verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Никогаш не велете му збогум на радиото

on 28 - 01 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
radio-novo-staro-filips-bakelit-1200-dpi-frame
„Ајфон“ со најмодерна интерфејс-конзола и звучници во ретро-стил на старо радио и вистинско бакелитно старо музејско радио. Фото: „Ибеј“ (комерцијална понуда, лево) и Robneild, „Википедија“, 2007, (Bakelite Museum, Somerset, UK, десно)

 

Овој медиум се покажа најприлагодлив на технолошките промени во светот, иако неколкупати беше прежален. Најверен слушател е – човековата осаменост и примордијалната потреба некој глас да биде тука, до вас – од колевка до гроб

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Познатиот дубровнички диџеј, Здравко Кеџо, еднаш ќе рече дека новинарите од весниците цел ден пишуваат и бришат реченици, се мачат, за на крај, божем, да излезат поумни од претходниот ден. На телевизија водителите цел ден се пред огледало, си говорат самите себеси за да излезат, ако може, поубаво. Само на радио може да се види дали е некој навистина умен или не!

Ова е, секако, е едно од многуте поедноставувања на сликата за медиумите, дадена од наш колега, кој до 2002 година работеше во амбасадата на Хрватска во Скопје, а сега е докторант по политички науки на Универзитетот во Загреб. Ама, мора нешто кај радио-водителите да е одговорно за жилавоста на овој медиум, кому одамна му предвидуваат крај. Посебно кога се појави неговиот технолошки близнак (по начинот на пренесувањето и приемот на сигналите) – телевизијата. Потоа се појави и персоналниот сметач и сите пак рекоа – збогум радио! Радиото сѐ уште функционира и неодамна стигнаа и процени дека некои изгубени жанрови, како радио-драмата, се враќаат во етерот.

 

АМЕРИКА СЛУША САМО РАДИО

Ако знаеме на што се должи долгиот животен век на медиумот, веројатно ќе одговориме на тоа – зошто тој има и иднина! Според една од најпознатите американски радио-водителки, Џули Брнстин, која 25 години работи во разни шоуа и има добиено бројни признанија за својата креативност, блискоста на гласот до примордијалните искуства на поединецот веројатно е клучот. Значи, според неа:

„радиото неколкупати е прогласено за мртво, но во САД сѐ уште се слуша радио кај 92 отсто од населението. Слушањето приказни отсекогаш било едно од најважните човечки искуства. Гласовите ги слушаме од своите родители пред да се родиме, а до крајот на животот сѐ уште се бараат приказни – и гласови – да знаеме дека некој има крај нас и во последните мигови од животот“.

Искуството на потписникот на текстот потврдува дека нему, како не особено голем дружбеник на радио-програмите, во војничките денови малиот и лесен за криење предмет наречен транзистор му правел друштво и на најневозможни простори и во најглуви часови. Малото вревливо „гаџетче“ (по модерните речници) не бара ништо, ни претплата, ни особена грижа, освен по некоја нова батерија одвреме-навреме.

Зошто во САД има толку многу слушатели на радио-програмите? Едноставно, тоа е континент, огромен простор на кој се расфрлени луѓето, по ранчеви, бензински станици, под некое пустинско небо… Нема услови за кабловска, уште помалку за класични репетитори, кои исчезнуваат, ама радио-брановите патуваат. Дали би било поинаку во бразилските џунгли, на падините на Кордилјерите, каде некој научник ги брои преживеаните лами, во сибирската тајга? Колку многу места каде човековата осаменост го добива својот ненадеен утешител. Радио слушате и кога возите, ама не можете да читате весници, уште помалку да гледате и ТВ, иако можеби имате телевизиски приемник во возилото!

 

ТОЛКУ МНОГУ ТЕХНИКА, ТОЛКУ МАЛКУ ЛУЃЕ

Втората причина, се чини, е самиот факт што радиото некако најлесно преку себе ги прекршува техничките иновативности! Во 1960 година „Сони“ го претстави првиот транзистор – каков беше тоа само полет за радио-програмите! Во 1994 година имавме најбрз влез на софтверското програмирање токму во радио-програмите (проект „Дарпа“) и така се олесни нивното претставување: имавме толку многу техника, а во рацете на толку малку луѓе!
Да не говориме за оние многубројни слушатели кои го искористија интернетот, всушност, за да се прошири можноста за пристап до радио-програмите по своја волја и избор, со малку фантазија, да им се додаде визуелната компонента (погледнете овде) и згора, се овозможува програмата да не мора да се слуша во моментот кога се емитува, туку кога сакате. На навистина неочекуван начин, спојот на интернетот и на радиото стана одлична алатка за оние кои сакаат да раскажуваат и, згора на тоа, самите да видат како им звучи гласот.

Радио-водителот Пјер Орлиќ во една дискусија на оваа тема ламентира:

„Некаде кон крајот на 70-тите години на минатиот век, Buggles пееше ’Видеото ја уби радио ѕвездата’. Кога во 1981 година, се појави MTV, се чини дека Buggles биле во право. Сепак, радио уште е тука. Вистината не е онаква каква што беше во времето на Орсон Велс и неговата ’Војна на световите’ во 1938 година, но тоа е таму. Различно. Сосема поинаквo.“

Сликите на радиото се поубави отколку на ТВ (го препорачуваме ова негово интересно интервју).

 

БЕСКОНЕЧЕН ЏУБОКС

Но, оваа романтична слика за радиото тешко е вклоплива во нашите лични искуства. Она што секако тука, дома, кај нас – кога ќе се спомене радио-програмата – веднаш се јавува како асоцијација, е стереотипот, во форма на бесконечен џубокс, пред сè, и поради фактот дека кај нас долго време, а можеби и сега, музичките честититки беа главен извор на приходи, особено по малите радио-станици,

Но, ако, особено преку ден кога конкуренцијата е најголема, почнете да пребарувате радио-станици, ќе се види дека доминира т.н. водителска програма (со еден водител) или групно правена програма (да ја споменеме „Петар за појадок и пауза“, која ја прават тројца водители), а која има убав микс на информации, музика и – она што се чини најважно – пријатен, шеговит, ненагласен повик за контакти, при што водителот/водителите ги спојуваат индивидуалните светови на слушателите од домовите или работните места во едно заедничко, групно доживување.

Предноста на радиото е што својата проекција не ја сведува на ограничено време и што таму, во еден миг времето како и да застанува. Во весниците сѐ се мери „на цицери“, се оставаат маргини, сѐ спаѓа во „дед лајнови“, на телевизијата се работи со часовници за стопирање, ама атмосферата кај радиото е просто „лангзам“. Оние што даваат реклами, ако тие не се однапред местени (а, кај нас секако се) би виделе и дека приемот на пораките „за пари“ е полесен и изгледа помалку стереотипно токму на радиото.

Таа форма, ајде да ја наречеме, на прес-радио, ни дава и водител кој (зачудувачки) има поголема слобода од сите негови колеги од другите медиуми. Веројатно, бидејќи, цензорите (интерните) и не очекуваат дека меѓу две музички нумери („меѓу Васка и Виолета“) може да влезе толку многу политика или „економија“ што сите се „на едно уво“! Ова до скоро можеше да биде и предност на радио-програмата, ама од неодамна сме сведоци на засилени напори на политичката власт да загосподари и на радио-брановите преку сопствено кофинансирање (рекламни пораки) на некои од нив.

Да, радиото навистина не е мртво. Ете, признаваат и од Илинденска број 2.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести