verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Јавните функционери имаaт и јавни годишни одмори, другите политичари се „отвораат“ по избор

on 19 - 08 - 2015       
Функционерскиот одмор и медиумите. Фото: СПФМ колаж
Функционерскиот одмор и медиумите. Фото: СПФМ-колаж

 

Постојат дузина причини зошто јавните функционери мора да кажуваат сè за своите одмори – со кого одат, каде престојуваат, кој тоа го плаќа, кој ја плаќа придружбата… Ако се плаќа од јавни пари, треба да се знае и есапот. Опозициските политичари имаат право на избор – дали ова прашање постојано ќе го претвораат во кавга со медиумите или во своја предност со отвореноста и со ликот кој ќе одберат да го продаваат на гласачкото тело?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

„Кабинетот на Претседателот соопштува дека Јосип Броз Тито ќе замине на кус еднонеделен одмор на Бриони од 25 март, по совет на лекарите. За тоа време тој редовно ќе ги извршува своите должности.“

Ова е вообичаено, рутинско соопштение што го даваше администрацијата на човекот кој и не мораше редовно да полага сметка на народот каде и со кого оди, но тоа го правеше, секогаш поаѓајќи од тоа дека се работи за чиста облигација на политичарот со народот: каде летува, колку ќе се задржи, какво е неговото здравје. Југословените знаеја дали лови на Караѓорѓево, го „капат во кал“ искусни терапевти во Херцег Нови или едноставно е во големиот комплекс за одмор на истарскиот остров Ванга, чија клима по истражувања од времето на Австро-Унгарија покажувашe дека тоа е местото со најстабилна клима во Европа.

 

МОДЕЛОТ НА МЕРКЕЛ

Во тоа Тито не беше осамен. Американскиот народ секогаш знае кога претседателот Обама, на пример, заминува од Белата куќа, од неговата редовна адреса и каде оди, особено ако го носи со себе семејството и тоа треба да значи дека влегува во зоната на релаксацијата. Секако е битно и тоа со какво средство за патување заминал, каде ги троши парите на даночните обврзници, дали дал предност на некое домашно летувалиште и слично.

На ова внимаваше канцеларката Меркел кога годинава замина на нешто што би го нарекле продолжен викенд (види овде), што кај нас медиумите како вест го прескокнаа, па го преземаме од медиум од регионот. Помладите колеги секако би се сетиле дека неполагањето внимание на оваа вест е само за таа да не се претвори во притисок овој манир на одморање да стане облигаторно однесување за нашите политичари!

Битно за таа вест е колку дена најмоќната жена на планетата, како што ја нарекуваат, ќе биде на ваканција, дека оди со сопругот, се кажува во кој хотел престојува (ова значи дека може да се провери како и што трошела и кој ја платил сметката!), што ќе посети патем и дека „не предвидува контакти со медиумите“, што претставува учтива замолница да биде оставена на раат, барем за малку.

Во оваа вест за одморот на канцеларката, може да се прочита дека папараците не ја оставиле сосема на мира, но според медиумскиот советник Михаел Шпренг, тие фотографии се „чисто злато“ за секои следни избори: ја прикажуваат како обична жена, која штеди (не оди во екслузивни одморалишта), сака да биде непосредна (контактира со обичниот народ), јаде и пие исто што и плебсот (германски колбаси со сенф со локално пиво, седејќи на дрвени клупи) и не дозволува никој со ништо да ја корумпира, бидејќи сметката ја платила со својата кредитна картичка, по редовна цена. Не беше забележливо силно обезбедување околу неа, напротив, има фотографии каде таа е сосема сама, во нејзината едноставна, спортска облека се шета по планинските села!

