Нова параноична епизода од политичките хајки
Објавено во Рецензии
on 13 - 06 - 2016 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Катица Јанева по налог на СДСМ продолжува со политичките хајки против ВМРО-ДПМНЕ]
Не треба да се оди подалеку во анализата од насловот и поднасловот, „Катица Јанева по налог на СДСМ продолжува со политичките хајки против ВМРО-ДПМНЕ“, „СДСМ и Катица Јанева започнаа отворање на ново поглавје во политичките хајки во режија на специјалното јавно обвинителство“, за да се увиди дека под нив ќе следува текст – своевиден параноичен напад на оваа институција. Притоа, во написот не се почитуваат основните стандарди во новинарството: вистинитост, пишување факти, повикување на извори, проценка за јавниот интерес за ваков текст…
Линк до оригиналниот напис: Катица Јанева по налог на СДСМ продолжува со политичките хајки против ВМРО-ДПМНЕ
Датум и време на објавување: 09.06.2016 18:22
Датум на рецензирање: 10.06.2016
Рецензент: Александар Писарев
ПАРАНОЈА
Текстот почнува со тешка квалификација против специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и ја става во контекст на политичка поврзаност со опозициската партија СДСМ и со нејзиниот лидер Зоран Заев, од каде, според содржаното толкување, таа добивала наредби за својата работа.
За ова нема никакви факти, а неименуваниот извор на кој написот се повикува не може да се смета за сериозен и се доведува во прашање вистинитоста на кажаното.
Ваквиот пристап во новинарството не само што се граничи со невкус, туку има и сериозни елементи на навреда на една државна институција и на нејзиниот тим, за чие формирање, меѓу другите, гласале и членовите на политичката партија чии интереси текстот се обидува да ги одбрани.
„Евидентно е дека СДСМ нема ниту програма ниту пак визија за политичка борба на идеи и програми за да ја добие поддршката од народот… Жално е што во таа кампања на оцрнување специјалната јавна обвинителка Јанева не успеа да се оттргне од улогата на беспоговорен спроведувач на нарачките на Заев’.
ДРВЕН АДВОКАТ
Во текстот има истовремено и амбивалентен и апологетски приод во експлицитна оценка, при што Груевски се фаворизира, а истовремено за СЈО и за политичкиот противник се употребуваат негативни и напаѓачки зборови, атрибути и оценки.
„Овој најнов изблик на неинвентивна креативност на социјалдемојкратите и социјалдемократското специјално обвинителство има за цел обид за нанесување на штета на угледот на Никола Груевски, кој е најпопуларен македонски политичар со 3 пати поголема поддршка од струмичкиот градоначалник“.
Се прави обид актуелниот лидер на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се амнестира од каква било политичка или кривична одговорност и да му се подигне политичкиот рејтинг. Тоа се прави со отворено обвинување против Катица Јанева дека без причини поднела ццелосно нерационално барање за одредување некакви мерки против Никола Груевски:
„…кого што секојдневно може да го видиме низ македонските градови и села и кој претендира за нов мандат кој е потврден од граѓаните кои во огромна бројка му даваат поддршка“.
Ваквиот, непотпишан, новинарски производ, кој е продукт на параноја која владее во провладините медиуми, е директно спротивен на она што е само пред неколку дена разговарано, договарано и ветено и пред германскиот специјален пратеник за Македонија дека сите осомничени во прислушувањето мора да одговараат. Токму со таа цел партиите и се согласија да се формира Специјално јавно обвинителство, кое треба без пречки и со целосна поддршка од македонските институции да ја извршува својата работа.
Ова е уште еден текст ставен во функција на своевидна оркестрирана медиумска кампања која по куса пауза, повторно, но уште поагресивно од претходно, се води против СЈО заради остварување на одредени политички интереси на владејачката партија.
Повикувањето на домашните и на меѓународните новинарски стандарди и предупредувањето дека тие не се испочитувани, во овој случај е илузорно, бидејќи би требало тука да се препишат речиси сите членови од Кодексот на новинарите на Македонија.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови