verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите не треба да го заборават Холокаустот

on 17 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Меморијалниот музеј на Холокаустот во Берлин
Меморијалниот музеј на Холокаустот во Берлин. Од фото-архивата на авторот

 

Историјата нè учи дека злото триумфира тогаш кога добрите луѓе молчат. Вусшност, тој што молчи, а го препознава злото, и не е добар човек. Следствено, новинарите што молчат – не се добри новинари

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Од само ним познати причини, во светот постојат организации, групи и поединци, кои би сакале или целосно да ја искриват вистината за Холокаустот или да ја обезвреднат до толку да се понижи важноста на овој трагичен процес и ова безумие засекогаш да биде заборавено.

И во Македонија има протежеа на овие идеи кои застапуваат такви апсурдни, бесмислени и монструозни сценарија дека Холокаустот го организирале самите Евреи, односно „според забранети книги и истражувања спроведени во Германија, Полска и во Унгарија, има огромен број докази кои велат дека Ашкенази се идеолозите, финансиерите и организаторите на холокаустот. За да биде истребено ривалското еврејско племе“.

Да бидеме чесни докрај, треба да наведеме дека потписникот на оваа реченица не е и автор на оваа застрашувачка и, во исто време, гротескна теза. Таа е дел од теориите на заговор, но тоа, секако, не е ниту најмалку оправдување некој што себеси се смета за медиумска личност да ѝ дава простор и да ја афирмира оваа ужасна фантазмагорија.

Има работи што човештвото не смее да ги заборави. Тие работи што не смеат да се заборават, новинарите треба посебно да ги запознаат и да им пристапат на истиот тој начин: да прават сè за да ги разберат најмрачните страници на историјата на човештвото, за да ги препознаваат сите нови закани.

Тоа е обврска на сите слободоумни луѓе, но новинарите имаат посебно место како „стражари“ на првата линија.

 

ЧОВЕКОТ НЕ СЕ РАЃА ДОБАР

Во еден стих во Тората, светото петтокнижие на Евреите, се вели: „Секој импулс на човековото срце е импулсот на злото уште од времето на настанувањето на човештвото“ (Бит. 8:21). Едно од толкувањата на овој стих истакнува дека човекот не се раѓа добар. Човекот станува добар со ковање на својот карактер, со постојано совладување на искушенијата што ги предизвикуваат основните животни инстинкти, со усвојување на сознанието дека има некој друг покрај него и некој друг над него.

Холокаустот е жестока, трагична лекција, која секогаш треба да ја имаме пред нас за да знаеме што може да се случи кога наместо на хуманиот, човечниот карактер, ќе им дадеме место на ѕверските нагони.

Оттаму, крикот на шесте милиони цивилни жртви, Евреи, егзекутирани на најмонструозни начини за време на Втората светска војна, предупредува оти секогаш треба да бидеме свесни дека злото не е еднаш засекогаш победено. Таа борба е вечна зашто злото и омразата се постојано притаени во секој од нас и во секој до нас. Ако тоа го имаме секогаш предвид, тоа ќе биде првиот чекор, првата брана и отпор кон нечовечноста, кон мрачните сили.

Една друга, многу важна лекција од оваа тажна епоха на човечката историја е сознанието дека молкот за злото, премолчувањето на знаците, на појавите на злото, е сојузник на тоа зло. Кога молчиме или кога не сакаме да го препознаеме, злото расте, добива сила.

Историјата нè учи дека злото триумфира тогаш кога добрите луѓе молчат. Вусшност, тој што молчи, а го препознава злото, и не е добар човек.

Следствено, новинарите што молчат – не се добри новинари.

 

НИКОГАШ НЕ СОМНЕВАЈТЕ СЕ ВО ЗЛИТЕ НАМЕРИ НА ТИРАНИТЕ

Во триесеттите години на минатиот век, светот гледаше што се случува во нацистичка Германија, но – молчеше. Кога реши да реагира, веќе беа погубени милиони невини луѓе.

Наспроти оваа, претходна ситуација, во историјата има лекции кои нè учат дека тогаш кога бил кренат силно гласот против злото, доброто секогаш победува, а злото се повлекува во најмрачните дупки на пеколот и ја чека својата нова шанса.

Дали ќе ја добие, зависи од тоа колку сме будни и колку сме подготвени да не заборавиме.

Затоа, сеќавањето на Холокаустот е важно. Особено за медиумските луѓе. Кога се сеќаваме, не оддаваме само почит на жртвите, туку, напротив, сведочиме дека не забораваме и дека нема да заборавиме. Зашто Холокаустот е тука за да нè потсетува дека доколку биде заборавен, ќе се отворат вратите на злото, за кое е прашање на време кога ќе ја уништи човечката цивилизација.

Додека зборувавме за молкот на луѓето, да не заборавиме дека истите последици од молкот се добиваат и кога молчат и институциите. Зашто, џабе им се законите кога дозволуваат јавноста да ја трујат медиумски праматари и натрапници. Како поинаку да се толкува медиумската содржина со наслов „Еврејското племе“ и молкот на институциите кога тие, и според Законот за кривична постапка, имаат утврдено мерки кога некој „одобрува или оправдува геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“, како што е именувана и самата глава во законот, во кој во член 407-а е пропишано:

 

(1) Тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и ги оправдува делата од членот 403 до 407, ќе се казни со затвор од една до пет години.(2) Ако негирањето, минимизирањето, одобрувањето или оправдувањето е сторено со намера за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна затвор најмалку четири години.

 

Правниците, секако, најдобро знаат, но се чини дека споменатиот текст има елементи во себе кои можат да бидат опфатени со овој член од законот.

„Никогаш повеќе“ е слоганот што новинарите секогаш треба да го имаат пред себе. Тврдам дека ним, на новинарите, не им е дозволено да забораваат. Ниту за Холокаустот, ниту за кој било друг геноцид или злосторство против човештвото.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести