verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите многу ги сакаат анкетите

on 18 - 03 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Ептен издржана анкета. Само помини, прочитај на светлечкиот столб за што се гласа и стави ја дланката на местото за „ЗА или „ПРОТИВ“. Подоцна помини уште еднаш. Арт проект, 2010. Фото: pancy98

Ептен издржана анкета. Само помини, прочитај на светлечкиот столб за што се гласа и стави ја дланката на местото за „ЗА или „ПРОТИВ“. Подоцна помини уште еднаш. Арт проект, 2010. Фото: pancy98

 

Aнкетите претставуваат многу корисно орудие во политиката, меѓутоа можат да бидат и исклучително деструктивно оружје.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Новинарите многу ги сакаат анкетите. Анкетите станаа составен дел на медиумското известување, посебно во текот на предизборните и изборните активности. Кога ќе се презентираат податоци од некоја анкета, тоа за медумот веќе не е нечие тврдење, не е издвоено мислење, туку, податок со кредибилитет, потврдено тврдење, бројки кои јасно покажуваат и докажуваат. Бројките влеваат сигурност, спомнувањето на некакви примероци и методологија ја зацврстува оваа сигурност, а разнобојните графикони ја цементираат.

Во истиот период:

 

Од што зависат резултатите

 

Првостепено, анкетирањето претставува метод на истражување со кој од одговорите на помала група луѓе се обидуваме да ги дознаеме ставовите, мислењата на поголема група луѓе. Меѓутоа, повратно, тие можат да бидат начин за моделирање на јавното мнение. Поради тоа и се вели дека анкетите претставуваат многу корисно орудие во политиката, меѓутоа можат да бидат и исклучително деструктивно оружје.

Резултатот на секое анкетирање зависи од тоа:

  • со која цел се прави едно анкетирање (за која намена се податоците кои се собираат),
  • од кого се прави,
  • дали се прави на начин во кој се почитуваат неопходните правила и процедури

(во текстот се користени објаснувањата дадени во книгата „Анкетирање – што, зошто, кој, како“ на Виолета Петроска Бешка, професор на факултетот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“).

 

Прашање број 1: Зошто е направена оваа анкета?

 

Прво прашање кое треба да го постават новинарите кога се повикуваат на конкретна анкета е: зошто е направена таа анкета? Дали е направена за потребите на конкретна партија, или, пак, со цел моделирање на јавното мислење? Анкетирањето е несомнено многу корисен метод со кој политичките партии можат да добијат сознанија за расположението на граѓаните, за нивната поддршка на одредени политики, за прифаќањето на одредени личности и сл. Во интерес на секоја политичка партија е да добие што е можно посигурни податоци со цел соодветно креирање на својата стратегија и понатамошниот настап. Со овие анкети, политичките партии сакаат да ги дознаат позитивните, меѓутоа, уште повеќе негативните елементи на сопственото делување, со цел понатаму на правилен начин да ги адресираат. Кога некој истражувачки субјект прави ваков вид анкета, вообичаено се договара и клаузула на тајност (односно, податоците се достапни единствено на нарачателот на анкетата). Резултатите на ваков вид анкети ретко доаѓаат до медиумите. Од друга страна, моделирањето на јавното мислење се прави со пуштање во јавноста на диригирани (фризирани, еднострано прикажани или измислени) податоци, кои би требало да создадат впечаток за успешноста на една политичка опција наспроти друга и да ги поттикнат граѓаните да гласаат за „победничкиот“ кандидат.

 

Стручноста на анкетарите

 

Второто прашање (кое е во тесна врска со претходното) е кој ја направил таа анкета? Ова прашање е поврзано како со откривањето на капацитетите на одреден тим за формулирање, спроведување и интерпретирање на анкета, така и со одредувањето на нивото на објективност на истражувачката институција (тим). Истражувачкиот капацитет определува дали се поставени соодветни прашања, на соодветен начин, на потребна популација. Дали податоците се обработени со почитување на основните правила и на крај како се прикажуваат и интерпретираат добиените податоци.

„Покрај стручната подготовка, истражувачот мора во потполност да ја разбира социо-политичката и социо-психолошката клима кај популацијата што ја проучува и при тоа да биде свесен за сите ограничувања на методот на анкетирање“, (В.П. Бешка).

При пренесувањето на резултатите од различни анкети новинарот треба да даде податоци за кредибилноста на изворот, податоци за неговата објективност (или евентуална поврзаност со одредена политичка опција) и, секогаш кога е тоа можно, податоци за историјатот на претходни слични анкети спроведени од истиот субјект.

На пример, освен за ИПИС (формиран во 2011 година) и Прогрес (формиран во 2008 година) за ниту еден од другите “истражувачки институции“ (ЦИА, Димитрија Чуповски, Павел Шатев) нема апсолутно никакви податоци кои воопшто можат да се искористат за утврдување на нивниот кредибилитет и капацитетот да се бават со ваков вид анкети.

 

Анонимност и формирање примерок

 

Трето прашање, исклучително важно за сите анкети (а, посебно за анкетите кои се однесуваат на политичките партии) е анонимноста во процесот на анкетирање. Ниту едно анкетирање направено преку телефон не може да се смета за анонимно. Ова уште на почеток ги проблематизира сите добиени резултати. Посебно во услови кога постои сеопшта партизираност на општеството, кога Владата се појавува како главен работодавач и кога граѓаните можат да бидат на различни начини санкционирани од страна на власта, отсуството на анонимност мора да се земе како значаен фактор на објективноста на добиените резултати. Најголем проблем на анкетата преку телефон е репрезентативноста на примерокот. Овој вид анкета е погоден кога како единица на анализа е домаќинство, а не поединец. Посебно е непогодно за хетерогени групации.

Четвртото прашање се однесува на формирањето на примерокот на испитаници. Ова е посебно важно кога станува збор за анкети на национално ниво каде што е неопходен репрезентативен примерок (кој ќе соодветствува на составот на населението во државата по пол, социјален статус, географска распространетост, етничка припадност, образование …). Случајниот избор не значи хаотичен избор, туку следење многу прецизни процедури и формули кои би требало да ја обезбедат репрезентативноста. Анкетите во Република Македонија  се прават, пред сè, преку телефон. Ваквиот вид анкетирање многу тешко може да обезбеди репрезентативност на примерокот. Имено, како со случаен избор по телефонски именик (на пример) ќе се обезбеди и пол и старост и етничка припадност и професија и социјален статус (карактеристики од исклучително значење при анкетирањето поврзано со политичките афинитети, изборите и прифатливоста на одредени кандидати). Интернет анкетите (кои ги спроведуваат одредени медиуми/портали) воопшто не се ни задржуваат на проблемот на репрезентативност.

 

Од пропагатори до новинари

 

Телефонската анкета многу често значи прибирање екстремни одговори, значи нерепрезентативни одговори, што, ако се надоврзе на нарушувањата на анонимноста (посебно во услови на Република Македонија и во услови кога анкетата ја спроведува тим, кој е поврзан со конкретна политичка партија), отсуство на репрезентативност на интервјуираните и отсуство на анкетарски капацитет, всушност, јасно значи обид да се влијае на јавното мнение без аргументи или друг вид основаност.

Доколку медиумите не сакаат да бидат само пропагатори на одредени политички партии, тие мораат не само да ги постават сиве овие прашања, туку и резултатите од спроведените анкети да ги презентираат во контекст на: изготвувачот на анкетата (поврзаноста со конкретна политичка опција и реалните капацитети за спроведување анкета), употребените процедури, претходниот историјат и резултатите од слични анкети спроведени во истиот период. Само така презентираната информација за определена анкета може да претендира на објективност, а конечниот суд за понудените вредности да се препушти на самата јавност.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести