verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарска дилема: Борба за ексклузивитет или за правичност во истражни постапки

on 29 - 08 - 2016       
Криминалот, судот и новинарското перо. Фото: pixabay
Криминалот, судот и новинарското перо. Фото: pixabay

 

Досегашната практика покажа дека од СЈО досега не е излезено ниту едно име кое е осомничено. Тоа подразбира дека ниту новинарите не дошле до некои податоци, затоа што не е за верување дека не би објавиле „ексклузивна“ вест. Сето тоа е во рамките на законот и на стандардите на известувањето за вакви случаи. Следејќи го јавниот интерес, сепак мора да се информира за сторено кривично дело, но имињата би требало да се изнесат дури по правосилноста на пресудата.

 

Пишува: Владе Ѓорчев

 

Зголемениот број процеси што произлегоа од работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), ја наметнаа дилемата како и до каде новинарите треба да известуваат за случаите, особено ако тие се во предистражна или во истражна постапка. Потребата за објаснување на процесот и начинот како треба да се известува за оваа тема, уште повеќе е засилена поради однесувањето на провладините медиуми изминативе неколку години, кои од прва рака добиваа информации од Основното јавно обвинителство (ОЈО). Притоа без да се почитуваат нормите на известување во вакви случаи, изнесуваа податоци кои се тајни, а многу често ја забораваа и презумцијата на невиност.

Не случајно во член 8 од Кодексот на новинари стои:

Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.

Со оглед на тоа што со постапката раководи обвинител, пред да се изнесат во јавност детали за предметите, односно дејствата на истражување за тешки кривични дела, полицијата е должна да го извести надлежниот јавен обвинител и од него да побара мислење. Доколку јавниот обвинител смета дека таа информација целосно или делумно не треба јавно да се соопшти, тогаш полицијата треба да постапи во согласност со мислењето на јавниот обвинител.

Значи, полицијата не смее да дава информации без да има дозвола од обвинител, правило кое во досегашната практика ретко се почитуваше.

 

СТРОГО ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА НОВИНАРИТЕ

Поради тоа што е важно секој да има фер судење, на новинарите не им е дозволено да објавуваат или да емитуваат во етер сè од предистражните постапки.

Додека случајот е под judice (слободен превод: под суд) новинарите се строго ограничени за тоа што можат да пишуваат и да пренесуваат. Ова е направено за да се осигури дека нема да се мешаат во работата на обвинителството, а подоцна и на судот.

Секако, кога кривичното дело е сторено, новинарите треба да им кажат на своите читатели и гледачи за тоа. Но, кога полицијата и обвинителството ќе осомничат некого, тогаш новинарите се ограничени во тоа што можат да го кажат во врска со тоа дело. Дел од причината е и што доколку новинарите објават детали за кривичното дело, несвесно можат да се вмешаат во постапката, па обвинителот, а подоцна и судијата да бидат под влијание на она што го читаат во весниците или од она што го слушаат во вестите.

Не смее да се заборави дека новинарите се дел од јавноста, исто како и читателите и слушателите кои ги претставуваат. Затоа новинарите имаат право да присуствуваат на исказите на обвинителите и должност им е да бидат таму.

Постојат три главни причини зошто новинарите ги следат овие постапки:

  • Да се поттикне довербата на јавноста во законите;
  • Да се помогне и да се одвратат луѓе од криминални дела;
  • Да се добијат силни вести.

ИНСИСТИРАЊЕ НА ЕКСКЛУЗИВИТЕТ

За новинарот од „Утрински весник“, Љубиша Станковиќ, кој долги години ги следи судските процеси, инсистирањето на ексклузивитет не подразбира и кршење на Законот за кривична постапка.

ljkibОткривање на идентитет на осомничено лице, години наназад, беше „привилегија“ на државните органи на прогонот, а пред сè на полицијата. Многу новинари, па и тие кои себеси се гледаат како такви, откриваат идентитет на осомничени лица, а не знаат дека со тоа прават кривично дело, бидејќи ако некој е осомничен, не значи дека ќе биде и обвинет, а и да биде обвинет, не значи дека нема да биде ослободен, вели Станковиќ.

Ваквата практика на работење на МВР и на јавните обвинителства, вели тој, е прекратена со формирање на СЈО, од каде досега не е излезено ниту едно име.

ljkibПојавувањето на одредени лица кои од одредени причини се повикани во СЈО не подразбира дека се работи за осомничени лица. Нивното поканување пред судија на претходна постапка (значи во Кривичниот суд) подразбира дека имаме осомничено лице или лица, но нивната одбрана, исто така, не смее да биде изнесена во јавност и тоа од две причини. Прво, се попречува понатамошниот тек на постапката и, второ, повторно се прави кривично дело со погазување на презумцијата на невиност на лицето чиј идентитет и исказ е обелоденет. Колку за потсетување, колегата Томислав Кежаровски за наслов „Златко од Штип….“, а со кој ништо суштински не се кажува, беше осуден на 4,6 години затвор – вели Станковиќ.

За новинарката во „Академик“, Марија Севриева, работата на Специјалното јавно обвинителство е атрактивна тема за јавноста уште од формирањето на обвинителството.

sevrСамиот Закон за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, предвидува транспарентност во работата и редовно, но ограничено информирање на јавноста за текот на истрагите поради тајноста на предистражната и на истражната постапка и почитувањето на презумцијата на невиност – вели Севриева.

Според неа, презумцијата на невиност целосно била нарушена уште со објавувањето на прислушуваните разговори, а најмногу со аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, бидејќи во неа беа опфатени луѓе кои биле дел од постапки кои биле во различна фаза од истрагата, а имаше и сведоци.

sevrНормално е новинарите да известуваат за сите постапки што ги води СЈО, но сметам дека при тоа треба да водат сметка да не ја нарушат тајноста на постапката и да ги почитуваат новинарските професионални и етички стандарди во известувањето – заклучува Севриева.

Во членот 8 од Закон за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите стои:

sevrЈавниот обвинител редовно ќе ја информира јавноста за напредокот на неговиот/нејзиниот напредок, врамнотежувајќи ги етичките и процедурални обврски одредени со закон и јавниот интерес да се биде информиран за текот на истрагата и гонењето.

Досегашната практика покажа дека од СЈО досега не е излезено ниту едно име кое е осомничено. Тоа подразбира дека ниту новинарите не дошле до некои податоци, затоа што не е за верување дека не би објавиле „ексклузивна“ вест. Сето тоа е во расмките на законот и на стандардите на известувањето за вакви случаи. Следејќи го јавниот интерес, сепак мора да се информира за сторено кривично дело, но имињата би требало да се изнесат дури по правосилноста на пресудата.

Овие работи досега се чини дека беа измешани во македонската јавност. ОЈО изнесуваше информации со кои се кршеше законот и не се почитуваше презумцијата на невиност. Затоа можеби и СЈО со својата практика придонесе овие нешта да се поместат, или барем се прават првите чекори кон тоа.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести