verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Враќање на истражувачките прашања

on 23 - 08 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Додадената вредност на новинарскиот текст (или прилог во електронски медиум) е повеќестраноста, објективноста и одговорени што поголем број прашања што една информација ги отвора.

 

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

 

741

Би-Би-Си Панорама, една од најдобрите истражувачки документарни емисии на светот, со најголема „додадена вредност“

ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ. Значењето на овој термин во економијата е “зголемувањето на вредноста што компанијата го дава на својот производ пред да го понуди на пазарот.” Тоа значи дека што е поголема додадената вредност на некој производ, толку е поголема неговата крајна вредност (во квалитет и цена, а со тоа и профит на компанијата). На пример, ако некоја компанија за производство на облека ангажира врвни модни креатори (што подразбираат соодветно високи плати), ако производите се карактеризираат со уникатност и иновативност, ако се направени од квалитетен материјал, сето тоа ја зголемува додадената вредност на производот, односно неговиот квалитет.

Пласирањето информации е секако многу повеќе од “обичен производ” кој ги надминува мотивите на профит, со општествената одговорност како кредо. Сепак, оваа дефиниција би можела да послужи како илустрација за да се направи разлика меѓу она што се пласира и она што може да се понуди во вид на поквалитетна информација за граѓанинот како консумент.

Така, ако се направи обид оваа дефиниција да се  употреби за новинарскиот производ, тогаш би значело дека додадената вредност на новинарскиот текст (или прилог во електронски медиум) е повеќестраноста, објективноста и одговорени што поголем број прашања што една информација ги отвора.

 

Во новинарството прес-конференцијата е средство, а не цел сама за себе

Многу често, основа за некој напис или прилог за електронските медиуми е прес-конференција. Ако уредништвото на еден медиум процени дека она што е изјавено на некоја прес-конференција заслужува медиумски простор, следното прашање е како ќе се искористи тој простор, односно како таа информација ќе се презентира на гледачите. Ако само се пренесе како изјава, во тој производ нема голема додадена вредност и не нуди ексклузивитет, ниту пак повеќестраност во информирањето. Некојпат уредништвото и новинарот проценуваат дека таа информација не заслужува поголема анализа, но трендот во последните години покажува предоминација на еден вид “пасивно” новинарство, кое е емитер на информации, а не филтер без да се види дополнителен напор за подлабока анализа или повеќестрано информирање. Новинарите полека ја напуштаат практиката на која прес-конференциите се „основа“ за сторија, а потоа таа се надградува со информации кои на гледачот ќе му претстават „поширока“ слика. Ваквиот тренд води кон еднострано и некритичко известување, каде медиумите немаат активна улога во информирањето, туку се претвораат во „ѕидни весници“.

Две прес-конференции одржани неодамна можат да послужат како илустрација за таквиот тренд.

На 11 август годинава, прес-конференција одржа владиниот портпарол Александар Ѓеоргиев, на која соопшти дека Владата планира да отвора 11 регионални брачни советувалишта низ земјата. На агрегаторот на вести Тајм.мк се појавуваат 27 медиумски написи кои ја пренеле оваа вест: Радио слободна ЕвропаСител, Плусинфо, ТелмаКанал 5, Прес 24, 24 вестиНетпрес, А1 он, Макфакс, Е-вести, Локално, Максим, Орбис, Алфа, Курир, Нова МакедонијаСкај, Република, Економски, Лидер, Вест, Утрински, Денешен, Телеграф, ЛибертасФама.

Но, ниту еден не отишол “подлабоко” од она што било кажано на прес-конференцијата.

 

Купишта неодговорени прашања

Освен основните прашања на кои треба да одговори новинарскиот напис: што, кој, каде, кога, и како, додадената вредност се состои во тоа да се обезбедат повеќестрани информации, повеќе соговорници (по можнсти екслузивни за медиумот), со што на публиката би и се понудиле одговори на речиси сите прашања што произлегуваат од основната вест. На пример, портпаролот објаснил дека мотивот за проектот „11 нови брачни советувалишта“ е целта на Владата да помогне да се намали бројот на разводите кој бил во пораст во последните години. Со отворање на страницата на Државниот завод за статистика, може да се забележи дека во последното соопштение на оваа тема, објавено на 7 јуни годинава, наведено е дека навистина бројот на разводи во 2012 г. е зголемен за 9,9% во однос на претходната година, но исто така, бројот на склучени бракови е помал за 5,1%, податок што укажува на социолошки проблем кој не би можел да се реши со брачно советувалиште. Оттука, новинарскиот призвод би добил повисока додадена вредност ако се понудат статистички податоци и коментар од стручно лице (психолог или социолог), кој би можел да даде одговор каде ги гледа причините за разводите (на пример, дали разводите се поради недоволна комуникација меѓу сопружниците или можеби поради пад на стандардот на живеење со што се зголемува фрустрацијата и нетрпеливоста). Исто така, може да се најдат брачни партнери како соговорници од кои би можел да се добие одговор дали при брачни проблеми би консултирале вработен во брачно советувалиште и сл. Сите овие одговори и податоци би му понудиле на граѓанинот како консумент повеќестрани информаци од кои би можел да извлече заклучок за оваа мерка за која ќе се потрошат јавни пари.

Вториот пример е неодамна одржаната прес-конференција на која министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, презентираше проект “100 нови пешачки премини во општина Кисела Вода”. На агрегаторот тајм.мк се појавуваат 14 медиумски написи за оваа прес конференција: Фактор, Алфа, Утрински, Скај, Канал 5, Плусинфо, А1он, ЛидерТелеграф, Сител, Локално, Курир, МРТВ, Економски.

Повторно ниту еден од нив нема ништо повеќе од она што било кажано на прес-конференцијата. Понудената информација на прес-конференцијата отвора и други прашања на кои новинарскиот напис би можел да понуди одговор. Во каква процедура биле избрани компаниите што ќе ги фарбаат пешачките премини (дали се избрани на оглас за јавна набавка)? Кога последен пат се фарбани постоечките пешачки премини, колку често се обновува бојата и дали можеби е проблематичен нејзиниот квалитет? Колку пари ќе чини проектот бидејќи се работи за јавни пари? Зошто Општина Кисела Вода е изборот на министерката за таков проект? Дали постојат податоци за поголем број сообраќајни незгоди во таа општина? Освен да се побараат овие одговори на прес-конференцијата, на прашањата може да одговори стручно лице од градежниот бизнис, да се провери статистиката на сообраќајни незгоди во Град Скопје, да се провери на терен дали пред училиштата во другите населби има обележано пешачки премини, односно дали се води сметка за безбедноста на учениците и сл. По оваа прес-конференција, наредниот ден изјава дал градоначалникот на Општина Центар, која, исто така, само е пренесена.

Легитимно е правото на медиумските куќи да определат како ќе ги презентираат информациите, но општествената одговорност бара и исполнување на уставно загарантираното право на јавноста да биде информирана (член 16), а за да бидат на висина на таа задача, новинарите треба да понудат повеќестрани, исцрпни и непристрасни информации.

Особено, општествената одговорност налага да се понудат повеќе и повеќестрани информации кога се работи за проекти кои се финансирани со пари од буџетот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести