verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарот е куче чувар, а не куче што лае без потреба

on 8 - 05 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Ноќта на скршените стакла (Kristalnacht) се најавуваше и во Македонија по изборите. За никогаш не се случи. На 9 ноември 1938 година во Германија и териториите контролирани до Германија, Евреите беа убивани, тепани и апсени. Синагоги и еврејски бизниси беа уништувани. Фото: искршен излог на продавница во сопственост на Евреи. Берлин, 10 ноември 1938, National Archives and Records Administration, College Park, Md.

Ноќта на скршените стакла (Kristalnacht) од некои „експерти“ се најавуваше и во Македонија по изборите. За никогаш да не се случи. На 9 ноември 1938 година во Германија и териториите контролирани од Германија, Евреите беа убивани, тепани и апсени. Синагоги и еврејски бизниси беа уништувани. Фото: искршен излог на продавница. Берлин, 10.11.1938, National Archives and Records Administration, College Park, Md.

 

Ниското ниво на навредите и на дисквалификувањето нема да најдат решение во „солениот“ Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда, бидејќи извираат од длабока неодговорност и од немање сенс за основни меѓучовечки и професионални релации и од свесна и намерна  хајка без правила. 

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Како никогаш порано, за изборите пламна во полн капацитет огнот на омразата и личните дисквалификации од непотпишани автори во медиуми кон учесници во изборната кампања. Пропагандистичките кујни олицетворени во овие непотпишани автори, не мереа ниту еднаш, пред да пресечат дека некој е „предавник“, „кукавица“, „изгубен во просторот и времето“, „послушник“, „клекнат на колена“, итн. Не е само што ќе кажете, туку и на каков начин ќе го кажете тоа. Особено во новинарството, каде зборот е „орудие за работа“, чувствувам потреба да кажам дека зборот скапо чини и искажува намера и стојалиште. Од зборот многу убаво може да види дали стојалиштето од кое се тргнува е добронамерна критика и коректив на политичарите или било кои општествено-политички процеси, или, пак, станува збор за гола пропаганда и за неаргументиран напад со цел да се „запали“ читателот и да му се сервираат ниски удари на линчување на политичарот. Од овие удари најмногу страда демократијата и нивото на политичка дебата, но ниту новинарството не може да ја одбегне улогата на колатерална штета.

 

Ад-хоминем нападот никогаш не е мотивиран од јавниот интерес

Ниското ниво на навредите и на дисквалификувањето нема да најдат решение во „солениот“ Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда, бидејќи извираат од длабока неодговорност и од немање сенс за основни меѓучовечки и професионални релации и од свесна и намерна хајка без правила. Вистина е дека функционерите со самото седнување во фотелјата се откажуваат од дел од својата приватност и стануваат подложни на поголем степен на критика. Точно е и дека окото на јавноста будно ги следи нивните чекори и има право да знае, да ги критикува и да бара одговорност за нивните постапки поврзани со јавните пари и со одлуките што ги засегаат сите.

Меѓутоа, сето ова, не може и не би смеело да се поистоветува со грубото кршење на стандардите и ад-хоминем дискусиите од барем две причини. Прво, во ад-хоминем дебатата, целта не е да се укаже дека треба да има корекција на нечие поведение, туку целта е да се омаловажи и да се дискредитира личноста. Личноста, сама по себе, се девалвира независно од тоа што го прави. Второ и уште поважно, ад-хоминем нападите не се двигател на промени, туку средство за стагнација.

 

“Кристална ноќ“ – се кажа, ама за среќа никаде ја нема

Во изборната медиумска кланица се пресекоа и неколку квалификации за политички одлуки, кои може да иницираат и насилства, особено бидејќи нивната употреба беше сосема нелогична. Се остави впечаток дека се знае нејзиното значење. На пример, терминот „Кристална ноќ“ (рецензија овде), кој историски е поврзан со насилство и убиство на Евреите во нацистичка Германија и уништување на нивниот имот, се спомена во 2014 година за да се оквалификува чинот на непризнавање на изборниот резултат од страна на СДСМ. Овој пример покажува колку неодговорно непотпишаните автори на ваквите медиумски производи му пристапуваат на користењето на зборовите. Зборот изразува стојалиште, а неговата употреба е предмет на многу општествени науки, меѓу кои и комуникологијата. Ова не е случајно. Еден збор кој што е семантички употребен неправилно, може да предизвика последици. На пример, за изборите, полесно од било кога, дел од политичарите беа навредувани и ставани во контексти кои не се занимаваат со нивните активности, туку со нивното дискредитирање и маргинализирање.

Во сета занесеност кој поуспешно ќе го навреди човекот што е на „дневен ред“ во некои неновинарски центри, се коистеа вонконтекстуални фотографии, спинови, приказни без логични заклучоци и со пропагандистички премиси. Најжестоката критика сервирана со доза професионален пристап, достоинствен и издржан пристап, сее поле за промени. Кланицата „ад хоминем“ е со краток рок на траење и има погубна намера – да се навреди наместо да се аргументира, да се посее омраза наместо да се чека судот на јавноста. Сето ова остава впечаток на неновинарска агенда. Создава море од омраза и нетрпеливост, во кое е тешко да се плива кон брегот на демократијата.

Новинарството и пропагандата не можат да одат рака под рака, зашто не се занимаваат со иста цел. Целта на новинарот не е да навреди, ниту да омаловажи, туку да покрене тема од јавен интерес, да контролира во границите на професионалноста и да развива тренд на демократичност. Пропагандата, пак, во недостиг на овие благородни намери, се открива преку зборови што го омаловажуваат поединецот. Зарем не е очигледно дека на ваков начин, се прави штета за јавниот интерес? Наместо да ги анализираат политичките одлуки на кандидатите, на граѓаните им беше дадено да се занимаваат со тоа кој е „загубен во просторот и времето“ (квалификација што е навреда пар екселанс) и да прават чамче-муабети за нерелевантни и плитки теми за политичарите. Загуби јавноста, а се срамеа оние новинари кои ги познаваат новинарските стандарди и вистинската улога на новинарот – да биде „куче-чувар“, а не „куче што лае без потреба“.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести