verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Граѓанско новинарство – Во потрага по изгубениот рај

on 20 - 01 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Граѓанско новинарство – од секаде и од секој оној кој има желба за тоа. Блогирање во живо за време на претседателските дебати на изборите во САД. Фото: Digital Journal

Граѓанско новинарство – од секаде и од секој оној кој има желба за тоа. Фото: Digital Journal

 

Од онаа страна на „црвените линии“ на традиционалното, корпоративно и партизирано новинарство е јавноста и граѓаните кои, доколку се осмелат да ги направат првите чекори во партиципирањето во демократијата, во овој случај и низ медиумите ќе докажат дека јавноста е многу повеќе од пазар за информации. Застапувајки го овој принцип, граѓанското новинарство ги претвора читателите, гледачите и слушателите како членови на заедницата, а не како потрошувачи.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Не е случајно што потрагата по изгубениот новинарски рај започнува денес. Довербата во актуелната новинарска пракса во Република Македонија е на најниско ниво од 2006 година наваму. Според истражувањето за довербата на граѓаните во луѓето и институциите во 2013 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка, на медиумите им веруваат само 37,4 отсто од граѓаните. Овој процент е резултат на постојано опаѓање на довербата на новинарството од 2006 година, кога на новинарите им верувале 56,7 проценти од граѓаните.

Оваа ерозија на довербата ги подрива темелните принципи за улогата на новинарството во едно демократско општество. Ако новинарството ја губи јавноста и со тоа неговата доверба како заштитник на јавниот интерес, се доведува во прашање целокупниот  концепт на оваа дејност, а уставните определби за слобода на изразувањето и на медиумите стануваат празни декларации.

Заради оваа ситуација време е во Република Македонија да се освојува простор за нешто што се нарекува граѓанско новинарство (civic journalism), некаде нарекувано и партиципативно новинарство, и медиуми на заедницата (community media).

Веднаш да кажеме дека граѓанското новинарство не го исклучува, ниту, пак, е алтернатива на традиционалниот концепт на новинарството омеѓено од квадратурата што се исцртува со настан-новинар-уредник-содржина.

Една од целите на граѓанското новинарство е да создаде нова димензија во релацијата граѓани и медиуми. Овој концепт започнува од одамна заборавените позиции на новинарството дека тоа ја има темелната одговорност во градењето и зајакнувањето на граѓанската култура. Да се стои настрана, како некој неутрален набљудувач, веќе не е можно, иако некои новинари од забеганото новинарство, го посакуваат тоа.

Граѓанското новинарство е создавање и одржување на врските меѓу новинарите и заедницата, меѓу новинарството и граѓанството. Граѓанското новинарство ја поттикнува јавната дебата и ја поттикнува и зајакнува граѓанската култура кога станува збор за целите на новинарството и за неговата главна улога во реанимацијата на снеможената јавност.

 

Новинарство во име на граѓаните

 

Поттикнувањето и зајакнувањето на граѓанската култура со активности кои треба да ги обноват врските на граѓаните со нивните заедници, со „вовлекување“ во политичките процеси и во процесите од интерес за нивната непосредна заедница, како и постојаното потсетување дека општествениот систем, структурата на општеството, е јавнa сопственост – е во срцето на граѓанското новинарство.

Ова налага редефинирање на односот меѓу новинарството и политиката.

Резултатите од истражувањата на довербата на граѓаните во институциите во Република Македонија укажуваат на тоа дека граѓаните на медиумското известување за политичките процеси во земјата гледаат како на игра на новинарите и политичарите во која јавноста е исклучена.

Не треба да се пренебрегне дека известувањето за политиката е арената во која е родено граѓанското новинарство. И покрај големата разновидност на темите што ги покрива, граѓанското новинарство секогаш ќе се навраќа на политичкото новинарство како на откровение и како на појдовна точка на поврзаноста на граѓаните и на политиката.

 

И големите новинарски куќи ги забележуваат придобивките од граѓанското новинарство: „Видете и известете. Бидете граѓанин репортер“ – промоција за граѓанското новинарство на Си-Ен-ЕН. Фото: rsambrook

И големите новинарски куќи ги забележуваат придобивките од граѓанското новинарство: „Видете и известете. Бидете граѓанин репортер“ – промоција за граѓанското новинарство на Си-Ен-ЕН. Фото: rsambrook

 

Затоа, постојаното усовршување на медиумското известување за политиката е важен, прв чекор, во поврзувањето и во меѓусебната доверба меѓу новинарските институции и јавната сфера. Работата на политичарите, нивните активности за време на мандатот што им е отстапен од граѓаните во име на граѓаните, не е „нивна работа“, туку активност од интерес на медиумите и во интерес на граѓаните. Треба да се верува дека ревитализацијата на граѓанската култура ќе го поттикне новинарството да ја врши својата основна задача – да настојува транспарентност во креирањето и спроведувањето на јавните политики. Со сиот ризик дека ќе искажеме една бласфемија во однос на принципите на доброто новинарство, сепак, време е да се соопшти дека за некои прашања новинарството веќе не може да ја има удобната позиција на – неутралност. Таа позиција е погрешна кога станува збор за тоа дали граѓаните треба да партиципираат во креирањето и спроведувањето на јавните политики, тогаш кога треба да се поддржи учеството на граѓаните во дебатите од јавен интерес, тогаш кога заедницата се соочува со проблеми, тогаш кога политиките не одат во насоката која била ветена, тогаш кога од граѓаните се барал нивниот изборен глас…

Напуштањето на удобната позиција на неутралност не значи дека новинарите заземаат одредена страна во политичките прашања од интерес на заедницата. Не е поента дека напуштањето на неутралноста треба да ги декларира новинарите како застапници на политички партии или на нивни кандидати. Многу повеќе, тоа значи активно охрабрување на граѓаните да се вклучат во јавните дебати, да инсистираат да ги има тие дебати. И уште многу повеќе: инсистирање на јавен простор каде што информациите што се споделуваат, дебатите што се водат, ќе се трансформираат во акција.

 

Преку црвените линии: Кога се  живее во заедница

 

Една од важните функции на граѓански одговорното новинарство, на медиумите на заедницата, е да ги „преминуваат црвените линии“ на традиционалните медиуми, да ги согледуваат заедниците како заокружен ентитет и да употребат колку што е можно повеќе медиуми и медиумски алатки за да ги адресираат темите и проблемите на заедницата.

Да замислиме едно такво „преминување на црвените линии“: да го земеме загадувањето на воздухот во Скопје. Зошто не би било можно да се формира една привремена коалиција на граѓани, граѓански здруженија, медиуми, засегнатите компании што испуштаат штетни гасови, локалната самоуправа и политичките партии, за да се реализира проект за откривање на причинителот на загадувањето и за изнаоѓање решение за овој проблем? Зар не е тоа ултимативна потреба на граѓаните на Скопје, како и решение за здравјето на сегашните и идните жители на градот? Зар не е тоа идеја која е пример за партиципативна, непосредна демократска акција врз основа на консензусот за врвниот примат на јавниот интерес?

Но, не само хипотетички, и во нашата медиумска пракса имаме искуства со медиуми на заедниците. И тоа позитивни искуства. Радио МОФ  е медиум на заедницата. На младинската заедница. Акцијата на Младинскиот образовен форум и на Радио МОФ кога се донесуваше Законот за млади даде резултати.

 

Веб сајтот на МОФ

Веб сајтот на МОФ

 

Воопшто, некои од младинските и студентските заедници во Република Македонија е јадрото на добрите искуства на медиуми на заедниците и на партиципативно новинарство зашто поголем дел од новинарите во овие медиуми се активисти кои волонтерски создаваат новинарски содржини за нивните медиуми. („Излез“)

Од онаа страна на „црвените линии“ на традиционалното, корпоративно и партизирано новинарство е јавноста и граѓаните кои, доколку се осмелат да ги направат првите чекори во партиципирањето во демократијата, во овој случај и низ медиумите ќе докажат дека јавноста е многу повеќе од пазар за информации. Застапувајки го овој принцип, граѓанското новинарство ги претвора читателите, гледачите и слушателите како членови на заедницата, а не како потрошувачи. Кога медиумите на заедницата ги дистрибуираат информациите за проблемите на граѓаните, со тие проблеми ги соочуваат оние што треба да ги решат, барајќи решенија низ аргументирани дебати.

 

На скалилата на граѓанското новинарство

 

Кај нас граѓанското новинарство е сѐ уште медиумски концепт со многу нејасни контури за негова практична примена, но, можностите на новите дигитални технологии и мобилни платофрми фрлаат силна светлина врз потенцијалите што се кријат во можноста публиката непосредно да учествува во медиумските содржини и да стане сериозен избор во информирањето на граѓаните.

Во земјава сѐ уште нема доволно знаење и волја да се ослободи повеќе простор за една нова граѓанска медиумска партиципација која нема да биде низ формата „писма на читателите“ или он-лајн коментари кои сѐ повеќе ги запоседнуваат троловите на интернет. Но, тоа не треба да биде пречка да укажеме на формите низ кои досега, во некои други средини, се практицира граѓанското новинарство, како и некои други медиумски платформи што можат да бидат многу плодна средина како медиуми на заедниците.

Она што е битно да се има на ум кога е во прашање концептот на еден граѓански ориентиран медиум, создаден од нив – граѓаните, е дека, покрај заедничките принципи на граѓанскиот журнализам, формата на медиумот се определува од карактеристиките на секоја заедница одделно.

 

Граѓанското новинарство во Сирија. Карикатура: Калид Албаих

Граѓанското новинарство во Сирија. Карикатура: Калид Албаих

 

Во презентацијата на скалилата на формите на граѓанското новинарство со големи чекори ќе ги прескокнеме писмата на читателите, коментарите на интернет, досега познатите форуми за дебати и ќе опишеме некои кај кои се препознава поголема непосредна партиципација на граѓаните:

 

1. Граѓанско новинарство со отворен пристап (open source media)

 

Ова е една од базичните форми на граѓанско новинарство каде што во поголема мерка доаѓа до израз пратиципацијата, учеството на граѓаните. Не е применлива за една постојана новинарска пракса и најдобро е да се користи одвреме навреме кога тоа го дозволува новинарската сторија.

Оваа форма најчесто подразбира соработка меѓу професионалните новинари и граѓаните во подготовката, но и во завршната фаза на реализација на сторијата. Еве како би изгледало во пракса: На почетокот новинарите ја најавуваат својата сторија. Да претпоставиме дека сторијата треба да извлече одговори од познати личности што одлучуваат за заедницата, за граѓаните. Од нив, од граѓаните, се бара да партиципираат со прашања или насоки кои од изворите треба да ги извлечат најважните одговори, суштествени за граѓаните. Се избираат најдобрите и потоа им се приоѓа на изворите.

Посебен кредит за овој начин на прибирање информации се добива кога ќе ги известите официјални личности, политичари и други јавни личности што донесуваат одлуки во име на граѓаните, дека токму тие се авторите на прашањата што ќе им ги поставите. Тоа (би требало) предизвикува поголема одговорност кај претставниците на локалната власт или бизнис заедницата.

Некои медиуми што практицираат ваков начин на партиципациско новинарство одат уште еден чекор понатаму и пред да ја објават, им ја ставаат на увид сторијата на граѓаните што учествувале во нејзината подготовка. Ако новинарот и уредникот видат дека има добри сугестии за дотерувањето на сторијата во оваа фаза, или ако нешто недостасува, ги внесуваат тие промени и сторијата се објавува.

Стимулирачки делува кај овој тип новинарски стории во објавената верзија да се обележат деловите што се резултат на учеството на граѓаните. Тоа им дава дополнителен поттик на граѓаните кои сѐ уште се скептици дека можат да учествуваат и на овој начин во креирањето на политиките во својата заедница.

 

2. Да им ја вратиме блог културата на граѓаните

 

Иако блог културата во Република Македонија имаше сериозен прогрес во одреден период, заради недоволно развиената граѓанска навика за автохтона медиумска партципација, блоговите, во најголема мерка, не стигнаа до фазата да се етаблираат како влијателна медиумска сфера.

Можеби е време да се вратат на сцената.

Искуствата покажуваат дека блоговите, личните интернет страници, доколку се организираат во име на одредена граѓанска акција, можат да играат значајна улога во создавањето на средина од која ќе се црпат сериозни идеи и податоци и од која, во поголема мерка, ќе може да се почувствува пулсот на заедницата.

Она што е важно, за да не се рстураат енергиите, што и во најдобрите времиња беше недостаток на комуникацијата преку блоговите, е блогерите да се организираат во блог заедници. Тие можат да бидат постојани, односно континуирано да изразуваат одредени ставови, или, пак, можат да бидат о ад-хок организирани во зависност од потребите на граѓаните и на нивните заеднички интереси во одреден момент.

Во земјите со висока медиумска култура и демократија, и самите мејнстрим медиуми отвораат простор за блог заедница на своите медиумски платформи и така им даваат на граѓаните простор тука, на нивна територија, да го изразат своето мислење, да укажуваат, да предлагаат и да учествуваат во креирањето на политиките кои се од нивен интерес.

 

Работилница за граѓанско новинарство во организација на етаблиран медиум од Берлин, Германија, 4 мај 2013 година. Фото: berlinergazette.de

Работилница за граѓанско новинарство во организација на етаблиран медиум од Берлин, Германија, 4 мај 2013 година. Фото: berlinergazette.de

 

Оваа транспарентност на високосвесните медиуми служи како своевиден омбудсман, заштитник на правата на граѓаните кога е во прашање слободата на информирањето и пристапот до изворите за инфомирање.

 

3. Самостоен граѓански интернет портал

 

Доаѓаме до скалилото после кое граѓанското новинарство влегува во длабоки води и кога за пливање во медиумските води се потребни ентузијазмот и суштинските потреби на граѓаните медиумски да учествуваат во животот на заедницата и капацитетите на професионалното новинарство.

Но, пред тоа да се задржиме на опцијата за самостоен граѓански интернет портал.

Сѐ уште сме во фазата кога овој медиумски ангажман е волонтерски во спрега со потребите граѓаните медиумски да се изразат и да имаат свој сопствен медиумски простор.

Уредувана верзија на самостојниот интернет портал подразбира дека, според одреден претходен договор, основачите на тој портал ќе ги утрдат принципите според кои граѓаните ќе учествуваат во креирањето на содржините на порталот. Тие, во принцип, секогаш ќе се однесуваат на теми од заедницата и ќе бидат локални вести за работата на локалните власти, за комунални инфраструктурни проблеми, за социјалните аспекти и за хуманите акции на заедницата, за успешните граѓани на заедницата како инспирација… Уредувачкиот совет на вака организираниот граѓански портал има улога на филтер на содржините што ги пишуваат граѓаните од аспект на колку што е можно поквалитетни содржини со минималниот неопходен квалитет во однос на јазикот, пишувањето, соодветните фотографии… Уредниците имаат улога и на едукатори кои треба да најдат начин на порталот да им ги предочат на граѓаните базичните стандарди за новинарско пишување или фотографирање.

Уредувачкиот совет во структурата на еден ваков самостоен граѓански портал е неопходен и заради спречување на објавување на несоодветни содржини, како и заради проценување на содржините со ризик од некакви правни последици.

Овој концепт на граѓанско новинарство може да биде надополнет и со печатено издание. Кога би размислуваме дали овој модел на граѓанско новинарство е можен во наши услови, треба да се има предвид дека повеќе општини печатат периодични локални весници кои бесплатно им се делат на граѓаните на општината. Сѐ што треба е да се спојат иницијативите на граѓаните со уредувачката политика на весникот, кого и онака го финансира општината, во еден продуктивен хибрид од интерес на локалната заедница.

 

4. Хибрид: професионално + граѓанско новинарство

 

На едно од скалилата на формите на граѓанското новинарство е медиум концептот што го практицираат професионални новинари со нивните знаења и вештини. Еден од првите, и сѐ уште најдобри примери на ова граѓанско новинарство е јужнокорејскиот портал OhmyNews. Денес овој портал на граѓанскиот новинарски глас има „регрутирано“ околу 40 илјади, внимавајте 40 илјади граѓани соработници во Јужна Кореа и низ светот, зашто порталот има и интернационално издание.

OhmyNews не е само успешен пример на глас на народот, туку и самоодржлив медиум, кој, иако во скромни износи, ги плаќа вестите и фотографиите на граѓаните новинари. Професионалниот дел на новинарската редакција се уредниците и администраторите на порталот, додека, пак, армијата граѓани се репортери кои од минута во минути испраќаат вести и фотографии од своите мобилни апарати или компјутери.

 

Ohmy News

Ohmy News …

 

... и Ohmy News International

… и Ohmy News International

 

5. Граѓани новинари и професионалци во интегрирана редакција

 

Сега сме на скалилото на една виртуелна редакција, односно на модел на граѓанско новинарство кој, сега засега, не постои во праксата. Според некои проекции, еден таков медиум под ист покрив би имал и новинари професионалци и граѓани со новинарски афинитети.

Овој концепт сугерира, на пример, на една тема, или за еден  настан да има два текста – еден на новинарот професионалец опремен и организиран според стандардите на професијата и еден на новинарот граѓанин на кого му е дозволено да има мислење, коментари, проценки кои доаѓаат од ставовите на заедницата од која доаѓа авторот граѓанин.

Овој модел е можеби најблиску до моделот на граѓанско новинарство што го заговараат двајцата новинари и медиумски активисти и најпознати промотори на партиципативното новинарство, Џеф Јарвис и Ден Гилмор. Тие двајца ги замислуваат медиумите и вестите на граѓаните, на заедниците, како конверзација, како разговор во кој професионалните новинари и граѓаните го споделуваат медиумскиот интернет простор за доброто, за придобивки на заедницата.

Секако, на крајот од оваа лекција ќе констатираме дека ослободувањето простор за граѓанско новинарство и за медиуми на заедницата нема да оди ниту брзо, ниту лесно. Тешко ќе биде да се сфати дека ова е потреба. Тешко ќе биде да се отстапи еден дел од јавниот простор за едно ново новинарство и за нови медиуми. Треба да се очекува дека ова на граѓаните никој нема да им до даде на тацна, особено не политичарите. Тоа граѓаните сами треба да си го обезбедат. Само така граѓанските медиуми ќе бидат од граѓаните за граѓаните. На патот кон слободата…

 

Постер за промовирање на граѓанското новинарство преку снимање на видеа од страна на заинтересираните граѓани во Гоа, Индија, 19 февруари, 2011. Фото: Video Volunteers (VV)

Постер за промовирање на граѓанското новинарство преку снимање на видеа од страна на заинтересираните граѓани во Гоа, Индија, 19 февруари, 2011. Фото: Video Volunteers (VV)

 

Медиуми на заедницата – Петтиот елемент
Том Гранднер од проектот „Мрежа за граѓански практики“ (Civic Practice Network, CPN), вели дека медиумите на заедницата ја промовираат пратципацијата на граѓаните на следните начини:
Кон заедницата ориентирани: Со оглед на тоа дека овие медиуми се свртени кон заедниците, медиумските активисти во граѓанското новинарство имаа заеднички теми, потреби и желби. Системот на споделување на тие заеднички теми ја застапува партиципацијата затоа што сите се инволвирани.
Реципроцитет: Секој потенцијален корисник на информациите во медиумите на заедницата е и – потенцијален продуцент на вести. Време е да се проблематизира ситуацијата во која еден медиум дистрибуира информации до стотици илјади корисници. Новите технологии, новите медиуми и паметни апарати го менуваат целиот концепт и, освен што го дисперзираат монополот врз информациите во една насока, ја воведуваат и двонасочноста – сега и граѓаните можат да собираат, да пакуваат и да испраќаат медиумски содржини.
Придонес: Форумите, модерирани или отворени – се засновани на придонесите на учесниците. Секој нова информација станува дел од форумот – податок кој може да се печати, да се дистрибуира понатаму или да биде појдовна точка за идни медиумски акции.
Без ограничувања: Секој може да партиципира во медиумите на заедницата. Се разбира, модераторите или уредничките, граѓански совети, се грижат содржините да го имаат неопходното ниво на пристојност, да не навредуваат, да не клеветат, или да не се во спротивност со законите на заедницата.
Достапни и евтини: Развојот на технологијата, нискобуџетните интернет платформи за креирање он-лајн медиуми, пристапот од било кое место во било кое време ги прави медиумите на заедницата навистина достапни и евтини.
Флексибилни: Едноставните софтвери, пријателските алатки на интернет платформи за дизајнирање портали, им дава на новите медиуми и аспект на флексибилност за развивање на постоечките места за содржини и за додавање нови.

Користени извори:

www.poynter.org

www.cpn.org

www.buzzmachine.com

www.dangillmor.com


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести