verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Несреќата на несреќите

on 5 - 11 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Автомобил после сообраќајна несреќа, снимено во гаражата на сопственикот Полска, 2005 година – Фото:przemion

Автомобил после сообраќајна несреќа, снимено во гаражата на сопственикот, Полска, 2005 година – Фото:przemion

Несреќите и прашањата врзани за нив не се ексклузивитет само за новинарите од „црните хроники“, туку за секој новинар и уредник, посебно за новинарите кои се дежурни во време на викенди и празници, кога по непишано правило, бројот на несреќи е зголемен, а новинарските екипи намалени.

 

Пишува: Саше Димовски

 

ФОТО: Крв на сите страни – ужасна глетка на местото каде загинаа петте млади скопјани

 

ВИДЕО: Од луксузното БМВ не остана ништо – страшни кадри од сообраќајката кај Рампа

 

ФОТО: Крв на ѕидовите – пет момчиња загинааа во центарот на Скопје


Несреќите не бираат ни време ни место. Ниту, пак, кој новинар би можел да се затекне на лице место или кој прв ќе ја објави информацијата. Затоа, сите новинари мора да знаат што можат да објават како видео или фотографија, од овие, најчесто, трагични настани.

Несреќите и прашањата врзани за нив не се ексклузивитет само за новинарите од „црните хроники“, туку за секој новинар и уредник, посебно за новинарите кои се дежурни во време на викенди и празници, кога по непишано правило, бројот на несреќи е зголемен, а новинарските екипи намалени. Во таков сооднос, кога секој новинар буквално „покрива“ сѐ што ќе се случи на дежурство, неколку совети на оваа тема можат да бидат многу корисни.

Препорачливо е сите новинари, доколку имаат услови редакциите за тоа, да поминат одредена обука за справување со кризни ситуации, независно во која рубрика работат: дали е политичка, културна, црна хроника или спорт.

 

Во итни ситуации било кој новинар може да се случи да покрива кризни ситуации

 

Следниве примери покажуваат дека веста ќе ја објави новинар кој ќе се најде на лице место независно од секторската поделеност во редакцијата: во 1995 година на трети октомври, екипа на Македонската телевизија, која се наоѓала во Музејот на Град Скопје (од културна редакција) ги направила првите снимкии од атентатот врз Претседателот Киро Глигоров.

Во 2004 година, за загинувањето на претседателот Борис Трајковски, извештаите од Мостар ги испрати новинарка на државната агенција МИА, која, како известувач што покрива економски теми, беше на конференција во БиХ.

Но, тоа што треба да го знаат сите новинари, независно која им е главната преокупација во рамки на редакцијата е дека:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. (Точка 8 од Кодексот на новинарите на Македонија)

Но, дали е така?

Напливот на новите медиуми, пред сѐ, веб порталите и електронските медиуми, како и принципот на копирање на веста пласирана на некој конкурентски медиум, со комплетната опрема – од наслов до фотографија, доведе до еден загрижувачки тренд: се преземаат и се пренесуваат фотографии и видеа чија содржина не може да биде објавена таква каква што е снимена или фотографирана.

Насловите со кои почнува оваа новинарска лекција покажуваат дека написите не само што не се ослободени од сензационализам, туку уште во самите наслови на читателот му се нуди „додаток“ видео или фотографии кои треба да ја илустрираат страшната сообраќајна несреќа.

 

Местото на шокантните информации

 

Не размислувајќи дека е доволно шокантна и самата вест, па евентуалните фотографии новинарите во овие примери користат и дообјаснувања дека имало „крв на сите страни“, како и тоа дека „собраќајката е страшна“. Дополнително се нудат и фотографии од тоа што останало од возилото, во кое загинале сите патници.

Но, она што најмногу загрижува е оваа реченица објавена на веб порталите, веднаш по дознавањето дека е случена сообраќајна несреќа, во центарот на Скопје:

„Поради лошата слика полицијата не дозволува фотографирање на самото место на несреќата“.

Што сакал новинарот да ни пренесе со оваа реченица? Дали ако полицијата им дозволела фотографирање на местото на несреќата и покрај „лошата слика“ во медиумот ќе беа пласирани фотографиите на загинатите во несреќата? Кои, патем, биле до толку згмечени во автомобилот, па за нивното извлекување била повикана противпожарната единица, а извлекувањето траело подолго време.

Токму тука е најголемата одговорност на новинарите и на медиумите. Како да направат правилен избор на фотографии и видео материјали, каде што, и покрај целото брзање да се објави веста, мора внимателно да се направи селекција, за да не се шокира публиката која седната пред телевизор или на интернет ќе дојде во контакт со шокантни, вознемирувачки фотографии. Во конкретниот случај полицијата не дозволила фотографирање, но медиумите можат да се затекнат на места на несреќи уште пред да дојде увидната екипа, па затоа материјалот кој ќе го снимат или фотографираат треба да го користат во таква форма на која нема да се гледаат мртви тела, крв или делови од тела, што ќе ја вознемират публиката.

Советот за радиодифузија врши надзор над електронските медиуми кои се должни пред емитувањето да ја означат категоризацијата на материјалот, додека печатените медиуми и веб порталите немаат надзор, што ги прави уште поодговорни при објавувањето на фотографии.

Често, за илустрација на вестите се користат фотографии преземени од интернет на кои се прикажани крвав нож или скршено стакло од автомобил на кое се гледа крв, со што, иако фотографиите не се однесуваат на конкретниот настан, повторно побудуваат негативни коментари кај конзументите.

Секако, го нагласуваат и прашањето за етичките норми и однесувањето на медиумите.

 

Кој се затекне на лице место – тој известува

 

Несреќите можат да бидат природни или елементарни непогоди: земјотреси, поплави, лизгања на земјишта, но и предизвикани од човек: разни сообраќајни несреќи, убиства, пожари. Бидејќи не можат да се предвидат, да се планираат или да се одложи информацијата за нив, за медиумите постои сериозна опасност да бидат фатени неподготвени и на тој начин, во брзањето да направат сериозни грешки.

Прво, во таква ситуација, никој не знае, кој новинар може да се затекне на лице место или која екипа прва ќе отиде да ја регистрира несреќата. Не само во македонски услови, туку тоа се случува насекаде – веста да ја пласира оној кој се затекнал на местото на несреќата или оној кој прв пристигнал, а подоцна за настанот да пишува или известува новинар, кој работи во рубриката Црна хроника или има поминато одредена обука за известување во такви случаи.

Затоа, известувањето во случаи на несреќи од било кој вид, се сериозен професионален тест за сите новинари и уредници кои треба да направат брза и вистинска проценка што да објават како фотографија или снимка, а со тоа да не ги повредат етичките правила и да не ја вознемират публиката. Секако, тоа би било посебно опасно ако не се означи декасе емитуваат вознемирувачки видеа или фотографии несоодветни за малолетна публика или за луѓе кои имаат здравствени проблеми.

Во ерата на компјутеризација и пристап до интернет и до социјалните мрежи, сериозно се наметнува прашањето како да се заштити публиката која може да дојде веднаш во контакт со вознемирувачки фотографии на кои е прикажана крв, тешки сообраќајни несреќи, видеа од пожари, поплави, земјотреси, фотографии на мртви или тешко ранети лица.

Цитираниот новинарски кодекс предвидува и дека новинарите се

„должни да ги почитуваат личната болка и жалост, па не се препорачува во прв момент да објавуваат целосен идентитет на жртвите, во ситуација кога семејствата на настраданите се уште не се официјално известени.“

Не е мал бројот на примери каде што семејствата од медиумите дознале дека настрадал нивни близок или на телевизија го препознале возилото на блиски роднини кое учествувало во сообраќајна несреќа.

Затоа, новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, пишува во Кодексот на новинарите. Идентитет на жртви, добиен на лице место од увидни екипи, истражни органи или други учесници во преткривичната постапка, би можеле да се објават како исклучок од претходното правило само доколку се работи за јавни личности или државни функционери, каде што постои огромен јавен интерес, а јавноста очекува точни и навремени информации.

 

Како се постапува при известување од кризна ситуација

 

Затоа, кога ќе ја добиете информацијата за случена несреќа, прво што треба да направите е:

  • веднаш да се упатите на местото на настанот;
  • да барате редакцијата, или одредени колеги за вас да проверуваат податоци во полиција, брза помош, противпожарна служба за каква несреќа се работи, за да имате претстава што можете да затекнете на лице место;
  • да бидете психички подготвени да видите и најморбидни сцени, но кога ќе го пишувате извештајот не смеете тоа што вие сте го виделе и од кое сте останале скаменет, да им го пренесете на конзументите во прв момент со паничење, плачење или неконтролирано движење. Посебно не смеете да гестикулирате и да ги оддавате вашите емоции ако имате телевизииско вклучување во живо, преку линк;
  • мора да изберете соодветни зборови кои ќе ја опишуваат грозната, морничава и мрачна сцена на која сте налетале;
  • ако сте телевизиски новинар, одберете снимките да говорат место вас, а вие не оптоварувајте го извештајот со непотребни квалификации за тоа колку било страшно или дека насекаде има крв или делови од човечки тела;
  • потрудете се да обезбедите изјави од очевидци;
  • во прв момент не шпекулирајте со можните причини за настанување на несреќата (возеле пребрзо или биле под дејство на алкохол) бидејќи на тој начин го прекршувате правото на презумпција на невиност;
  • не давајте квалификации за здравствената состојба на предизвикувачот на несреќата (на пример: соседите тврдат дека потпалувачот имал душевно растројство и се лекувал во Бардовци);
  • потрудете се да стапите во контакт со лицата кои го вршат увидот, полиција, истражен судија и јавен обвинител и од нив извлечете колку што можете повеќе информации за настанот;
  • секогаш почитувајте ги наредбите на тимот кој врши обезбедување на местото на настанот. Бидете внимателни и не влегувајте во зоната каде што се случила несреќата, бидејќи може да уништите важни докази;
  • увидните екипи немаат право да ве спречат во вршење на вашата функција, но имаат право да го ограничат пристапот до лице место и да определат снимањето или фотографирањето да се одвива од пристојна далечина.

Доколку во текот на известувањата ви се провлекла некоја грешка, потрудете се да ја исправите со тоа што ќе ја објавите официјалната информација, за тоа која е причина за несреќата. Дали за сообраќајката причина е преголемата брзина или можеби дефект на автомобилот или дали извесниот пожар бил подметнат или настанал како последица на неисправна инсталација.

Притоа, во известувањата од несреќи, никогаш не користете термини, „ексклузивно“ или „дознаваме“, бидејќи тука се крие најголемата замка да згрешите. За несреќите не објавувајте нешто што сте го дознале неофицијално доколку немате начин да го проверите барем од уште еден извор.

На ваков начин, ако се придржувате до етичките правила, ќе ја одбегнете замката да направите грешка известувајќи за несреќите.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести