Новинарски текст или партиско соопштение?
Објавено во Рецензии
on 20 - 06 - 2016 Автор: Симона Атанасова[Рецензија: Јанева води политичка хајка против Груевски]
Додека го читате овој текст, во секој момент очекувате некаде да пишува дека е партиско соопштение. Но, иако личи како да е дело на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, сепак станува збор за нешто што глуми новинарско четиво.
Написот е коментаторски, целосно едностран и со манипулативна цел. Се напаѓа работата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, при што се изнесуваат неаргументирани тези.
Линк до оригиналниот напис: Јанева води политичка хајка против Груевски
Датум и време на објавување: 12.06.2016, 12:18
Датум на рецензирање: 18.06.2016
Рецензент: Симона Атанасова
ДВОЈНИ АРШИНИ
„Катица Јанева со театрални и партиски прес¬конференции, без да презентира ниту еден доказ, води политичка хајка против лидерот на ВМРО¬ДПМНЕ, Никола Груевски и владејачката партија. Бидејќи нема аргументи и докази, Јанева не дојде на суд да ја брани сопствената теза дека на Груевски треба да му се одземе пасошот, туку го испрати Бурим Рушити да го брани неодбранливото. Но, СЈО нема ниту еден доказ против Никола Груевски, само желба против него да води битка во име на СДСМ“.
Овој материјал нагласено ги брани владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Никола Груевски, а истовремено, без никакви докази, ја напаѓа специјалната обвинителка Јанева дека држи театрални партиски прес- конференции. Тоа не е точно, бидејќи обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конфенрецијата одржана на 21 април презентираше низа докази за случајот „ТНТ“, а од Основниот суд Скопје 1 беше побарано да му се одземе пасошот на Груевски.
Освен тоа, без аргументи се тврди дека Јанева го испратила јавниот обвинител Бурим Рустеми (кому во написот му е згрешено презимето, па е напишан Рушити), затоа што немала докази за да ја одбрани тезата, иако според Законот за СЈО, таа може на суд да испрати кој било обвинител од својот тим.
Во член 9, став 3 од Законот за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се вели дека:
„Јавните обвинители од овој член немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд“.
БЕЗ ПРОФЕСИОНАЛНА ДИСТАНЦА
Низ целиот текст на долго и на широко се прераскажува што се случувало во судот, што кажале обвинителите, што кажала одбраната. Но, во напишаното недостига потврда дека тоа е навистина така, дека, можеби, не се во прашање измислени детали.
Во текстот преовладува фразата „како што дознаваме“, но изостанува податокот од кого се дознава. Новинарот има право да го заштити идентитетот на својот извор, но треба да даде барем минимум потврда дека изворот навистина постои. Без таква потврда, напишаното не оддава впечаток на точно и на вистинито и не ја постигнува довербата што јавноста треба да ја има.
За напишаното нема потврда ниту од официјални лица од судот, ниту од адвокатите на одбраната ниту, пак, е побаран став од јавните обвинители на Специјалното јавно обвинителство.
Потоа во текстот се прикажува и една хипотетичка ситуација гледана низ диоптријата на владејачката партија.
„Замислете, ВМРО-¬ДПМНЕ без никаков доказ да достави 10 кривични пријави против Зоран Заев, за дела како убиства и тешки кражби, па обвинителството да мора да бара мерки за претпазливост без ниту еден доказ затоа што: Потенцијалната казна за која има кривична е висока, па тој може да се исплаши и да избега и дека има повеќе кривични и тоа исто така може да го исплаши и да избега“.
Според Кодексот на новинари на Македонија, во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда, а новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Исто така, Кодексот наложува дека доколку информацијата не може да се потврди (како во случајот со анализираниот напис) или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
не може да се утврди
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
наведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
поврзан со тагови