 

НЕМА ТАЈНИ ВО КОСТУМОТ НА ПОЛИТИЧАРОТ

Прашањето на тоа каде политичарот го минува одморот не е прашање на негова интима, бидејќи одбрал професија која претпоставува дека нема тајни – тој ја отфрлил потребата да биде приватна личност и ја облекол униформата на јавна личност. Ова особено важи за летувањата, не затоа што тие се интересни од аспект на фактот што тој период обично значи можност да ги видиме политичарите од понеобичен ракурс, да ја видиме нивната неофицијалност, која е, белким, поинтересна за јавноста, од она што читателите (гледачите) го знаат преку настапите на политичарите, туку заради тоа што годишните одмори се секогаш една од формите преку која секој секого корумпира и тоа релативно полесно се реализира во некој хотел отколку ако имаме некакви банкарски трансакции.

Бугарскиот агент и, ај, да речеме новинар, Велизар Енчев, на крајот на мај раскажуваше пред камерите дека сите оние кои работеле за бугарската државна безбедност однадвор биле наградувани, вообичаено, со платени семејни одмори на Златни песоци, а тука влегуваат освен политичарите и новинарите, секако, бидејќи и тие се изложувани на оваа форма на корупција!
Да потсетиме дека пред малку повеќе од три години германскиот претседател Кристијан Вулф поднесе отставка бидејќи дозволил човек од филмската индустрија, извесен Давид Гроневолд, да му го плати годишниот одмор. Всушност, сè почна кога беше откриено дека билетот за авион не бил платен од џебот на претседателот.

Транзиционите политичари кај нас кон прашањето на одморите немаа конзистентен однос. Тоа осцилираше, во зависност од процената на политичарот – познато е на пример дека покојниот претседател Трајковски беше на одмор на Бриони на покана на својот колега Месиќ или дека Бранко Црвенковски, како премиер, најчесто одморот го минуваше во вилата „Билјана“ на Охридско Езеро, со по некоја вечера во Трпејца. Доста контраверзи имаше посетата на двоецот Љубчо Георгиевски-Васил Тупурковски на некои објекти и на јахти на Порто Карас. Овие помладиве политичари главно и кон пријателските медиуми се измолкнуваат да определат кога и каде ќе одат одмор, освен можеби она – со кого…

 

ДВА МОДЕЛИ

Гледано генерално, постоеја два модели по кои актуелните владини политичари се однесуваа кон ова прашање.

На крајот на минатата деценија (2009), го видовме првиот и краткотрајниот, кога некои од нив како да добија некаков „меркеловски“ инстинкт за ова прашање. Таквите прилози за годишните одмори одеа во дневниот весник „Вест“, кој привремено заработи епитет „дворски“ – текстовите за одморот имаа ексклузива во објавувањето (не беа достапни секому како редакција), а за возврат имаше договорна форма за тоа како, што и колку ќе се објави. Тоа лето министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска објави и даде (свои) фотографии како со сопругот била на одмор на езерото Лох Нес, а по некаква коинциденција Зоран Ставревски, исто така, објави дека неговата сопруга била битен фактор при неговото последно летување, кога авионот доцнел, а таа (сопругата Антоанета) со својата смисла за организација, успеала да ги смести патниците во пристојно преноќувалиште („Интерконтинентал“ во Загреб).

Ова можеше да биде некаков договор меѓу одреден медиум (медиуми) и власта во профилирање на „човечкиот лик“, по добиените избори во 2009 година (локални и претседателски), како пропагандна политика на долг рок. Значи, би требало да речат некои – можело и така.

 

ЕГЕЈСКИОТ ПРОБЛЕМ

Ама тоа траеше кратко, за да биде прифатено како правило, заради фактот дека официјалниот владин став подолго време лиферуван до своите активисти, беше тие да ги убедуваат соседите, пријателите и така натаму да не одат во Грција. И тука пукна тиквата – се отвори простор токму медиумите да покажуваат дека народот можеби требаше да го одбегнува Егејот, ама не и оние кои тоа го проповедаа.
Веќе станаа легендарни вестите за Силвана Бонева од 2011 година, а особено фотографиите. Секако дека не беше во прашање естетиката на тој чин (политичарите, сепак, не го „продаваат“ своето тело и тука треба да има разбирање од медиумите) колку онаа поповската – не гледај што правам, слушај што зборувам, во однос на невидливата „економска војна“ која требаше да ги промени грчките политички ставови кон прашањето на името.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, притоа кон ова пријде порелаксирано – не се криеше, дури ниту телото, напротив, покажуваше спортски дух и рече дека традиционално летува во Грција на притисок од сопругата и од ќерката.

Но, очигледно е дека влезот во последната деценија, поради сопственото кршење на „ембаргото“, владините функционери го дочекаа со ново фрлање на својот одмор во „црна темница“. Се враќаа исончани, а каде добиле толку витамин Д не можеше да се одговори. Лицемерно, секако, особено ако одговорот реално беше – во Грција.

 

БУЈРУМ ПРИЛИКИ

При сето ова клучното прашање секое лето во оваа земја е: каде летува премиерот? Ова беше тоа прашање на кое никој не доби милион долари кај нас, сè до лани, веројатно и под притисок на јавноста, кога беше објавено дека премиерот летува 10 дена во Турција, на покана на Ердоган. Но, новинарите избројаа дузина телохранители и остана нејасно прашањето – кој ја плаќа толкавата придружба кога формално семејството на Груевски има веројатно гратис „бујрум“. Но, дали некој се сеќава на одморите на премиерот од претходните години? Или на годините кога Груевски беше опозиционер? Или, пак, претходно – кога беше важен министер кого го обвинуваа за блиски врски со Грците (случај ОКТА)… Пост фестум се дозна дека Израел, на пример, бил негова омилена дестинација (ама тајна), а дека и годинава, поради аферата со очилата, се дозна дека престојувал во близина на Тел Авив. Можно е, секако, заради околностите во кои се одвиваше одморот, односно фотографиите од него, да се намерно предадени на весниците од некој од неговото опкружување, бидејќи тие (да не беа тие очила, што сега не ги носи) беа порака: еве колку ми е важен договорот од Пржино…

И кога премиерот оди на кус одмор – да речеме до Дојран, не знаеме каде спие, дали е во приватна или службена посета… Плаќа од џебот или има спонзор, сеедно дали е во Дојран или Бодрум, имаме право да го знаеме тоа.

Искуствата на општествата со релевантни и подолговечни политички проекти зад себе говорат дека годишните одмори на функционерите се важна, а обично сокриена, ставка за буџетот или дека се тоа „точки“ каде се топат многу личности, па токму на одморите се дозволува некои или некој да биде галантен кон вршителот на јавна функција. Одморите и патувањата се можност да се собираат евентуални провизии од зделки, тие да се препакуваат или да се менува банката и сметката… Значи, тоа не е работа која е дозволено да се скрие, туку мора да се знае сè, за тоа и да може веднаш или подоцна да биде проверено (од медиуми, истраги, комисии). Ако тоа не се прави, постои основа за сомневање дека зад одморот може да се крие и некаква зделка или пријателство за кое не се знае или тоа поинаку се толкува. (Да не заборавиме колку наши бизнисмени во последните две децении купија јахти, ги лоцираа на Егејот, а не знаат да пливаат?) Премиерот на Хрватска, Милановиќ, лани јавно објави каде одмора, дека сето го плаќа од свој џеб, ама му беше забележано дека летува со бизнисмен кој му е навистина многу стар пријател, постар и од политичката кариера на првиот социјалдемократ, но, сепак, бизнисмен кој може да „измолзе“ некаква привилегија за фирмата од таа заедничка дружба со душеците и со брановите!

Прашањето дали новинарите треба да се интересираат за одморот на јавните функционери е поврзано со одговорот дека тоа секако треба да го прават. Кај опозициските политичари ова е прашање на избор – тие не вршат јавна функција и не го оштетуваат буџетот, ниту во мигот можат да дадат некому привилегија, па се претпоставува дека од тој аспект, слободно одлучуваат каде, како и со кого ќе се одмораат. Но, изборот секако е во тоа дека тие, сепак, се „продаваат“ себеси на политичкиот пазар и мора да внимаваат дали околу себе ќе градат само ѕидови или ќе сакаат да создаваат слика која е прифатлива за една или друга социјална група.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести