verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонија и руската пропаганда: „Турски тек“ заменет со бегалската криза

on 19 - 07 - 2015       
Кој за што, Јелена Гускова за црни сценарија во и околу Македонија. Фото: Webtribune
Кој за што, Eлена Гускова за црни сценарија во и околу Македонија. Фото: Webtribune

 

Москва кон Скопје применува „штедлива пропаганда“ – само го проширува ареалот на користење на името на нивниот академик Елена Гускова, односно прави место во веќе воспоставеното „словенско братство“ – по Белград и Бања Лука, добивме и ние столче во тој клуб. И користењето на медиумите во тие операции е слично – текстовите примарно се пласираат во угледни руски медиуми, по можност различни, а потоа кај нас се користи еден „бомбардер“: агенција СРНА, „Руска реч“, некој друга агенција…

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

На нашава земја од страна на Москва постојано ѝ се нудат одредени црни сценарија. До неодамна, пред недела-две, додека Русија и самата не се откажа од т.н. „Турски тек“, земјава се ставаше во контекст на новиот Мајдан, американското сценарио за наводно рушење на екипата на Груевски по украински терк. Врската за таквото сценарио во руската пропагандна машинерија беше неодамна дојдената Викторија Нуланд, а мотивот за руската страна беше гасоводот „Турски тек“. Споменатата „цевка“, која ја ставаше земјава во погодна позиција и од што таа несомнено би имала развојна полза од голем маштаб, го стави премиерот Груевски во улога на најважен одбранбен играч во тимот на „Газпром“, па тој требаше да се одбрани од какви било напади врз неговиот лик и дело, барем од аспект на рускиот монопол за извоз на природен гас.

 

ВШМУКУВАЧКА И ОТШМУКУВАЧКА ИНКА

Како се користат медиумите во вакви ситуации, особено кога пропагандата е насочена кон надвор? Што треба да знаат младите новинари?

Најпрвин, младите журналисти треба да знаат дека целиот тој механизам, разбирливо, се раководи како и секоја пропагандна операција од еден штаб; постои концентрација во еден „неприкосновен извор“ на сознанија или аналитика (вшмукувачка инка), а само, по можност, се менуваат весниците преку кои се насочува вниманието на еден регион или земја со избор на тема (да ја наречеме – отшмукувачка инка). Разбирливо, однапред се знае кој ќе ги пренесе тие вести или сознанија, интервјуа или слично преку границата, при што се користи „дисперзивна инка“, која по минување на границата на веста или сознанието ја прави навидум обичната секојдневна новинарска работа во инструмент на насочена пропаганда.

Како и во случај со пропагандните активности на Москва кон Србија и кон Краина во Босна, и во нашиот случај се штеди на актери (тоа е моделот, инаку, да имате пред себе како консумент персона кон која главно нема многу да негувате скепса, односно на која ќе се навикнете како на личност која говори вистина), па во функција е еден ист авторитет кој ја води кампањата и кон нас, а доста пред тоа и кај словенските браќа на северот – академик Елена Гускова.

Таа многупати се занимавала со земјава, а текстовите до нас доаѓале преку пренос на прилози во српски медиуми или преку „Руска реч“, пропаганден прилог што го издаваат руските амбасади на Балканот (тој на македонски излегува како прилог во „Нова Македонија“). Таков беше случајот со текстот објавен пред митингот на опозицијата на 13 мај, кога Москва беше сериозно заплашена за судбината на Груевски кога Гускова одново прави споредба на просторот пред Илинденска со Мајдан.

 

СПОРЕДБА СО МАЈДАН

Гускова, која доаѓа од еден Славјански институт и која долги години е, како што напоменавме, присутна со свои прилози во Белград и во Бања Лука, не е личност која лесно се напушта. „Заштедата“ е видлива дури и кај промената на пропагандната матрица. Професор Гускова ја имаше и кај гасоводот како повод за осврти врз политичката криза во земјава и сега, кога над нас се надвиснува кризата со бегалците која, според Москва, нè води директно кон граѓанска војна која ќе биде испровоцирана во – Босна, а потоа ќе се прошири кон Санџак, Косово и кон Македонија.
Со оглед дека за старата ролја на Москва во политичката криза во земјава и за ставот на Русија, дури и по изјави на Путин и на Лавров, е доста пишувано и говорено, па и во „Проверка на факти“, само да укажеме на тоа дека споменатата академик Гускова не се откажа од Груевски дури и во времето кога самиот Груевски се посипуваше со пепел и неколку дена по неговиот митинг од 14 мај „се заврте кон Запад“ по враќањето од една посета на Брисел, а потоа и на Рим. Нема сомнеж дека овој „коперникански пресврт“ бил изнуден при неговите патувања во ЕУ, ама тоа за Москва беше непријатна вистина. Тука ја имаме Гускова во еден малку познат текст со кој „нè утешува“ дека нашиот премиер „морал така“, ама дека, белким, тој си е и понатаму нивен, гледано, пред сè, од аспект на економскиот интерес на Москва – гасоводот.

Текстот е објавен во кај нас малку познатиот весник „Ведомости“ и тоа несомнено е, исто така, убедлив избор, бидејќи дневниот медиум важи за руски „Волстрит џурнал“, односно за дневен весник со чисто педигре. Медиумот е само заинтересиран за иднината на гасоводот „Турски тек“, а Гускова е тука таа која ја објаснува малку пошироко позицијата на Македонија по споменатото интервју на Груевски, кое за Русија, секако, било шок! Објавено е на 27 мај, значи непосредно по вртењето на Груевски! Ова е особено важно – постои експресна реакција! Во текстот што кај нас одново е пренесен преку „Руска реч“ стои дека:

„Груевски суштински не го промени своето гледиште во однос на ‘Турски тек’, но е принуден да се прилагодува на оние кои му вршат притисок’, смета Елена Гускова, раководител на Центарот за проучување на современата балканска криза на Институтот за славистика на Руската академија на науки и академик на Српската академија на науки и уметности.“

Ова е само извадок од текстот што ја одразува линијата на задржување на интересот на Москва за екипата на Груевски, во кого тие веруваат дека е на нивна страна, место да ја прашаат опозицијата дали таа – да речеме – има инаков поглед кон „Турски тек“! Оцена е на Гускова дека Груевски морал да расчистува најнапред со Албанците во земјата и со внатрешната опозиција, а потоа ќе се фрлел кон економските теми и потези.

 

КАДЕ Е СЕГА ГАСОТ?

Но, без многу врева и без да се праша истиот извор од каде сега Македонија ќе се снабдува со гас кога Москва малку потоа ги прекинала преговорите со Анкара за цевководот, Гускова веднаш се префрлува на втората, сега наводна нова опасност која ѝ се заканува на земјата. Одново имаме иста личност – академик, исти „цевки“ (медиуми), ист метод (заплашување) и иста стратегија за одбрана на една политичка врхушка: безбедност наместо демократија и слобода. Она за што просечниот наш читател обично, често и со право, ги обвинува западните политичари, е дека не го гледаат долгорочниот интерес на македонскиот народ и неговата борба за демократски вредности, за сметка на краткотрајната потреба некои да го гарантираат внатрешниот мир (кај нас тоа е двоецот Груевски – Ахмети), сега тоа гледаме како го прави и Москва.

Академикот-историчарка „македонското прашање“ сега го става и во регионален концепт. Пак таа политика на „штедење“!

Имено, академик Гускова неодамна преку интервју кое го даде за агенцијата „Срна“ (босанска Краина), кое го пренесоа главно српски медиуми, а кај нас премиерно го пренесе „Макфакс“ „ја смени плочата“ и ни понуди црно сценарио наместо годишни одмори. Наместо да заминеме некаде на одмор во август, треба да трупаме во подрумите резерви од шеќер и од брашно!

 

СЕ ПОГОДУВААТ ПРЕДВИДЛИВИ РАБОТИ

Тука имаме еден нов „квалитет“ на пропагандата. Таа „погодува“ некои работи што ќе се случат, а кои се веројатни (да речеме не е тешко дека на фудбалски меч од висок напон некој од публиката ќе ја спомене мајката на судијата!) за дa ја стекне или потрајно придобие наклонетоста на читателот (гледачот). Тука имаме неколку познати, предвидливи елементи – унгарскиот ѕид ќе ги забави бегалците кои ги имаме и меѓу нас и чиј број ќе се зголеми. Веројатно е дека зголемениот број и забавеното движење кон Европа ќе ја зголеми нервозата во нивните редови и дека може да има инциденти.

Во практика веќе имаме таква „потврда“ – сега бенигниот инцидент во избегличкиот кампус во Визбегово (имитација на пожар), многу сериозниот инцидент во Сребреница на граница на линч, почеток на изградбата на ѕидот за спречување на влез на бегалците во Унгарија.

Повнимателна опсервација и на убиството на чешките туристи во Преказе, исто така, може да нè одведе на некоја поинаква трага.

Секако и апсењето на некои симпатизери на ИД во Приштина е доказ дека „Гускова е во право,“ но истовремено е и доказ дека некои сегменти од пропагандата се менуваат и не се сосема според црното сценарио – постои спречување, превенција или настаните се пренасочуваат (протест на невладиниот сектор во Будимпешта во однос на ѕидот, на пример), па не излегува сè како на филмот правен во „руската куќа“ (да се сетиме на насловот на шпионскиот трилер).

Еве и кај нас се демонтира „Мајданот“ – дојде до договор меѓу опозицијата и власта, кој го немаше во Киев, ако говориме за споредби.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести