verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кој и зошто ѝ се нафрли на „Ал Џазира Балканс“ во Македонија?

on 5 - 04 - 2015       
Горан Милиќ со екипата на „Ал Џазира Балканс“ во студиото во Сараево - еве овие новинари во слободно време спроведуваат Шеријатско право. Сигурно. Фото: Ал Џазира Балканс, 2011
Горан Милиќ со екипата на „Ал Џазира Балканс“ во студиото во Сараево – еве овие новинари во слободно време спроведуваат Шеријатско право. Сигурно. Фото: Ал Џазира Балканс, 2011

 

За балканските недемократски лидери, навикнати на многу начини да ги контролираат домашните медиуми, регионалните телевизии се непријатен сведок на нивната валкана прагма на владеењето

 

пишува: Љубомир Костовски

 

Оние телевизиски манијаци кои постојано ја бараат вистинската содржина за таа вечер за себе и кои ги гледаат и регионалните програми, можеби погледнале и некои од емисиите на Горан Милиќ, шефот на „Ал Џазира Балканс“, кои одат под насловот „Алхемија на Балканот“. Имаше дузина емисии за Босна и Херцеговина, потоа исто толку за Србија, во тек се оние за Хрватска, а наскоро една екипа треба да дојде и во Македонија. Последната од емисиите посветени на Србија, содржеше и кусо интервју со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, во која интервјуираниот ја искористи можноста да му се извини јавно на Милиќ за нетрпеливоста и за политичкиот анимозитет што го негувал кон неговите телевизиски прилози, што може да се види во последните минути од таа епизода.

Дали по последните прилично координирани и шематизирани напади кои во Македонија ги имаа кон оваа телевизија медиумите, за кои обично велиме дека се наклонети кон актуелната владејачка гарнитура и кон нејзината политика, ќе се одложи доаѓањето на Милиќ во нашата земја? И дали нашиот премиер во името на медиумите, кои несомнено ги контролира, ќе најде доблест да се извини, по угледот на Вучиќ?

 

ГРУЕВСКИ ВО МАКЕДОНИЈА, ВУЧИЌ ВО СРБИЈА

Ова прашање секако дека е актуелно, бидејќи некому во власта, кој ја крои ТВ-програмата на домашните емитери, што во јавноста е позната како „Штабот на вистината“, не му се допаднаа прилозите кои одат во овој телевизиски сервис на „Ал Џазира“, пред сѐ, нивното доследно следење на прес-конференциите со „бомбите“ на опозицијата. Притисокот на дневните рецензенти особено им скокнал по прикажувањето на еден документарен филм („Македонија зад фасадата“) на оваа ТВ-станица за состојбите во земјава, кој предизвика критики какви што немало од прогонот што органите и телата на СКЈ го спроведуваа кон црниот филм во 70-тите години од минатиот век!

Индикативно е дека во регионот постои една стандардна тензија кога е во прашање влезот на крупниот капитал во медиумската сфера. Најчесто таа линија на отпорот се јавува во време на почетокот на таквите програми и дилемата на која страна тие ќе се постават. Така, во Загреб со недоверба беше дочекан сервисот на „Си-Ен-Ен“ на српско-хрватско-бошњачки јазик (Н1), а особено беше скандалозен односот на српскиот премиер Вучиќ кон сервисот БИРН, кој најмалку еден месец ги полнеше коментарите со „за“ и „против“ во белградските медиуми, по некои реакции од владината зграда на Немањина улица во Белград.

На порталот на „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) во однос на локалниот анимозитет кон „Ал Џазира“, веќе имавме една рецензија во тој контекст, иако најголем број прилози против оваа телевизија имаше во „Дневник“, потоа имаше еден прилог на МТВ, па таа тема се отвори и низ една колумна во „Утрински весник“, чиј автор е, случајно или не, вработен во МТВ.

 

ШЕРИЈАТСКО ПРАВО СЕ БАРА И ПОД ДРВО И ПОД КАМЕН

Критиката на „Ал Џазира“ се базира на извадоци од практиката на одредени политики во светот да се пресметуваат со оваа телевизија, за која се вели дека доаѓа од земја каде „според Уставот, во земјата, но и во телевизиската станица се применува исламот според Шеријатското право. Тоа значи дека семејното право не го прифаќа сведочењето на жена, а каменувањето и камшикувањето се сметаат за легална казна. Љубовната врска меѓу жена од муслиманска и маж од немуслиманска вероисповед се казнува со смрт. Во апсолутната монархија, според законот, нема партии, што не ја спречува „Ал Џезаира“ да држи лекции по слобода и демократија“ (од прилогот на МТВ).

Нормално, за оние кои се обидуваат да ја следат МТВ од каде, ете, доаѓаат лекции за славната „Ал Џазира“, секако може да се каже дека националниот сервис, кој практично комплетно ја исклучува опозицијата од својата програмска шема и пред чии врати секоја вечер има демонстранти по тој повод, уште помалку може да коментира кого било на светов или во земјава – постои, секако, неслобода преку извртување на факти, ама најцрна неслобода или класична цензура е кога вие не објавувате ништо за нешто што објективно постои и зад кое стои политичкиот став барем на половината од полнолентите граѓани!

Јасно, критичарите на „сараевската база на исламистите“ намерно забораваат дека „Ал Џазира Балканс“ е посебна редакција, дека дејствува регионално уште од 2011 година и дека имаше повеќе од три години за неа да се изгради некое мислење. Па и во однос на „примената на шеријатското право“, да речеме.

 

ПРЕДРАСУДИТЕ СЕ СЕКОГАШ КАЈ НЕИНФОРМИРАНИТЕ

Предрасуди за нашата телевизија имаат само неинформираните. Секој знае дека ’Ал Џезира’, како што видовме, се емитува и во САД, но и во целиот свет“ – вели директорот на телевизијата, Горан Милиќ, потсетувајќи дека воспоставувањето мрежа во сопственост на Катар првично се гледала со сомнеж, па дури и со незнаење и со неукост, што доведе голем број на мислења дека „Ал Џезира“ е поврзана со тероризмот. Сепак, со текот на времето, вели Милиќ за „Блиц“, „се покажа дека зад ’Ал Џезира’ не работи ниту една политичка манипулација“.

Оваа „испостава“ има сопствена целодневна програма, со исклучок на „мртвите часови“ кога објавува преведени прилози од „Ал Џазира инглиш“. Ако некој се обидува да прави рецензија – во која било смисла – секако треба да појде од она што таа телевизија го дава во регионалното опкружување и кон гледачите на тој простор, значи и кон – нашите. Но, никаде во тие критики, од кои некои и наведовме со линк каде можат да се прочитаат, немаме јасно поврзување на програмата на оваа телевизија на некакво хронолошко рамниште, не станува збор за некаква потемелна перцепција.

Во невтемелените факти како „плодно тло“ за критиките дури и се даваат сосема погрешни податоци – не е точно дека „Ал Џазира“ не емитува програма во САД, на што особено инсистираат домашните критичари и таму има забрана (види овде). Влезот на овој континент е направен со купување телевизија од рацете на некогашниот потпретседател на САД, Ал Гор (во текстот објавен на МТВ се вели дека Њујоршката берза забранила…) Смета ли некој дека Ал Гор така лесно би си ја „продал“ својата земја „на луѓето во турбани“?

 

ПРОБЛЕМОТ СО „АЛ ЏАЗИРА“ Е ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ КОНТРОЛИРА

Зошто е толку жесток отпорот кон странските медиуми, пред сè, телевизии од страна на локалните недемократи? Па, затоа што нив не може никој да ги контролира! Кога ќе дојде споменатата станица „Н1“ во Скопје, како сега, и кога секоја утринска програма (која почнува во осум часот) ја отвора со јавување на испратената новинарка од Илинденска број 2 (!) тогаш, според искуствата од „Си-Ен-Ен“ последните децении, знаеме дека „ѓаволот ја однел шегата“. Таа „рутина“ – ако ви треба криза, вклучете го Скопје – беше прекината само по падот на германскиот авион на Алпите.

И „Ал Џазира“, секако, не е „Сител“, кому ќе му се кажува кога треба да го почне ТВ-дневникот од шефот на политичката полиција или „Канал 5“, каде директорот е подготвен самиот себеси да си ја прекине струјата, за да не се емитува одредена емисија! Искрено, „Ал Џазира“ во многу сегменти, особено во областа на бизнис-вестите, била некритичка кон состојбите на тој план во Македонија (кај посебните економски зони, кога се прават репортажи, никогаш не се споменуваат платите, и нивната висина, ниту кој ги плаќа придонесите за работниците и слично), ама тогаш и немаше реакции, бидејќи Македонија се прикажуваше во незаслужено поволна светлина. Тие критики од одредени македонски медиуми стигнаа во мигот кога „бомбите на Заев“ станаа особено непријатни во однос на странските партнери и кога можат да придонесат за и онака ниската контактибилност на странските политичари кон нивните партнери кај нас, а по повод „креираните“ стории. И, секако, откако стана јасно дека странските вести, заради блискоста на јазикот, го зголемуваат бројот на независните погледи кон македонската стварност, а тука многу малку може да се стори (евентуално да се влијае на кабелските доставувачи, да речеме). Ама затоа објективните политички перцепции ги вади од нивното интернетско гето!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести