verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Кој спие подолго – дописниците или цензорите?

on 14 - 06 - 2015       
По „главната“ вест за завршувањето на школската година и втората исто „главна“ вест“ за отворање на аква парк, се најде време да се извести и за преговорите во Брисел - во 5 часот попладне. Фото: скриншот
По „главната“ вест за завршувањето на школската година и втората, исто, „главна“ вест“ за отворање на аква-парк, се најде време да се извести и за преговорите во Брисел – во 5 часот попладне. Фото: скриншот

 

Што се случува во МТВ?, си го поставува прашањето гледачот кој очекува на 10 јуни наутро вест со најава за средбата во Брисел меѓу македонските политички лидери? Тоа е тема на денот, а во МТВ заслужи максимум 10 реченици. Дали клучните цензори во тој утрински час спијат, некаде се на пат или, едноставно, директивата е вестите од Брисел да се редуцираат за да се остави простор тие полесно да се модификуваат подоцна, во зависност од резултатите на самитот кај Хан?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

При пуштањето на телевизорот наутро, додека го поставувате првото кафе на ринглата, можеби размислувате за појадокот и пребарувате низ главата околу обврските за тој ден, неизоставно е нерасонетиот поглед да ви биде врзан и за вашиот електронски дружбеник, кој треба да ве воведе во информативниот свет. Кои се настаните на денот? Што треба да се случи кај нас и во светот токму на тој датум? На кој било канал да свртите и допрете некоја програма од регионот и од светот, вестите си имаат свое значајно место. Дури и онаму каде утринската програма се прави амбициозно, „шарено“ и со големи средства и со многу новинари, секогаш се задоволува најпрвин гладот по оние вести кои треба да следат тој ден, па се најавуваат со што повеќе детали и факти, за да нема повторувања на материјалите. Нели, кога веќе гледачот толку лесно може да избира од стотината канали на далечинскиот! За верување е, впрочем, дека дури и кај агенциите, на нивните портали, најпосетена е рубриката – денес кај нас и во светот. Кај државната агенција МИА, на пример, само таа рубрика ви е затворена утрината, ако не сте претплатник! Сосема е јасно зошто е тоа така.

 

РЕДУКЦИЈА ВО ИМЕ НА ПРОПАГАНДА

Македонската телевизија очевидно одамна раскрстила со основните правила на новинарството. Па, така, на 10 јуни, кога целата јавност во земјата ги имаше свртено погледите кон Брисел, од каде требаше да дојдат вести за разрешување на долготрајната политичка криза во земјата, централните утрински вести на МРТ во 9 часот само формално на преговорите меѓу големите македонски партии во европската престолнина им дадоа статус на прва вест.

Но, како?! Таа вест ја даде толку редуцирано, во одвај десет реченици, небаре се работи за преговори меѓу Катанга и Ангола. Во таа, колку да се каже вест, имаше две реченици со некоја индивидуализација, само за Заев (не може, нели, без него), дека тој не сакал да оди во Брисел, туку дека телефонски повик од еврокомесарот Хан го премислил. Секако, ако веќе одите во темата „сакал-не сакал“, ја отворате во основната вест, би требало да ја дополните со работи без кои таа не е комплетна за гледачите – имаше јавување и на првиот човек на ОБСЕ, која беше во врска со фактите што го налутија Заев, а секако дека во тој контекст е битна веста дека во понеделникот навечер на гости во СДСМ беа 17 амбасадори од западните земји! Оваа вест за „инвазијата“ на Бихаќка, пак, во нашите медиуми е речиси комплетно прескокната: колегите рано одат на спиење!

Секако, дури и како основна информација она што беше презентирано за настанот од Брисел, како најава, не би смеело да биде покуса од две-три минути. Само да нафрлиме за што сè можевме да бидеме информирани без посебен напор – каде ќе се одржи состанокот, кога ќе почне, во какви формации ќе настапат политичките лидери, дали е познат дневниот ред, дали има простор состанокот да продолжи следниот ден… да не набројуваме повеќе. Притоа, треба да се има предвид дека МТВ има свој дописник во Брисел – Марина Стојанова-Тонева. Тоа утро, секако, малку кој би се сетил дека некој ја зема својата плата да биде на линија во секое време од главниот белгиски град. А, оние кои сакаа да имаат некакво сознание повеќе, имаа што да кажат. „24 Вести“ објави, на пример, дека од Петровец летнале два авиони кон Брисел; во едниот била делегацијата на СДСМ, ДУИ и на ДПА, потоа амбасадорите Бејли и Орав, а во вториот Груевски и неговата свита. Ова е, секако, индикација барем за неколку работи. „Телма“, пак, преку прилог на Тања Милевска, имаше разговор со лидерот на опозицијата Зоран Заев во Брисел и тоа утро тоа беше ТВ-ексклузивитет.

 

ОД МАЛКУ ИНФОРМАЦИИ НЕ БОЛИ ГЛАВА

Прилогот што дописничката на МТВ од Брисел го испрати и кој беше презентиран во попладневните вести, поставен на веб-страницата во 17 часот, комплетно можел да оди и во 9 часот претпладне, бидејќи, ако се исфрли она дека состанокот почна и трае веќе пет часа, во него нема ништо ново. Истиот тој прилог, со слика од Брисел, макар и од улицата, секако би бил добар вовед во денот и по своето потсетување за значењето на настанот едноставно би го комплетирало сознанието дека средбата на нашите лидери кај Хан е вест на денот?!

Што се случува во МТВ? Човек по кој знае кој пат си го поставува прашањето! Дали клучните цензори во тој утрински час спијат, некаде се на пат или, едноставно, директивата е вестите од Брисел да се редуцираат, за да се остави простор тие полесно да се модификуваат подоцна, во зависност од резултатите на самитот кај Хан?

Секоја од овие причините држи, познавајќи ја практиката на МТВ последните девет години, ама можно е да имаме кумулативна причина: за секој случај од малку информации не боли глава, нели, или боли помалку од онаа, подолгата вест.

Впрочем, вестите во 9 часот не беа површни или онака, „бриф“. Имаше во нивната содржина поприлично количество пропаганда. Да речеме, веќе вториот прилог беше „сто и прво“ повторување на темата „Со нови мерки до нови вработувања“, која си има поприлична должина, како, да речеме, за некоја тематска емисија по економија. Барем пет минути се потрошија за тој наводен успех на екипата на Груевски, огромно време за телевизијата! Ја изнагледавме таа конструкција и претходните денови, и тоа од час во час, без никаков усул, а на 10 јуни, да не сме ја пропуштиле утрината или претходната недела, ја имавме и во попладневните и во вечерните вести. Во неа, меѓу другото, министерот за финансии, Зоран Ставревски, ни ги објаснува методите со кои Македонија – која во сите европски статистики е рекордер по бројот на невработени – ќе стане земја која само што не почнала да увезува работна сила. (Настрана што тоа не е негов ресор). Јасно е дека прилогот ниту по природата, ниту по фактот на бајатоста не е за „празен стомак“, ама веројатно ќе биде повторувана сè додека некој не ја научи напамет или не биде победен и последниот атом на скептицизмот кај гледачот.

 

САДЕТЕ СОЧОГЛЕД, ШТО ЌЕ ВИ СЕ ПРЕГОВОРИ

По овој прилог следуваше друг, многу сличен по мотивот, кој како да излегол од некои советски пропаганди филмови за совхозите. Темата е исплата на субвенции за земјоделците. Со оглед на времето на прикажување на прилогот, ќе си помислите дека, на пример, производителите на сончоглед тој ден во сите банки по 10 часот ќе можат да ги подигнат парите што им ги дава Министерството за земјоделство. Тоа би било единственото оправдување за таква вест во тие часови. Не, не е тоа! Имате општи фрази за тоа колку оваа власт дава за аграрот, придружени со слики од двоспратни автобуси по селата (оние кинеските на Јанкиески), уредени школи и многу, навистина многу куќи со базени пред себе! Дали да почнеме сите да садиме сончоглед е дилемата што ја предизвика сознанието (спојот на сликата и на тонот во прилогот) дека тие што го прават тоа, на пример, живеат како во Холивуд. Овие прилози секако треба да се сочуваат и да им се прикажуваат на идните генерации како пример за тоа како се прави пропаганда.

За тие што не ги следат утринските вести во 9 часот на МТВ, тие се по траењето кабасти, честопати со метереолошкиот извештај надминуваат и 20 минути. Во нив навистина може да се осмислат и дадат сериозно многу нови вести. Но, и тој ден, на вестите што ги „прераскажуваме“, нема да дознаете што треба да се случува на тој датум (седници во Собранието, неколку тркалезни маси на највисоко ниво, за енергетика и за социјала, на пример, не најдоа форма да се најават), а секако и во светот (средба меѓу шефовите на Латинска Америка и на Европа, папата го прима Путин), ама зошто да гледаат на тикерот, кога во МТВ само треба да бидат повторувачки маркетинг на владините служби.

Во тие вести видовме два прилози од странство – за заболување во Кореја и за насилство во Египет. Доволно за да го имаме тој ден чувството дека живееме во најсреќната и најбезбедна земја на светот.

Зошто воопшто би ни требале преговорите во Брисел?


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести