Новинарски организации: Тие што ги создаваат проблемите, не можат да нудат и решенија
Објавено во Новинарски лекции
on 26 - 11 - 2015 Автор: Владо Ѓорчев
Изборниот законик, а и законите што моментно се договараат во Клубот на пратеници, и тоа на крајно нетранспарантен начин, ги предизвика на реакција новинарските здруженија. Тие бараат да бидат вклучени во преговорите затоа што таму се разговара за нив. Исто така, бесни се и на измените кои се на штета на медиумите, а за кои воопшто не биле консултурани. Политичките партии засега го игнорираат ова барање на новинарите со образложение дека во Клубот на пратеници преговараат партиите, а не невладини организации и здруженија.
Пишува: Владо Ѓорчев
ВМРО–ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска пред јавноста да објаснат какви решенија договараат за медиумите. Ние, како новинари, од искуство знаеме дека кога политичарите се кријат од јавноста, обично работат за тесно-партиски и за политички интереси и не водат сметка за интересите на граѓаните. Незадоволството поради одбивањето на четирите најголеми политички партии да ги вклучат новинарите, медиумите и медиумските организации во преговорите за реформата на медиумската сцена, беше причина денеска неколку десетици новинари и медиумски работници да протестираат пред Клубот на пратениците. Протестот заеднички го организираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Насер Селмани, претседател на ЗНМ, изјави дека политичките партии сакаат да одлучуваат за судбината на новинарите без да водат сметка за нивните интереси.
„Овде се одлучува дали ќе имаме слободни и професионални медиуми или контролирана пропагандна машинерија во рацете на политичките партии. Сакаме пред јавноста да ги прашаме политичките партии зошто се противат на вклучувањето на претставниците на новинарите и на медиумите во разговорите? Што е толку страшно во нивните предлози, што не сакаат да ги споделат со нас и со јавноста. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска пред јавноста да објаснат какви решенија договараат за медиумите. Ако нивните предлози се толку добри и одат во прилог на состојбата на медиумите, тогаш што е проблемот тие да ги стават пред судот на јавноста. Сериозно се сомневаме дека нешто не е во ред со нивните предлози. Не сакаат да направат вистински промени во медиумскиот систем, се водат од принципот Ајде да смениме сè, за сè да остане исто“, изјави Селмани.
ЈА БРАНИМЕ ЈАВНОСТА
Ние ја браниме јавноста, правото на јавноста да има професионална точна информација, вели за „Сервис за проверка на факти во медиумите“, Тамара Чаусидис, претседател на Синдикатот на новинари и медиумски работници.
„Односот на политичката елита кон прашањето на регулација на медиумските закони во медиумската сфера го покажува односот на политичката елита не само кон новинарите, туку и кон јавноста. Тие се служат со носење решенија зад затворени врати, со пазарења кое, да беше добро и да беше во интерес на јавноста, ќе беше и претставено пред јавноста. Сакам да апелирам до интернет-порталите, да не ја сфаќаат ова битка само како битка на новинарски организации. Ова е битка за да се зачува интернет-просторот што секаде во светот е слободен. Ова е битка да се зачува професијата, но и правото на слободно изразување“, вели Чаусидис.
Драган Антоновски од ССНМ на прашањето дали не е доцна за реакцијата на новинарските организации, вели дека на крајот некој, сепак, ќе се сети дека тие што ги прават проблемите не можат да ги нудат и решенијата.
„Наша цел е да бидеме вклучени, да знаеме што се случува. Тоа што особено ни е битно е да не се носат само преодни решенија, додека траат случувањата околу изборите. Ако веќе се решава, треба да се направат системски решенија што и понатаму ќе траат. А, не само за еднократна употреба да ги истрчаме изборите и потоа пак по старо. Сакаме да сме информирани и да сме вклучени, да знаеме што решаваат, затоа што на крајот на денот ние тоа го работиме и последиците се и по граѓаните и по јавноста и по новинарите“, вели Антоновски.
Да не се вклучат новинарите и медиумските организации во преговарачкиот процес, кој по природа треба да биде инклузивен, за Весна Никодиновска од МИМ е сосема нерационално и нелогично размислување на политичките партии.
„Политичките партии практично треба да демонстрираат демократски капацитет. Едно демократско општество не може да ги исклучува новинарите од еден ваков процес. Не може да го исклучува граѓанскиот сектор од носењето решенија кои се однесуваат на медиумите и на новинарите. Сметаме дека медиумските организации и новинарите треба веднаш да се вклучат во политичкиот процес. Во спротивно, мислам дека политички субјекти нема да покажат доволно демократски капацитет за да носат решенија кои ќе бидат во насока на подобрување на медиумската состојба и на слободата на медиумите“, вели Никодиновска.
За Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите, протестот е оправдан затоа што од осамостојувањето на Македонија политичарите ја кројат капата на медиумите и на новинарската бранша.
„Нас секојпат нè ставаат пред свршен чин. Ќе договорат нешто и нам ни останува само да го прифатиме. Јас сум против секаква казна за новинарите, нив воопшто не смее да ги има. Краткорочно решение е да се направат напори да им се помогне на медиумите да работат нормално до изборите, а по изборите треба да се најде долгорочно решение, како за телевизиите, така и за другите медиуми. Кризата која е таложена цели 20 години не може преку ноќ да се реши. Сметам дека ќе треба подолг период да се стабилизираат работите“, вели Адамчевски.
ПОТРЕБНА Е ШИРОКА ДЕБАТА
Драган Георгиевски од Центарот за развој на медиумите се согласува со организаторите на денешниот протес дека не може само политички партии, без разлика што се под добронамерен надзор, да одлучуваат за медиумите.
„Практично, тоа значи дека тие ќе ги дотераат законите да им одговараат на политичките партии, а не и на медиумите и на пошироката јавност. Во Центарот за развој на медиумите сметаме дека сè што ќе разговараат четирите политички партии и нивните тимови под водство на европските авторитети, треба да се подведе под делот за нивно сопствено однесување на изборите и односот кон медиумите. Можеби за некаков нивен етички кодекс, како да се однесуваат кон медимите. Но, за сето друго за сферата во медиумите е потребна широка дебата, формално и неформално организирана, за да се дојде до развој на плуралистичка медиумска сцена, која ќе работи во интерес на јавноста“, изјави Георгиевски.
Љубиша Станковиќ, новинар во „Утрински весник“, вели дека протестот на новинарите е поради игноратскиот однос на преговарачите, односно на политичките партии, кои, со помош на посредник, договараат закони кои се однесуваат на работата на медиумите и на новинарите.
„Недозволиво е да се разговара за проблематика која директно ги засега новинарите, а тие да не бидат ниту консултирани за тоа. Од преговарачите се бара да ги отворат вратите за новинарите за и тие да имаат увид во она што се дискутира, за да можат да ги дадат своите мислења, сугестии, предлози, но и забелешки. Сметам дека она што го бараат новинарите е легитимно и дека тие заслужуваат да се дел од преговорите“, вели Станковиќ.
Реакциите на новинарските здруженија доаѓаат по нетранспарентното носење на Изборниот законик во кој се внесени и делови за однесувањето на медиумите. Тие реагираат најмногу на воведувањето контрола врз електронските медиуми (интернет-порталите).
Според измените, строго се забранува каков било начин на финансирање или донирање на политичките партии од медиумите и од лица поврзани со нив. Исто така, од денот на распишување на изборите сè до нивното завршување, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите), не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на Градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања.
Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни ценовниците да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите.
Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања. Во спротивно, предвидена е глоба од 8.000 евра.
Изборниот законик, а и законите кои моментно се договараат во Клубот на пратеници на нетранспарантен начин, ги предизвика на реакција новинарските здруженија. Тие бараат да бидат вклучени во преговорите затоа што таму се разговара за нив. Исто така, бесни се и на измените кои се на штета на медиумите, а за кои воопшто не биле консултурани. Политичките партии засега го игнорираат ова барање на новинарите со образложение дека во Клубот на пратеници преговараат партиите, а не невладини организации и здруженија.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).