verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Невидливи автори: Фантомски текстови од страв или од срам ?!

on 7 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Чиј глас се слуша преку анонимните текстови? Фото: HonestReporting.org, 2014
Чиј глас се слуша преку анонимните текстови? Фото: HonestReporting.org, 2014

 

Новинарот го гради своето име како „бренд“ од кој живее. Но, на оние новинари, кои доброволно се решиле да бидат „невидливи“, тоа не им е потребно.

 

Пишува: Владе Ѓорчев

 

Како никогаш досега, тенденција на пораст има појавата да се објавуваат текстови зад кои не стои автор, туку одговорноста ја презема рубриката или редакцијата. Оваа практика особено се применува во случаи кога треба да се нападне некоја институција (Специјално јавно обвинителство, на пример) или да се навреди и да се омаловажи некој висок функционер на опозициска политичка партија.

 

НЕДОСТИГ ОД ХРАБРОСТ

Сепак, за текстот е многу важно да има добра опрема, со што и најмногу се привлекува вниманието на читателите. Но, кога ќе се прочита редакциски потпишан текст, секогаш се јавува сомнеж дали тој е веродостоен?

Недостигот од храброст да се потпише текст – памфлет, укажува на повеќегодишно планско и систематско деперсонализирање на македонското новинарство, каде не е важно дали и кој ќе го потпише текстот, важно е да не се направи грешка и во своето „новинарско размислување“ да се доведе во прашање безгрешноста на власта. Притоа, секој што ќе се обиде да ја наруши или искриви идиличната слика за Македонија, која власта ја креира како „најубавото место за живеење, најмалку задолжена држава во Европа, со најголми субвенции за земјоделците, каде демократијата и слободата на печатот доживуваат невиден процут…“, и ќе ја покаже реалноста на македонското општество во кое се случуваат апсења, репресија, затоврање на опозициските медиуми, блокирање на критички мислења, прогласување на предавници, државни непријатели и странски платеници.

zarko jordanovskiСпоред Жарко Јордановски, долгогодишен новинар и заменик на главниот и одговорен уредник на „Слободен печат“, непотпишувањето на објавен текст се прави од различни причини.

„Една е кога се сака да се деперсонализира одреден став, односно да му се даде тежина зад која стои колективот, редакцијата. Такви можат да се потпишуваат како став или дело на редакцијата, со иницијали на редакцијата и слично. Такви се одредени извинувања, деманти, дисклејмери, објави за предизборни правила на однесување или важни редакциски коментари кои ги објавува медиумот за одредени теми, а некогаш и за теми или стории во кои е инволвиран и самиот медиум. Исто така, можни се непотпишани дневни коментари на разни теми, сме имале такви во повеќе весници каде што сум работел, кои се сметаат за став на редакцијата. Целта на ваквиот облик на анонимност е да му се даде поголема тежина на еден став, тој да се прикаже како заедничка уредувачка или деловна политика и да се избегне тој да се поврзе со конкретна личност. Постојат и цели весници, претежно стручни, фанзини, економски или политички памфлети, чии текстови комплетно се непотпишани за да се нагласи одредена идеологија и да се избегнат замките на личниот настап“, вели Јордановски.

 

СЛУЧАЈ СО ТРАДИЦИЈА

Таков е случајот со англискиот „Економист“, кој, исто така, објавува текстови кои не се авторски потпишани, но овде станува збор за традиција од 19 век, кога важеле други правила и кога многу се полагало на скромноста во склад со обичаите од тоа време. Арно ама, за разлика од сегашната практика кај  нас, кога непотпишувањето се прави за да се скрие авторот и тој да остане непознат, кај „Економист“ авторот е познат на целата редакција и, по барање, може да се дознае кој е. Тоа не е проблем. Непотпишувањето е останато само за да се задржи традицијата.

„Тоа е една, би рекол, разбирлива или оправдана примена на непотпишан новинарски текст. Друга примена на анонимноста е да се избегне судска, новинарска или каква било друга јавна одговорност за напишан новинарски текст, по правило со крајно сомнителна содржина, со неточни или извртени факти, дезинформации, лаги кои се пласираат во јавноста. Едноставно, за новинарски полуфабрикати, клевети кои некој сака да ги лиферува во јавноста, но никој не сака да ги поткрепи со своето име и презиме. Сведоци сме на таа појава во Македонија, особено со појавата на интернет. Тоа е едно интелектуално подземје, кое вегетира на маргините на новинарскиот јавен живот, а сигурен сум, се финансира од политичките и од коруптивни центри кои имаат интерес овие сомнитени содржини да влезат во јавен оптек. Луѓето што работат во тие медиуми ниту сакаат да знаат што е чесна, професионална новинарска работа, не ги интересира ниту вистина, ниту фактичка состојба, најмалку манири на убаво однесување или убаво пишување, граматика или слично, ниту имаа намера некогаш со тоа да се занимаваат“, вели Јордановски.

marina tunevaПотпишувањето на текстовите од редакцијата или рубриката понекогаш се користи во околности кога се работи за прашање или тема за која редакцијата сака да зборува во еден глас или, пак, кога се известува за голема сторија од непроценливо значење, вели извршниот директор на Совет за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева.

„Но тоа, според мене, треба да се прави во исклучителни ситуации, многу внимателно и во консултација со уредниците. Доколку се премине кон таков чекор, потребно е и добро да се размисли како ќе се биде транспарентен и одговорен кон јавноста. На пример, во светско познатото списание „Економист“ постои практика на анонимност во пишувањето на некои текстови, но тоа се аргументира со ставот дека тоа што е напишано е многу поважно отколку тоа кој е автор на текстот. Или, според зборовите на Џофри Краутер, анонимноста од уредникот не прави господар, туку слуга на нешто што е многу поголемо и поважно отколку што е тој самиот… и на весникот му овозможува да застане со силен став и принцип. За жал, во денешно време, новинарството кај нас, во основа, е многу далеку од таа практика. Неретко проблемот со непотпишување на текстовите е поврзан со други тенденции, меѓу кои би ги споменала тенденциозното и еднострано известување, селективноста и пристрасноста во обработка на информациите, пропагандата, шпекулациите…“, вели Тунева.

Пишувањето под псевдоним, според Тунева, се случува и во околности кога е загрозена безбедноста на новинарите. Но, доколку навистина се смета дека некому му е потребна заштита, тогаш тоа мора да биде направено на посигурен начин. Криењето на името нема да го постигне тој ефект.

„Транспарентноста е неопходна димензија во односот што новинарите и редакциите го имаат со својата публика. Транспарентноста е поврзана и со одговорноста. Новинарите и редакциите треба да бидат етични исто како и носителите на други професии – лекари, адвокати и други професионалци. Новинарите и редакциите се тие што треба да определат дали анонимноста е корисна на сметка на можните негативни ефекти што ќе ги предизвика криењето на идентитетот. Работењето на медиумите не смее да се мистифицира, а информациите да се соопштуваат под превезот на скриениот или лажниот идентитет. Секој новинар треба да носи одговорност за селекцијата на информациите и на фактите и да биде одговорен за некоректноста во известувањето. Непотпишаните текстови не смеат да бидат заштита и бегање од таквата одговорност“, смета Тунева.

 

ИМЕТО Е БРЕНД НА НОВИНАРОТ

Мора да се има предвид, сметаат нашите соговорници, дека практиката на анонимност во пишувањето создава „сив“ простор за етиката. Таквата практика не смее да се злоупотребува на сметка на професионалните стандарди, кои секогаш мора да се почитуваат.

Не помалку штетно е и кога новинарите ставаат потпис зад текстови чии автори не се тие самите, туку се под „диригентската палка“ на некој што го контролира нивното работење.

Стандардите секогаш треба да се почитуваат, но тие може да бидат добри само доколку и добро се применуваат. Ако анонимноста се користи за непрофесионално, нечесно и пристрасно известување, тоа води до кардинален грев во новинарството и апсолутно кршење на Кодексот на новинари.

Новинарот го гради своето име како „бренд“ од кој живее. Но, на оние новинари што доброволно се решиле да бидат „невидливи“, тоа не им е потребно. Тоа е дел од пропагандната пресметка на партиите и тука завршува нивната улога – во интерес на нивните ментори да шират невистини за една политичка партија и отворено застанувајќи на страната на друга политичка оција. На нив се надоврзува и армијата на дигитални „борци“ кои оперираат на социјалните мрежи со лажни, измислени профили и слично. Тоа е еден валкан полусвет, кој постепено пенетрира и ја јаде пристојната новинарска јавност, така што границата меѓу овие сфери станува сè помаглива.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести

Sorry. No data so far.

Sorry. No data so far.