањето, да следи предупредување, па дури откако ќе се исцрпат овие две можности, да се одреди казна. Тој нагласи дека казни нема да се изрекуваат за содржината на информативните прилози. Паричните казни за медиумите би се одредувале во висина пропорционална со нивната финансиската состојба.

Со овој став се согласува и Селмани. Тој вели дека треба да се укинат сите обврски на приватните радиодифузери за структурата на нивната програма.

selmaniНе може владата да им ја скрои програмската шема на приватните медиуми. Исто така треба да се намалат казните за медиумите  со цел да бидат пропорционални и да не го доведуваат во прашање постоењето на медиумите – вели Селмани.

Во однос на владиното рекламирање, предлогот на Ванхауте предвидува за владините пораки кои се од јавен интерес, јавниот сервис и комерцијалните медиуми да не добиваат паричен надомест, туку тие да бидат бесплатни. Се предлага и намалување на данокот на додадена вредност за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отсто.

За МРТ, предлогот е финансирањето да биде еднакво на 1 отсто од годишниот буџет на државата, а јавниот сервис да има целосна независност при трошењето на овие средства. Членовите на Програмскиот совет на јавниот сервис да се избираат на приближно ист начин како и членовите на Советот на Агенцијата за медиуми.

Овој предлог на Ванхауте е прифатлив за СДСМ.

Во такви околности, смета Героски, поради исклучителната важност на овие избори, во Плусинфо и „Слободен печат“ ќе постапат малку поинаку од претходните изборни циклуси.

gero novaДа, ќе известуваме рамномерно за сите настани поврзани со изборната кампања, како што тоа го правевме и во минатите избори, но овој пат ќе отстапиме сериозен простор за бесплатна и рамноправна промоција на политичките програми на политичките партии и нивните водства. Ги имаме предвид ускуствата на „Дневник“ од крајот на деведесеттите и на „Шпиц“ од 2006 година. Што се однесува до платеното политичко рекламирање, ќе обезбедиме еднаква достапност за сите. За сево ова ќе напишеме прецизни правила и ќе ги објавиме на време. Се надеваме дека учесниците во кампањата ќе го прифатат предизвикот – ни изјави Геровски.

Како и да е, сите соговорници заклучуваат дека новинарството е во длабока кома. На таа линија е и новинарката, Катерина Блажевска, која не верува во брзи и нашминкани реформи за медиумите:

glasnost-blazevskaНовинарството и формално се држи во „живот“ приклучено на политички апарати, за да се создаде лажна перцепција дека го има. Во таква ситуација какви било медиумски реформи не се ништо повеќе од формално шминкање на мртовецот. За да го имаме новинарството ќе треба да го изградиме од почеток – вели Блажевска.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести