verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите мора да го препознаат говорот на омраза и да се оградат од него

on 10 - 05 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Тони Михајловски: „предавници, клетници, петтоколонаши...“. Фото: скриншот
Тони Михајловски: „Предавници, клетници, петтоколонаши…“. Фото: скриншот

 

 

На 13 април годинава, на ТВ „Нова“, во рамките на ТВ-дневникот, имаше вклучување во живо од протестот на ГДОМ, пред Соранието на Република Македонија. И ова не би било предмет на новинарска лекција доколку, при ваквото вклучување, не беа прекршени низа новинарски професионални стандарди. Имено, новинарката во најавата прво нагласи дека станува збор за „револтирани граѓани од одлуката на Иванов повторно да го аболираат Зоран Заев“ и второ, по обраќањето на актерот Тони Михајловски, чиј говор беше полн со омраза, обвинувања, клеветење и со повици за насилство, новинарката не се огради од нив ниту, пак, на гледачите им даде објаснување зошто ваквиот говор беше пренесен.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Сè почестото користење на говорот на омраза во македонските медиуми покажува до каде води несанкционирањето на ваквите кривични дела. Говорот на омраза се дефинира како говор чија намера е да деградира, вознемири или да предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на нивната раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, социо-економска класа, занимање или изглед (како висина, тежина и боја на коса), ментален капацитет и која било друга особина.

 

НОВИНАРИТЕ МОРА ДА ГО ПРЕПОЗНААТ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА И ДА СЕ ОГРАДАТ ОД НЕГО

Криминалци, ѓубриња, душмани, предавници, клетници, пеколонаши“, „Нека се појави некое ровје од небесата, нека ги спржи Господ, нека ги направи пепел“, се само дел од говорот на омраза, од навредите и од обвинувањата што гледачите имаа можност да ги слушнат за време на обраќањето на членот на ГДОМ, Тони Михајловски.

Една од етичките должности на новинарите е да го препознаваат говорот на омраза и говорот што поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа и да се оградуваат од него.

Професорката Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, укажува дека кога се работи за говор на омраза искажан од соговорник во одреден прилог, тогаш на новинарот и на неговиот уредник им останува да одлучат дали и на кој начин ќе го пуштат делот каде што има експлицитен говор на омраза.

„Не се работи само за техничко оградување од изјавата на соговорникот, туку и за одлука дали со пренесување на таа изјава се навредува некој, дали изјавата ќе направи дополнителна реакција од групите во општествто кои се навредени, дали ќе се разгори омразата кај публиката итн. Секако, ако редакцијата одлучи да го пушти парчето каде што има експлицитен говор на омраза, тогаш новинарот треба да ја обрзложи својата одлука зошто го прави тоа, да ја контекстуализира и да ја оправда пред својата публика“, посочува Трајкоска.

Според неа, ваквите изјави (ако воопшто) се пуштаат, најчесто служат за илустрација, во скратена форма и со јасно оградување од страна на новинарот, осуда и со објаснување. Само така, нагласува Трајкоска, гледачот ќе ја добие вистинитата информација: дека тоа што го слушнал е говор на омраза, зошто е во етер и која била идејата на новинарот за да го објави тоа што го кажал соговорникот. Сè поинаку е прекршување на професионалните норми на новинарство.

 

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА Е КРИВИЧНО ДЕЛО

Говорот на омраза е кривично дело во Република Македонија. Од февруари 2014 година, стапија на сила нови законски одредби од Кривичниот законик, кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.

 

ПРЕКРШЕНИ ОДРЕДБИ ОД КОДЕКСОТ НА НОВИНАРИ

Со самото тоа што новинарката, односно медиумот, не се огради од зборовите на Михајловски, ниту, пак, медиумот даде образложение зошто и со која цел ваквиот говор бил пуштен во етерот, имаме прекршување на членот 10 од Кодексот на новинари, во кој јасно се наведува дека:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

На страница 35 од „Прирачникот за етиката во новинарството“, пак, издаден од Здружението на новинари на Македонија, исто така, се нагласува дека говорот на омразата е неспоив со новинарската етика:

Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има цел да шири непријателство или омраза или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн. 

 

ШТО ПРОПИШУВА ЗАКОНОТ ЗА AУДИО И АУДИОВИЗУЕЛНИ МЕДИУМСКИ УСЛУГИ

Телевизијата „Нова“, во овој случај, прекрши и одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во членот 48 од овој Закон, во делот на посебните забрани, се наведува дека:

Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на вооружен конфликт, се поттикнува или се шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност. Посебните забрани од ставот (1) на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права.

 

ДАЛИ НОВИНАРИТЕ МОЖАТ ДА СЕ КАЗНУВААТ ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ ГОВОР НА ОМРАЗА, КЛЕВЕТИ И НАВРЕДИ?

Дали новинарите можат да се казнуваат за пренесување говор на омраза, на пример, поради изјави што ги дале други лица во интервју или, како во случајов, при директен пренос на обраќање?

Во Прирачникот за етиката во новинарството, на стр.22, пишува:

Новинарот е одговорен и за искажаното од страна на соговорниците, бидејќи преку него тие ставови добиваат јавност, затоа е должен да ги парафразира или да се огради од навредлив јазик, промовирање стереотипи или дискриминација.

Професорката Трајкоска вели дека, во однос на казните, не може сè да се решава со казни за новинарите.

„Има саморегулација, но, што е поважно, новинарот не ја има целосната одговорност. Тој има уредник кој треба да знае и да донесе одлука за вакви случаи“, децидна е професорката.

Во Прирачникот за клевета и навреда, издаден, исто така, од ЗНМ, во поглед на пренесувањето туѓи (клеветнички) изјави стои дека Европскиот суд за човекови права има прилично јасен став (изразен во Пресудата Thoma v. Luxemburg, 2001).

Судот нагласува дека казнувањето новинар за пренесување туѓи изјави сериозно би го загрозил придонесот на печатот во отворањето дебата за прашања од јавен интерес и не би требало да се преземе, доколку нема исклучително силни причини за тоа.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести