verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Ниту вонредна состојба, ниту граѓанска војна

on 28 - 12 - 2016       
Тони Науновски: „За да се избегне граѓанска војна, ќе мора веројатно претседателот на РМ да воведе воена состојба“. Фото: скриншот
Тони Науновски: „За да се избегне граѓанска војна, ќе мора веројатно претседателот на РМ да воведе воена состојба“. Фото: скриншот

 

[Oсврт на настапот на Tони Науновски на емисијата „24 Анализа“ на ТВ „24 Вести“, 21.12.2017 во 21 часот]

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Со месеци наназад, но особено во постизборниот галиматијас на македонската политичка сцена, некои од највисокофреквентните тонови на политичката дискусија ги даваат настапите на аналитичарот Тони Науновски, активист на ГДОМ, универзитетски професор и жесток и гласен застапник на позициите на  ВМРО-ДПМНЕ. Гласноста во одбраната на ставовите на политичкиот врв на владејачката партија особено излезе на виделина на неодамнешниот негов настап во емисијата „24 Анализа“ на телевизијата „24 Вести“, во која тој беше еден од учесниците во дискусијата, покрај професорот Ненад Новковски и колумнистот Агим Јонуз. Настапот на Науновски ќе остане забележан како изразит пример на негативен, потпалувачки говор, закани со елементи на дискриминација, па и говор на омраза насочен кон групации на политички неистомисленици, во полза на партијата која се бори да остане на власт – ВМРО-ДПМНЕ.

 

ПОНИШТУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Она по што ќе остане запаметена неговата дискусија во оваа емисија и поради која доби доста негативни коментари на социјалните мрежи деновиве, е реториката во која доминираа заканите со граѓанска војна. Впрочем, на ова реагираа како и другите дискутанти, така и новинарката која беше водител на емисијата, при што таа повеќепати отворено инсистираше Науновски да се коригира и да внимава на своите искази и на, како што самата го окарактеризира, потпалувачкиот говор. Науновски, кој, инаку, да биде иронијата поголема, е и член на Комисијата за заштита од дискриминација, самостојна државна институција која се занимава со заштита на правата на граѓаните на државата од сите облици на дискриминација, имаше настап пред камерите на „24 Вести“, во кој доста нервозно и без многу трпение се обидуваше да ги надгласи своите контрадискутанти за да доминира неговата повеќепати повторувана застрашувачка порака:

„Или ќе биде признаена големата победа на ВМРО ДПМНЕ на овие избори или претседателот ќе прогласи вонредна состојба и ќе има граѓанска војна!“

На настапот на Науновски, во кој првпат некој кој ги застапува ставовите на ВМРО-ДПМНЕ отворено зборува за граѓанска војна, за постизборно насилство, не останаа рамнодушни ниту присутните во студиото, ниту гледачите пред малите екрани. Но, ставовите што тој ги изнесе во еден арогантен и нетолерантен манир, се само синтетизирање на сето она што како порака наменета за светот надвор од гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, со досега невидено агресивна реторика, го соопштуваа повеќепати и високите партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и нејзиниот лидер Никола Груевски во говорот наречен „проглас“, лично, уште веднаш по изборите. А таа гласи: „Не нè интересира што изборите уште не се завршени (во тек беа прво постапката за приговори пред Државната изборна комисија, потоа пред Управниот суд и на крајот самото прегласување во Теарце), ние сме победниците и никој да не се осмелил да го каже спротивното!“

 

ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ ВО ПОЛЗА НА ОПОЗИЦИЈАТА ИМА, ПОПЛАКИ ДО ДИК – НЕМА

Токму таа застрашувачки недемократска порака, веќе е извесно, дојде да ја пренесе пред гледачите и Науновски, чијшто целокупен настап, сосе невербалниот дел – гестикулациите и мимиката, беше нескриено агресивен, нервозен и на моменти повеќе наликуваше на манири на маалски кавгаџија одошто на интелектуалец и универзитетски професор.

Што го изнервира толку Науновски што ставовите и позициите што дојде да ги брани во емисијата „24 Анализа“ мораше да ги соопштува со висок тон, често прекинувајќи ги соговорниците, упаѓајќи им во збор и покрај обидите на водителката да воспостави ред? Се стекнува впечаток дека тоа е бидејќи другите двајца соговорници, и Новковски и Јонуз, не беа импресионирани ниту со острината на неговиот настап, ниту со тежината на аргументите што ги изнесуваше. Науновски, меѓу другото, тврдеше дека овие избори биле со огромен број на неправилности и дека поради тоа изборниот резултат е таков каков што е, а не е подрастично во полза на ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој изборен процес, според мене е целосно нелегитимен и нелегален и тој треба да биде поништен“,

изјави меѓу другото Науновски, објаснувајќи ја ваквата своја драстична оценка со наводно „докажани изборни регуларности“, но кога новинарката го праша зошто тогаш ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту ДУИ не поднеле ниту еден приговор до Државната изборна комисија, Науновски одговара, за миг збунето:

„Не, не, не, не беше тоа поентата…“

Оваа теза тој уште неколкупати ја пласираше во текот на емисијата, инсистирајќи дека

„треба да се организираат нови, легитимни избори на кои ќе се потврди волјата на граѓаните, а тоа е дека тие ќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ!“

Според него,

„Македонија се наоѓа во хаотична состојба, дури и во похаотична од 2001 година. Имаме јасни победници, ВМРО и ДУИ, а некои центри на моќ антиуставно се обидуваат да ги втурнат во некои валкани политчки игри“

и дека не е исклучена граѓанска војна ако не се признае дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори.

 

НАУНОВСКИ: „БЕСА СЕ КРИМИНАЛЦИ, Ѝ ГИ УКРАЛЕ ГЛАСОВИТЕ НА ДУИ“!

Откако беше опоменат и од новинарката, но и од Јонуз, кој го потсети дека сето она што е јавно искажан збор се рефлектира и на улица, Науновски продолжи да ја развива истата теза, според која државата е исправена пред две сценарија – едното го нарекува „нормално сценарио“, кое ќе дозволи формирање на нова влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и, евентуално, и на ДПА , но ако се реализирало другото сценарио кои наводно го туркале некакви „центри на моќ околу СДСМ“ или како уште ги нарече,

„непријатели на Македонија собрани околу една некогаш голема опозициона партија“,

тогаш, за доброто на оваа држава,

„за да се избегне граѓанска војна, ќе мора веројатно претседателот на РМ да воведе воена состојба и ќе мора тотално да се поништат овие избори!“

Иако интелектуалец, барем според својата академска титула, Науновски не навлезе во објаснување како тој може да најавува воведување на воена состојба во име на претседателот на државата и тоа го прави во иста реченица во која се заканува со насилства и со граѓанска војна доколку една конкретна партија не победи на изборите.

Уште подецидно тој ја обвини партијата Беса, која ја нарече и „таканаречена“, дека се обидела

„на еден полукриминален начин, односно криминален, да ги одземе гласовите кои во голема мерка одеа кај ДПА и кај ДУИ“,

став кој наиде на потсмев повторно од аналитичарот Агим Јонуз, поради тоа што, како што рече, Науновски толку упорно се залага за ДУИ иако партијата, чиишто ставови тој ги застапува, со многу брутални и навредливи квалификации се пресметуваше со ДУИ во текот на предизборната кампања. Новинарката не можеше да се воздржи, а да не искоментира дека нема ништо криминално во тоа што една нова партија излегла на избори и за неа луѓе гласале по сопствена волја, на што Науновски повторно спомена некаков изборен фалсификат, изборни нерегуларности, масовни случаи на поткуп, но и овојпат не одговори зошто тие наводни нерегуларности никој не ги обжалил ако се толку масовни како што вели тој.

 

ГЛАСОВИТЕ ЗА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ СЕ ГЛАСОВИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ

Особено провокативна беше анализата на Науновски за „идеолошката обоеност“ на гласовите дадени на овие вонредни парламентарни избори. Тој тврдеше дека сите гласови дадени за партии со десна идеологија или партии со центристичка определба, какви што се партиите од коалицијата ВМРО за Македонија на Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и на Стојанче Ангелов или од коалицијата за Промени и правда на Павле Трајанов, Јове Кекеновски, по некаква идеолошка паралела паѓаат на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, не објаснувајќи како тие гласови, 34.552, навистина ќе влезат во истото изборно салдо кога ниту една од овие партии и коалиции досега не најавила ниту покажала тенденција да се приближи до ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, во текот на предизборието, тие останаа доследни критичари на политиките на владеjачката коалиција.

И покрај сета леснотија со која Науновски во емисијата ги „пресипуваше“ гласовите на помалите партии на кантарот на ВМРО-ДПМНЕ, не треба ни да се заборави дека еден од истакнатите членови на коалицијата ВМРО за Македонија е Љубе Бошковски, политички опонент на Никола Груевски, кој оваа година го заврши отслужувањето на затворската казна за случајот „Поткуп“ од многумина окарактеризиран како чист политички монтиран случај од страна на власта. Тешко дека некој може да очекува дека Бошковски би прифатил, по сето она што се случуваше со неговото апсење и затворска казна, по бомбите на опозицијата во која стана збор за тоа како и со кои мотиви било подготвувано неговото спектакуларно апсење и особено откако Специјалното јавно обвинителство утврди дека има случај и поведе истражни постапки во случајот наречен „Тортура“ токму за начинот на кој тој беше уапсен во 2011 година.

До денот кога е пишуван овој текст, никој од таборот на ВМРО-ДПМНЕ на ниту еден начин не се огради од негативниот и потпалувачки говор кој професорот Тони Науновски го презентираше во емисијата „24 Анализа“ на телевизијата „24 Вести“, ниту пак се случило да има други јавни настапи на претставници на ова партија кои ќе се одликуваат со помирна реторика и ќе се оградат од експлицитните пројави на говор на омраза на свои истакнати поддржувачи. Но, она што е најважно, тоа е фактот што прегласувањето во Теарце помина мирно, никаква граѓанска војна не се случи ниту, пак, вонредна состојба, Собранието е на пат да се конституира, а преговорите за нова влада течат зад затворени врати, како што е вообичаено.

 

Невербалната комуникација во настапот на Науновски за „24 Анализа“

 

untitled-kolaz-toni-mal-780

Невербалната комуникација – гестови, мимика, тон на говорот, позиција на телото, се поретко анализирани елементи во јавен настап на политичар или јавна личност, иако тие некогаш поречито зборуваат од самите искази на субјектот и многупати е интересно, па и забавно, токму тие да се анализираат. Во емисијата „24 Анализа“, во која гостуваше заедно со Ненад Новкоски  и Агим Јонуз, Тони Науновски манифестираше висок степен на нервоза, која се забележуваше уште на прв поглед. Тонот на говорот од почетокот до крајот на говорењето беше арогантен, со многу реченици кои ги почнуваше со „значи“, особено кога ги соопштуваше клучните пораки:

„Значи, нема никаква техничка влада, ниту решение кои ќе излезе од вообичаените уставни правила за тоа како се формира влада. Значи, ние имаме несомнен победник на овие избори, тоа е ВМРО-ДПМНЕ со 52 пратеника, 51 всушност, и ДУИ со 10 пратеника“.

Поголемиот дел од времето поминато во емисијата, Науновски седи со скрстени раце на градите, со подзамижани очи, што е типично одбранбен став, сигнализирајќи дека ги одбива однапред сите аргументи на соговорниците. Но, кога чувствуваше дека неговите поенти се силни, тогаш говорот на телото се менуваше – исправено торзо, левата рака мангупски закачена за коланот од панталоните, додека со десната гестикулира за да го истакне кажаното:

„Победник е ВМРО ДПМНЕ освен ако некој не сака да му ја украде победата! 20 илјади гласови за ВМРО за Македонија и за Достоинство се гласови на контото на ВМРО ДПМНЕ!“,

одговарајќи му на Новковски, кој тврдеше дека оваа партија, всушност, ги загубила изборите, бидејќи поголем дел од гласачите гласале за други партии, а не за ВМРО ДПМНЕ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *