verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Телефонот ѕвони: новинарите во канџите на уредниците и на власта

on 14 - 10 - 2015       
Средство за анонимни притисоци. Фото:  Matt Reinbold, 2007
Заробен телефон – заробени новинари. Фото: Matt Reinbold, 2007

 

„Новинарот или уредникот на денот никогаш не знаат од кого е СМС-пораката, бидејќи се препраќа од директорот или главниот уредник со посебно внимание да не се види испраќачот. Некогаш диктатот е и со телефонски повик“. Како функционира добро подмачканата машинерија на власта за ширење на пропагандните написи и кординираните напади врз неистомислениците.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Провладините медиуми (портали, весници, телевизии), кога пласираат текст, во кој се критикува опозицијата или се вади некоја шпекулација (најчесто непроверена) дејствуваат како сето тоа да се координира од еден центар. Од наслов, до подготовка на текстот и неговото пласирање, сè е идентично во сите медиуми што ја поддржуваат политиката на власта. Сето тоа, што е исто така интересно, се прави брзо и за кратко време агрегаторите и социјалните мрежи се преплавени со истиот напис, со речиси ист или идентичен наслов, во повеќе медиуми.

 

За да дознаеме како тоа функционира во практика, „Сервис за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) разговараше со колеги што работеле во провладини медиуми, а кои подоцна ја напуштиле таа работа од различни причини.

Како што ни објасни една новинарка која една година работела во портал, близок до власта, (името познато на редакцијата) тие функционираат на начин што инструкциите ги добиваат од еден „центар“, а тоа може да се види и по истите наслови и текстови кои се појавуваат во нив. Најчесто „Курир“ им е „главниот извор“, па дури и на телевизиите.

„Денес имаме ситуација кога главните политички прилози на една од националните телевизии, а чијшто сопственик, исто така, беше предмет на „бомбите“ објавени од опозицискиот СДСМ, се прават врз основа на текстови кои ги објавува токму „Курир“. И тоа не е случајно така, бидејќи новинарката која ги прави е повлечена во телевизијата од провладин портал, каде што претходно работеше. Мејловите и пораките кои новинарите ги добиваат од уредниците се препратени од некој мејл или порака што некој друг му ја испратил на главниот“ вели новинарката.

Таа наведува еден пример со интервју на премиерот Никола Груевски дадено за  МИА, кога новинарите добиле инструкции да го преземат, а тоа сè уште не било објавено на државната агенција.

„Притоа, на секој одговор што бил даден од премиерот, веќе беа смислени насловите и истите се појавија низ сите провладини портали. Тоа беше практика за пишување на текстови од секое интервју на премиерот, министрите, директорите“, вели таа.

Типично за овие медиуми е што наместо еден текст, од настап на првите луѓе на Владата, се прават по десет написи од еден ист настан. Секој одговор е посебен новинарски текст со пропаганден наслов.

Колумнистите кои се појавуваат во еден од провладините медиуми, исто така, се преземаат и во друг.

Според новинарката Соња Трајковска, која пред извесно време работеше во телевизија „Канал 5“, која важи за многу блиска до првите луѓе на власта, информациите за тоа што треба да се работи, главно стигнуваат или до директорот или до главниот уредник.

„Тие стигнуваат по мејл или како СМС-порака. Прилично се детални, во смисла која е темата и како да се обработи, а се наведени и главните поенти. Ако се инсистира на ставови, тогаш се праќаат или цели текстови на мејл, или се посочува „Курир“ од каде треба да се земе појдовниот текст, па да се дофилува со новинарска фантазија. Најизразено беше за време на избори кога до редакцијата, во случајов каде што работев, до директрот беше испратен список со теми и распоред, кој ден, која тема треба да оди во етер. Откако ќе одредат кој новинар ќе го прави тоа, на мејл добива содржина со инструкции на кои делови од закон да се повика. Дури имаше и случаи кога новинарот добиваше цел текст со вметнати изјави, кои потоа се праќаат во видеоформа на ФТП. Работата на новинарот е само да седне да го измонтира прилогот“, вели Трајковска.

Таа додава дека се посочувале и кои делови од изјави на политичарите да се вметнат во прилогот.

„Интервенцијата од партискиот центар оди дотаму што одредуваат и во кој дел од вестите прилогот да биде емитуван – на пример прв или меѓу првите три. И тука, ниту уредникот на денот, ниту никој друг не може да интервенира. Доколку се побуниш, одговорот од главниот уредник е „така кажа газдата“, а тој обично (уредникот) нема врска што се случува. Инаку, новинарот или уредникот на денот никогаш не знаат од кого е СМС-пораката, бидејќи се препраќа од директорот или главниот уредник со посебно внимание да не се види испраќачот. Некогаш диктатот е и со телефонски повик“, вели Трајковска.

Освен ваквиот начин на диктат, новинарите во провладините медиуми добиваат и друг тип нарачки кои се поизразени во весниците. Разговаравме и со две новинарки (имињата познати на редакцијата) кои пред извесно време работеле во весник близок и по бизнис и по политика со власта.

„Новинарите во провладините медиуми најчесто добиваат нарачани теми од уредниците, кои им посочуваат дека треба да ги напишат со консултирање само на еднострани извори на информации. Тоа се случува и кога треба да се извести за протест, без разлика дали протестот е организиран од политичка партија или е граѓанската иницијатива. Тогаш уредниците бараат новинарите да земат изјави од преставниците на институциите пред кои граѓаните протестираат, но во текстовите не сакаат да има изјави од организаторите на протестите, ниту граѓанска критика против власта или одредена институција. На таквите нарачани текстови целта им е дискредитација на оние кои протестираат. За тоа уредниците често бараат новинарите да земат изјави и од „експерти“ кои никогаш не го оправдуваат протестот, туку изјавите секогаш им се во насока дека зад тоа стои некој со друга цел. Крајната идеја на текстот е читателот да го наведе да мисли дека протестот е неоснован, политички обоен, платен од странски пари и неуспешен“, вели новинарка, која напушти работа во провладин весник, а сега работи во портал.

Најчесто, пак, тврдат новинарите од провладините медиуми, акутелните политички теми се избегнуваат  и се пишува за нешто што е од споредна важност.

„Минатата година, во паузата меѓу првиот и вториот круг парламентарни избори, кога излезе скандалот со „Македонска банка“, оправдувањето на моите уредници зошто да не пишуваме ништо за тоа беше: „Тоа не е наша работа, зошто ние да се мешаме“ и слично. Секогаш кога ќе сакаш да работиш некоја политичка тема, мора да поминеш еден час тортура за да ти го исперат мозокот, односно да ги смениш ставовите, па потоа кога ќе видат дека е безуспешно и текстот не излегол како „главните“ што сакаат, во утрешниот број на весникот наоѓаш нешто сосема различно од она што си го напишал и тоа потпишано со твое име. Ако си доволно среќен, пак, текстот нема да го најдеш во новиот број на весникот“, вели друга новинарка која, исто така, повеќе не работи во весник чиј газда е бизнисмен и има одлични врски со власта.

Сето ова што го зборуваат новинарите воопшто не е професионално дејствување. Дел од младите колеги, кои првпат ќе се вработат во ваков медиум, можеби ќе помислат дека тоа е вистинско новинарство, но треба да знаат дека се лажат. Вистинското новинарство не трпи нарачки од никого, па ниту од уредникот. Вистинското новинарство го слуша гласот на јавноста и постапува според правилата во новинарството кои важат за сите професионалци.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести