verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неработењето на стручните служби, нивното влијание врз функционирањето на судовите и релативно молчеливите медиуми

on 23 - 04 - 2015       
5070652489_aa87161af5_b
Судските служби – господари на хартиите без кои судовите не можат да функционираат. Фото: Paul Jacobson, 2010

 

 

На почетокот на месецов, речиси незабележано од медиумите помина најавата на судските служби дека ќе ја блокираат работата на судовите доколку не се направат измени во Законот за судска служба, кој е донесен во февруари 2014 година.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доцент-доктор по меѓународно право

 

Речиси со идентичен наслов, веста ја пренесоа само еден дневен весник, една телевизија и неколку интернет-портали:

Речиси истовремено, ударна вест во најголем дел од печатените и од електронските медиуми беа информацијата дека Судскиот совет ќе ја оценува работата на судовите во земјава и ставот на Европската комисија дека нема потреба да ја следи работата на Обвинителството во РМ.

Зошто вториве информации го привлекоа вниманието на новинарската јавност во земјава, а оние кои произлегоа од вработените во судството не добија медиумска презентација на потребното ниво?

Репрезентативноста на соопштувачот на информацијата не би требало да биде доведена под знак прашање бидејќи станува збор за првиот човек на Здружението на судската администрација. Тој е, всушност, најлегитимно повиканата личност која треба да го соопшти ставот на членството. Зошто, тогаш, од повеќето медиуми се игнорира бројката на вработени во судовите кои се многу побројни од судиите и чие неработење, ако не повеќе, барем во иста мера ќе го наруши кредибилитетот на судството во земјава?

Фактот дека е посочено конкретно законско решение, донесено пред една година како проблем кој треба да се коригира, е доволна рамка медиумите да се обидат да го проучат проблемот и да им објаснат на своите читатели, слушатели или гледачи дали реакцијата на вработените во судовите е коректна и потребна (неопходна), или, пак, се само загрижени за намалувањето на привилегиите што ги имале, но не и за функционирањето на судовите во кои работат.

 

ВРХОВНИОТ СУД КАКО МЕНАЏЕР НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ

Законот за судска служба, кој е посочен како проблематичен, иако, според зборовите на првиот човек на Здружението, подолго време се дебатирал со Министерството за информатичко општество и администрација, сепак не резултирал со очекуваните ефекти. Забелешките, кои примарно се наведени како дискутабилни и неприфатливи, се во делот на оценувањето на работата на судските службеници и начините на кои тоа треба да се реализира, како и нивниот третман како јавна администрација. Забелешки има и во делот на постојните права, кои со ова законско решение се однесуваат и на порано вработените лица по друга законска основа, а не само на нововработените лица во судската служба.

Судските службеници во рамките на својата надлежност се должни да им обезбедат на граѓаните ефикасно и законито остварување на нивните уставни слободи, права и интереси во постапките пред судовите. Нивните работни позиции се класификувани врз основа на одговорноста, целите, видот и на сложеноста на работите и на работните задачи на работното место, но и на потребните стручни квалификации, работното искуство во струката, општите и посебните работни компетенции и други критериуми од значење за работното место. Ова е дадено како определба во Законот за судска служба (чл. 6 ) при што Советот на судска служба, формиран во рамките на Врховниот суд на РМ, има обврска да решава во жалбените постапки за прием и за престанок на работен однос во судската служба (чл 13, 14, 15). Ова стои во Законот за судска служба и е достапно, па медиумите можеле да го искористат и овој аспект во пренесувањето на состојбите (кои, со оглед на тоа што се најавува протест и неработење, не се за занемарување).

Медиумите, генерално, дури и тие кои ја пренесоа информацијата, заборавија дека судството во земјава не е составено само од судиите, кои како своја примарна задача имаат обврска да ја изрекуваат правдата базирана врз докази. Голем дел од ангажманот кој резултира со праведна пресуда е токму на луѓето кои се групирани во споменатата општа категорија „судска служба“, опфатена со посочениот Закон, кој е дискутабилен и неприфатлив за нив.

Аргументите на Здружението дека во Законот има само една мотивирачка, а дузина демотивирачки причини да се биде во судска служба, фактот дека има одлив на квалитетните правници во приватниот сектор, важноста на Законот ретроактивно, иако станува збор за понеповолни ситуации за вработените, исто така се пропуштени да бидат анализирани од медиумите како можност да се согледа состојбата во оваа сфера на еден поинаков начин од вообичаениот, кога најчесто се критички расположени кон донесени пресуди или, пак, поради бавност и неажурност на постапките, нешто што се смета за препознатлив опис на судовите во земјава.

 

КАДЕ Е МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА

Бидејќи поводот е најавен протест во судството како еден од секторите каде граѓаните постојано имаат најразлични потреби за реализација и доколку тој се случи, ќе имаат проблеми во нивното остварување, медиумите имаа обврска посериозно да ја сфатат суштината на проблемот.

Тие требаше да прашаат зошто е проблем за судската служба да се поистоветува со другите државни службеници, дали навистина на секој во хиерархијата на службата му е потребно да познава определено ниво на странски јазик и истото да го докажува со сертификат, кој ќе ги сноси трошоците за тие полагања, до каде е постапката пред Уставниот суд за стопирање на Законот.

Исто така, мошне важен момент е да се слушне ставот на Министерството за правда, бидејќи во ниту една информација како читатели не може да ни биде јасно дали тоа стои зад Законот како негов предлагач (и, пред сѐ, поради тоа што опфаќа 99 отсто од вработените во судовите), бидејќи она што стои во информациите е дека револтот на судската служба е насочен кон Министерството за информатичко општество и администрација.

Логично е да се постави прашањето кој го предложил овој закон, зошто во фазите на негова подготовка не било вклучено Здружението на судска администрација како репрезент за вработените, зошто се јавуваат дури една година по неговото донесување.

Единствено „Плусинфо“ пренесе дека една година овој Закон е  тема на дебата со  Министерството за информатичко општество и администрација, кое очигледно нема намера за направи промени, а Министерството за правда, кое ќе ги трпи последиците, е целосно ставено на страна во целиот тој процес.

Ова се само дел од прашањата за кои не е направен обид да се добие одговор од пренесувачите на веста (некаде и информацијата) за сензитивно прашање во сферата на правосудниот систем во земјава.

Ако мотивот на претседателот на Здружението на судската администрација бил да ја анимира јавноста за нивниот проблем, што е сосема легитимен начин на дејствување, мотивот на медиумите треба да биде да ја информираат својата публика. Со ваков начин на нецелосно известување, тоа не може да биде постигнато.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести