verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Аспекти за пишување глава на вест

on 27 - 01 - 2014       
Внесен во вестите. Насловите најчесто прават да се изгубиме во нашиот сопствен свет. Фото: Џон Рагаи

Внесен во вестите. Насловите најчесто прават да се изгубиме во нашиот сопствен свет. Фото: Џон Рагаи

Редењето на елементите во главата на веста и надолу во другите пасуси, е она што никаде нема да го сретнете како точна препорака и методологија како да постапувате. Тоа е она што ги чини различни новинарите од обичните набљудувачи на некој настан. Способноста да се препознае веста во настанот и тоа да се стави како прв елемент во главата, е прв предуслов за добра вест.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Вест е основниот новинарски жанр. Сите други жанрови и поджанрови произлегуваат од неа. Оттука, за секој што сака да се занимава сериозно со новинарството, есенцијално е да ги совлада сите, условно речено, тајни на веста. Зашто, доколку новинарот владее со веста, тој ги има сите предуслови добро да ги работи и другите форми во новинарството.

Еден од поважните проблеми со совладувањето на техниките за пишување вест – што е видливo ако се направи краток преглед на поголем број медиуми – e во тоа што теоријата нема цврсти правила како се прави добра вест. Постојат неколку основни, а потоа сѐ е оставено на умеењето на поединецот или, пак, на уредничките ставови на луѓето во медиумите. Патем, многу е полесно да се препознае лоша вест, отколку да се направи добра вест.

И уште нешто. Ретко има најдобра вест! Веста има многу лица и може да се направи на повеќе начини. Така што, многу се ретки случаите кога ќе сретнете вест од која не може да се направи подобра. Редењето на елементите во главата на веста и надолу во другите пасуси е она што никаде нема да го сретнете како точна препорака и методологија како да постапувате. Во следните неколку пасуси ќе се обидеме да покажеме некои од сознанијата до кои е дојдено преку долгогодишно работење во редакции, чија основна работа била продуцирање вести, но најнапред за востановените правила.

 

Пет плус едно или плус две прашања?

 

Школуваните новинари, но и оние кои со друго образование влегле во новинарството, речиси без исклучок знаат за петте неопходни прашања што треба да бидат одговорени во секоја вест. Исто така, релативно широко е познавањето и на принципот на „превртена пирамида“, кој треба да им ја олесни работата на новинарите, но особено на уредниците при редактирањето и уредувањето на текстот, кој често во традиционалните медиуми е условен и од просторот што е определен со форматот на весникот или емисијата во електронските медиуми.

 

Не е CNN туку DNN (Death News Network - Новинска мрежа на смртта), која нуди „најнови информации за смрт, временска прогноза, религија и славните“. Фото: davemc500hats

Не е CNN туку DNN (Death News Network – Новинска мрежа на смртта), која нуди „најнови информации за смрт, временска прогноза, религија и славните“. Фото: davemc500hats

 

Како што е веќе пишувано и на овој сајт, петте прашања кои мора да се содржани и одговорени во секоја вест, се Кој, Што, Кога, Каде и Зошто. Тие во литературата генерално се познати како „Пет дупло В“ или Five W, зашто сите во англискиот јазик се зборови кои започнуваат со W – Who, What, When, Where i Why.  Покрај овие прашања, во литературата се посочуваат и уште најмалку едно, до две дополнителни прашања. Тоа се одговорите на прашањето Како, додека некои постари школи како одделно го ставаат и одговорот на прашањето Кој јавува, што, пак, често се заменува и со Кој е изворот на веста. Кој јавува, иако го нема во поновата теорија, задолжително треба да биде наведено во веста, заради нејзината целосна кредибилност.

Зашто, воопшто не е сеедно дали веста потекнува од очевидец кој присуствувал на настанот, т.е. новинарот, репортерот од медиумот кој ја емитува, објавува веста или од некој друг – друга редакција, соопштение, друг очевидец кој ги прераскажува, толкува нештата за кои треба да се известува и слично.

Или, како пример, за перцепцијата на еден читател, секако дека не е сеедно ако прочита „пожар во Скопје проголта цело маало“, или „пожар во Скопје проголта цело маало, јавува репортерот на XY(медиум) од терен“. Кредибилноста на веста во вториот пример секако дека е поголема, затоа што веста ја јавува очевидец,репортер на редакцијата што ја емитува веста, а не некој друг медиум или, пак, некоја верига од официјалните извори. Ова е важно, без оглед на природата на медиумите, односно употребата на звук или слика (фотографија или видео), зашто и тука е важно да се знае чиј е звукот или сликата, т.е. дали потекнува од редакцијата која јавува за веста или, пак, е преземен од друг медиум, друг очевидец или од официјален извор – институција.

Да заклучиме, покрај петте основни прашања, добро би било за секоја вест, или за целосноста на секоја вест, да биде одговорено и на дополнителните две прашања – Како и Кој јавува, при што ова, кој јавува, се однесува на потпис или наведување на извор на потеклото на веста и на мултимедијалните елементи во истата.

Прашањето за „превртената пирамида“, тука нема посебно да го образложуваме, зашто рековме дека тоа е релативно добро познато. Само ќе потсетиме за неупатениот читател дека според тоа правило, најважното и најглавното од веста се става во лидот, односно главата на веста, а потоа во следните пасуси се редат во некои поврзан и логичен редослед и другите елементи од веста, односно други детали за настанот за кој се известува, при што најмалку битните или периферните детали се оставаат за самиот крај на веста, односно за самиот крај на превртената пирамида.

 

Типови на лид на вест

 

Една од поголемите „тајни“ за правењето добри вести, лежи токму во подредувањето на фактите што ќе бидат опфатени со главата на веста, т.е. редоследот на одговарањето на петте задолжителни прашања што треба да ги има веста. Не постои детално објаснување или упатство за тоа. Постојат разни препораки и стилови на новински агенции или на други етаблирани медиуми, во кои се пишува кои правила треба да се следат при пишувањето на веста. Исто така, постојат повеќе типови на лид или интро или влез или глава на веста. Тие зависат од пристапот на граматичко и професионално структурирање на реченицата, но и од типот на медиумот или според уредувачката политика и намерата да се истакне во преден план она што уредникот и новинарот мислат дека е најдобро за нивните консументи. Сепак, правилата што ги има се однесуваат само на тоа како да напишете „правилна“ вест, односно што таа мора да содржи за да биде пишувана според професионалните стандарди околу кои постои согласност меѓу разните школи, што не значи по автоматизам и добра вест.

 

Колпортар во Африка. Секое утро во 4 часот ги распоредува весниците пред дистрибуцијата и продажбата. Фото: freebird (bobinson)

Колпортер во Африка. Секое утро во 4 часот ги распоредува весниците пред дистрибуцијата и продажбата. Фото: freebird (bobinson)

 

Најчесто, вестите што можеме да ги прочитаме, а кои следат некакви правила, одат по редоследот на одговарање на прашањето Кој и со тоа го започнуваат лидот, по што се трудат да одговорaт на следните прашања. Еве неколку примери на лид:

 

Премиерот Никола Груевски во денешното обраќање пред претставниците на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) и претставниците на Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија (КССМ), се осврна на два битни закони со кои се прават револуционерни промени во областа на администрацијата (Скопје, 20 јануари, 2014, МИА)

 

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска ќе одржи работен состанок со министерот за локална самоуправа Тахир Хани, во рамките на ЕУ/ИПА институционалните посети предвидени во Агендата ЕУ 2014 на Секретаријатот за европски прашања (СЕП). (Скопје, 10 јануари, 2014, МИА)

 

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган е во официјална посета на Брисел за прв пат по пет години. Во програмата се вклучени средби со претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј и со претседателот на Европскиот комитет, Жозе Мануел Баросо. (21 јануари, 2014, Нетпрес)

 

Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, соопшти дека владите на Албанија и Македонија имаат разговарано и имаат постигнато договор околу проектот за реката Радика и го обвини актуелниот премиер, Еди Рама, дека не ја кажува вистината. (22 јануари, 2014, Макфакс)

 

Не така ретко, особено во домашната новинарска практика, ќе сретнете и примери на започнување на вест со одговор на прашањето Кој и Кога или Каде и Кога? Еве ги примерите:

 

Грција од денеска го презема шестмесечното претседавање со ЕУ со скромен буџет и уште поскромни очекувања. (1 јануари, 2014, МИА)

 

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе се оддржи четвртото продолжение на 82-та седница, на чиј дневен ред е Предлог – законот за… (22 јануари, 2014, МИА)

 

Во Собранието денеска седници ќе одржат Законодавно-правната комисија, Комисијата за труд и социјална политика и Комисијата за култура. (22 јануари, 2014, Нетпрес)

 

Има и примери кога лидот започнува со цитат или парафраза, што, иако е дозволено според теоријата, се прави нестручно:

 

Времето ќе покаже кои се интересите на невладините организации и здруженијата кои беа против тоа електронските публикации да бидат регулирани со Законот за медиуми и оти има информации дека странски амбасади и фондации ќе финансираат медиуми во Македонија, меѓу кои има и електронски, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски. (10 јануари 2014, Нетпрес)

 

Како што ветивме, така и сторивме. Подготвивме специјален закон што треба да ги реши заостанатите стечајни постапки, најкомплицираните, од 1986 до 2011 година, изјави денеска премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на регионалниот пат Тетово – Јажинце. (18 јануари, 2014, МИА)

 

Употребата на ШТО во лидот на веста

 

Сите примери дадени погоре секојдневно ги читаме или слушаме низ домашните медиуми. Но, притоа, убедливо е најмал бројот на примерите со започнување на вести со одговор на прашањето Што?  Се наметнува прашањето, зошто е тоа така и кој пристап е поисправен?

На првото прашање одговорот најверојатно лежи во граматичките правила. Не само во македонскиот јазик, реченицата се структуира со подмет, па со прирок. Таа граматичка норма, најчесто го влече новинарот да започне со пишување на веста, со одговор на прашањето Кој. При одговорот на второто прашање, кој пристап е поисправен, нема дилема.

Пристапот со одговорот на прашањето Што, е најчесто најдобриот пристап и предуслов за пишување добра вест.

Тоа, едноставно е поврзано со суштината на самото новинарство – да се известува за нештата што нѐ опкружуваат. А, кој е најважен елемент, притоа? Тоа е, Што! Што се случило и за Што известувам?

 Во следните неколку примери ќе се обидеме да споредиме некои од погоре посочените вести но, овој пат трансформирани по друг редослед и со почеток на реченица од лидот во која се одговора на прашањето Што? Еве ги примерите:

 

– Револуционерни промени во поставеноста на  администрацијата во државата ќе бидат направени со нови два закона на Владата – тврди премиерот Никола Груевски.

 

Дури потоа следува сѐ останато, односно одговор на сите други прашања кои се сметаат задолжителни за една вест. Ова е така, затоа што новинарот не известува ЗА прес конференција на Груевски, туку ОД прес конференцијата, при што тој мора да ја препознае веста. А, веста не е кој изјавил, во овој случај, туку што изјавил.

 

Лондонски Гардијан: Вестите се лоши за вас - и ак осе откажете од нив ќе бидете посреќни. Фото: caseorganic. Линк до текстот: овде.

Лондонски Гардијан: Вестите се лоши за вас – и ако се откажете од нив ќе бидете посреќни. Фото: caseorganic. Линк до текстот: овде.

 

На овој начин и со ваков пристап, вестите од здодевни и нечитливи, без јасно видливо оправдување од насловот и лидот за тоа зошто воопшто биле објавени, се трансформираат во читливи и во јасни, со истакнување во лидот на содржината што е од поширок општествен интерес. Така е и со втората вест од погорните примери, која започнува со лид дека двајца владини министри ќе се сретнеле. Што е тука вест? Па има ли невообичаено нешто, ако има состанок меѓу двајца колеги што работат во влада? Но, ако во лидот на веста се пристапело со одговори на прашањата Што или Зошто (значи не дека ќе се сретнат, туку што ќе разговараат), тогаш тој лид и таа вест ќе си добие поприфатлива димензија:

 

– Подобро искористување на европската финансиска помош ќе биде главна тема на разговорите меѓу министрите Фатмир Бесими и Тахир Хани.

 

Во третиот пример имаме уште една здодевна и непотребна вест – најава за собраниска активност, која ретко кој читател ќе се потруди да ја дочита до крај. Но, приказната е малку поинаква ако веста би се направила на следниот начин:

 

– Измените на Изборниот законик, усогласени меѓу власта и опозицијата, се на дневен ред на пленарната седница на Парламентот, закажана за денеска.

 

Дури и најздодевните вести за временска прогноза или за состојба на патиштата, што се препишуваат од дневните билтени, со пристапот со одговор на прашањето Што, можат да се направат почитливи, повпечатливи:

 

– Обилни врнежи на дожд што може да премине во град се најавени за во Скопје во текот на попладневните часови, соопштија метеоролозите…

 

– Одрони од камења ги демнат возачите меѓу Маврово и Дебар – предупредија од АМСМ…

 

Должни сме да кажеме дека има примери за добра глава на вест која започнува со одговор на прашањето Што, а ги најдовме и кај нашите агенции, но тие се ретки:

 

Три лица се убиени од огнено оружје за време на протестите во Киев, соопшти украинскиот Јавен обвинител. (22.01.2014, МИА)

 

Петнаесет годишен малолетник е ранет во рака и нога откако негово другарче испукало куршум од пиштол. Според првичните сознанија ранетото дете е надвор од животна опасност и е на лекување во скопските клиники. (22 јануари, 2014, МИА)

 

Прашањето Каде, во втората вест, а што може да се постави како проблем, е одговорено на тој начин што е наведено пред почетокот, каде што стои дека веста е од Гостивар, иако би било исправно да се потенцира уште во првата реченица.

 

Кога не треба да се започне лидот со Што?

 

Започнување на лидот со одговор на прашањето Што е најдобро, но во некои случаи и не е неопходно. Има примери кога поради важноста на личноста што тоа го говори или го направила, веста треба да се започне со одговор на прашaњето Кој:

 

– Македонскиот кошаркар Перо Антиќ беше најзаслужен за победата на својата Атланта над Орландо Меџик со 112:109 во НБА лигата ,остварувајќи „дабл-дабл“ учинок од 10 поени и 12 скока. (23 јануари, 2014, Нетпрес)

 

Во овој случај сосема е оправдано да се започне со Кој, затоа што дефинитивно за јавноста во Македонија многу е поголем интересот за играта и придонесот на Перо Антиќ, отколку за другите детали од споменатиот кошаркарски меч. Но, имаме примери кога вест се започнува со Кој, иако човекот е непознат за пошироката јавност:

 

Скопјанецот Русе Максимовски бара казна за скопјанката која на почетокот на месецот го убила неговото куче од расата чивава, што го чувал како член на семејството 17 години. (22 јануари, Дневник)

 

Иако, оваа вест може подеднакво да биде добра ако се започне лидот со Што, сметаме дека е добро што новинарот се решил за Кој, затоа што Максимовски е пионер во барање примена на правна заштита за домашно милениче и таквите примери секогаш треба да се истакнуваат уште во лидот.

Има примери кога вест треба и најдобро е да се започне со одговор на прашњето Каде:

 

Киев е во пламен по ноќешните судири…

Украина е пред закана од граѓанска војна…

Гостивар е поплавен откако Вардар се излеа од своето корито

 

Ова се примери кога започнување на веста со одговoр на прашањето Каде е оправдано. Но секако, тука не спаѓа и оваа вест од домашната пракса:

 

– Во Струга денеска ќе се оддржи завршната форумска сесија на проектот „Форуми на заедниците“ на општините Струга и Дебрца, односно Швајцарската развојна агенција. (22 јануари, 2014, Охридпрес)

 

Најретки се (за жал не и во домашната новинарска практика) примерите кога веста започнува со одговор на прашањето Кога? Таквите лидови многу се зависни и од природата на медиумот, но генерално се употребуваат кога времето е од есенцијална важност за веста.

Иако се ретки, лидови се прават и со анегдоти или кратки досетки, но притоа треба да се има предвид должината и потребата од досетката за самата вест. Нешто почести се лидовите со цитати, но само кога се оправдани и кога цитатот најдобро ја отсликува веста што треба да се пренесе. Еден од подобрите примери за тоа се лидовите во светските медиуми по говорот на американскиот претседател Џон Кенеди во 1963 година, на огромен митинг во поделениот Берлин:  „Јас сум Берлинец“. Но, секако, нема потреба да се почне лидот со цитат: Ветивме, остваривме…, како што е тоа примерот со веста на МИА што ја презентиравме погоре.

 

Важни напомени

 

На крајот од овој, секако нецелосен приказ на аспектите на правење лид или глава на вест, како предуслов за правење добра вест, не е лошо да се имаат на ум следните нешта при пишувањето вести:

  • Есенцијално е важно,  да се препознае веста пред самото пишување на текстот.
  • Веста започнете ја со одговор на прашањето Што, во најголем дел од случаите.
  • Лидот треба да биде што е можно пократок и појасен, при што треба да биде и атрактивен за читателот, слушателот, гледачот.
  • Не се држете за правилото дека треба да се одговори на сите пет прашања во лидот. Треба да се одговори на најважните од петте (изборот го правите вие и уредникот), при што, сепак, е препорачливо уште во лидот да биде назначен изворот.
  • Избегнете ја стапицата од наведување на генералии и официјални називи за функции на луѓе или на институции во лидот на веста.
  • Различни аспекти, најчесто два до три, може да бидат истакнати во главата на веста, а таа да не изгуби од својата атрактивност. Ова посебно е важно кога повеќе факти за кои се известува, се подеднакво важни за пошироката јавност.
  • Добра вест мора да има бекграунд. Но тој не треба да се става многу горе во пирамидата, зашто ќе го одвлече вниманието од суштината, т.е. од самата вест.
  • Ако располагате со барем малку време, напишете уште еден лид или ослободете го веќе напишаниот лид од непотребни зборови.

 

Користени извори:

Writing&Reporting the News (Gerlad Lanson, Mitchel Stephens)

Perdue University – OWL

AP Stylebook

The BBC Newe Style Guid

Fifteen Newswriting Rules for Journalism Students (by Tony Rogers)

Leksikon Novinarstva


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести